Рај

режија: Андреј Кончаловски

Човекот познат како „постариот брат на Никита Михалков“ пред сè поради подобрата позиционираност на помладиот филмаџија (а веројатно и поради Оскарот за Изгорени од сонцето во фаталната 1994 година за Милчо Манчевски, и македонската кинематографија во целост), во своите доцни и зрели години ги сними своите најдобри дела во кариерата.
Неговиот животен пат е прилично шаренолик, почнувајќи од филмските студии во младоста, каде се запознава со гуруто Андреј Тарковски, кому му асистира при снимањето на антологиските „Ивановото детство“ (1962) и „Андреј Рубљев“ (1966). Откако по своите први целовечерни обиди, (меѓу кои и неколку цензурирани и сочувани одредено време во бункер) ќе се прослави со прекрасниот „Сиберијада“ (1979), неговата кариера ќе добие интернационална димензија. Од таа авантура вреден за споменување е „Љубовниците на Марија“ (1984), култен филмофилски наслов, а подоцна кариерата му беше ‘обременета’ со комерцијалните холивудски акциони комедии од 1989 година, „Танго и Кеш“ (со Силвестер Сталоне и Курт Расел) и „Хомер и Еди“ (со Вупи Голдберг и Џејмс Белуши). Во 90-те Кончаловски се враќа во постсоветска Русија и претежно се занимава со театар (неговата вечна опсесија – Чехов), но и со телевизиски серии (кога снемува парички, тркнува и до Холивуд да сними пар епизоди од познати серијали), итн.

AK_R
Толку голем вовед за Кончаловски можеби не беше потребен, но сето ова во контекст на неговото созревање како автор споменато уште во првата реченица од текстот. Имено, рускиот режисер со своите две последни остварувања доби две Сребрени мечки во Венеција за најдобар режисер, со што конечно ја валоризираше сета своја досегашна работа на сребрениот екран. Иако во сенка на Михалков, кој е вистински маг во новата руска кинематографија (ако Црвениот плоштад треба десет дена да биде комплетно затворен за снимање на одредена сцена, тогаш тој и ќе биде затворен без око да му/им трепне), „постариот брат“ токму годинивие доживува вистинска ренесанса, и со право, бидејќи неговите два лауреата, „Белите ноќи на поштарот Алексеј Трипицин“ (2014), и особено „Рај“ (2016), се вистински мали филмски бисери.

И конечно, фокус врз филмот на оваа филмска опсервација, симболично насловен „Рај“. Дејствието на оваа руско-германска копродукција е сместено во 1942 година на француска и германска територија, и ги следи приказните на трите ликови чии животни судбини се испреплетуваат во лудилото на Втората светска војна. Нивната позиционираност е со различни појдовни точки: Жил е француски полициски наредник, кој иако не сака да признае, сепак е соработник на СС службите; Олга е пребегната руска благородничка која поради човечкото во неа, да крие еврејски деца за да не бидат депортирани, и самата на крајот ќе заглави во концентрационен логор, каде во игра влегува и третиот главен лик, Хелмут, високо позициониран германски офицер и пред сè идеалист и романтик во однос на Нацизмот, кај кому љубовта кон Олга од една далечна романса меѓу нив сепак на крајот ќе добие поголема тежина отколку љубовта кон семоќниот и безгрешен Фирер.

AK_R.2

Досега сме гледале многу филмови на тема „Холокауст“, и ретко кој од нив отскокнувал во односот кон темата. Филмот на Кончаловски се одвојува од мноштвото бидејќи успеал режисерски смислено да изгради приказна во која играниот дел и документаристиката успешно се прлеваат и надополнуваат, како две страни на истиот медал. Со цел максимално доловувањето на ужасот низ кој поминале трите ликови, а со нив и милиони луѓе за време на најголемиот колеж во 20. век, Кончаловски решава да одбере речиси непознати актери, за идентификацијата на публиката со нив да биде што поуспешна, па дури и кога се работи за Јулија Висоцкаја која ја игра Олга, која иако е сопруга на самиот Кончаловски, сепак е релативно непозната за поширокиот европски и светски аудиториум. Башка, за уште поавтентичен впечаток, и самиот филм е сниман во три различни земји (Франција, германија и Русија) и во него се зборува и комуницира токму на овие три јазика. Но како режисерска постапка која ве освојува како гледач во убедливоста на она што го гледате на екранот е решението трите главни лика приказната да ја водат со кратки интервјуа пред камерата, помеѓу секоја следна сцена, со што нивните персони добиваат сосема реална димезнија, тие едноставно очовечуваат, и со таа интервенција сета поставеност на работите добива поинакво, подлабоко суштинско значење.

Инаку, во однос на Холокауст сцените и останатите секвенци, Кончаловски не се трудел премногу и се’ се сведува на драма одиграна во ентериерни услови со позната сценографија и костимографија, но затоа дијалозите и перфектната актерска игра се оние кои го поместуваат ова остварување на едно ново ниво. Покрај тоа, режисерот не заборава да направи и посвета на славната руска кинематографија од минатото, снимајќи го филмот во црно и бело со рефлексија карактеристична за раните руски филмови, како славниот „Човек со камера“ на Ѕига Вертов. И генерално, целиот дизајн на филмот, со завршувањето на филмската лента при интервјуирањето на трите лика, при проектирањето на филмот од забавата во Италија на која се запознале Хелмут и Олга, и останатите такви мали трикчиња, го прават „Рај“ филм со поетично-романтична занаетска нота, и покрај сериозната тема со која се занимава.
Веќе споменав, сме гледале многу филмови на тема Холокауст, но од секој има да се научи нешто ново, па така и од ова остварување. Во „Рај“ е интересен моментот кога заколнатиот Нацист Хелмут, кој совршено знае руски и ги обожува Чехов и Толстој, изјавува дека му се допаѓаат Бољшевиците и дека доколку се родел во Русија, би бил комунист. Во филмот, меѓу другото, дознаваме и дека вереницата на Чехов била Еврејка и дека завршила во конц-логор; Хитлер имал намера, доколку ја освоел Европа, да најде замена во некој млад лидер, а тој конечно, шетајќи низ Фиренца, Верона и Рим да ја реализира својата вечна амбиција да стане реализиран и признаен уметник; и како врв на овие (филмски) вистини, нешто што звучи многу блиско и познато: „Што има врска колку краделе“, му вели управникот на логорот на Хелмут кој му врши инспекција, „кога сите работат за остварување и реализација на нашата голема идеја?“

Сè на сè, „Рај“ е комплексно дело после чие гледање (трае 131 минута) чиниш поминале сцени од половина светска војна пред твоите очи. Рајот на земјата Нацистите не успеале да го реализираат, но Кончаловски како да сака да не’ потсети на неговото постојано будење во децениите наназад, како плашило кое секогаш се заканува дека може повторно да ја клекне Европа на колена. Дали учиме од историјата или и понатаму сме тотални утки? М?

 

The Love Witch
режија: Anna Biller

21.07.2017

Хоророт често бил начин да му се погледне на табуто во очи. Во ера кога политички некоректните потези се дочекуваат на нож, хорор филмовите стануваат ...

20.07.2017

Пред некој ден во Сули ан домашните филмофили имаа можност на големото платно да го гледаат убедливо најдобриот европски филм за минатата 2016 година, „Тони ...