Жаба

режија: Елмир Јукиќ

[ ]

Секоја чест за селекцијата „Гала премиера“ во киното „Милениум“, во чии рамки на „Синедејс“ можат да се видат новите остварувања на ѕверки како Акин, Ханеке, Херцог, Озон, но селекцијата „СинеБалкан“ во малото кино „Фросина“ е сепак она суштинското за овие простори. Синоќа на програмата домашната публика повторно можеше да го гледа босанскиот филм „Жаба“ на Елмир Јукиќ, откако истиот доживеа премиера на „Браќа Манаки“ во Битола, па дури се закити и со наградата „Бронзена камера 300“ за работата на кинематограферот Дејан Димески. Тој е дел од македонската екипа во ова остварување, бидејќи филмот финансиски го поддржа и Агенцијата за филм на РМ, дел од парите се обезбедени и од Србија и Хрватска, а финансиската конструкција ја заокружува поддршката од „Еуроимаж“, впрочем, како и повеќето балкански остварувања прикажани деновиве на фестивалот во Скопје.

zz2
Најпрво што треба да се знае е дека „Жаба“ е всушност екранизација на истоимената претстава која во изминатите години излезе и надвор од балканскиот лонец, играјќи пред преполни сали и на останатите меридијани (исто како и филмската адаптација на „Балканот не е мртов“ во режија на Александар Поповски, по текст на Дејан Дуковски). По тој успех веројатно на екипата и’ било логично оваа сугестивна приказна да ја претвори и во филм во кој истите актери ги толкуваат истите улоги, веројатно со цел за да ја опфати и онаа публика која не ја гледала театарската претстава, но и за век-и-вјеков да ја остави во аманет оваа приказна на филмска лента за некои идни балкански генерации кои треба да учат од историјата. И токму во овој факт лежи квалитетот на крајниот филмски продукт, кој претставува камерна игра на тројца протагонисти, во која сценариото е она кое плени, а останатото е чиста занаетска реализација без премногу експерименти.
Елмир Јукиќ е познат по режијата на мега-популарната телевизиска серија „Луд, збунет, нормален“, со 261 епизода во која брилјираат Мустафа Надаревиќ и останата актерска екипа. Следејќи го сличниот принцип на реализација, режисерот не’ затвора во една еснафска сараевска берберница, во која принципиелниот газда Зеко, одлично одигран од Емир Хаџихафизбеговиќ, на славење на Бајрам ги вика неговиот помлад брат Брацо (Александар Сексан) и пријателот Швабо (Мирсад Тука). Но, покрај свечениот момент зачинет со кафе и баклава, неговата цел е да го одврати братот од коцкањето и алкохолизмот, а пријателот-таксист од неверствата кон својата жена. Откако ќе ги изгуби и обајцата, кои му велат дека нема шанси да се сменат, неговото самоубиство ќе го спречи случајниот продавач на книги, по што следи гратис бричење.
Маестралниот текст на Дубравко Михановиќ, кому во филмската адаптација му асистираше Пјер Жалица, низ оваа психолошка игра на мештаните од Баш чаршијата непосредно ни зборува за изгубениот дух на градот кој некогаш блескал со човечност. Духот на Сараево сега е заробен во приказните на тројцата главни протагонисти за некогашната фудбалска екипа на Зеко, за првите сексуални искуства во семејната „ајкула“, за почитта кон постарите… а реалното, олимписко Сараево, е запоседнато од дојденци кои рушат сè пред себе. Но, (по)старата генерација, меѓу која се и Зеко, Брацо и Швабо е онаа која сè уште има мисија да спојува, а не да разделува (прекрасната приказна за спасувањето на иконата на св. Никола, која сега има посебно место во дуќанот). Клучен момент во филмот е отворањето на темата за воените ветерани во Босна и за нивната пост-трауматска состојба, во која, според Зеко, повеќето пријатели креваат рака врз своите најблиски, а ниту тој не е исклучок. „Кој е во право: оној што војувал или оној што избегал, па се вратил?“ е едно од прашањата со кои се занимава овој филм, во кој, и покрај на моменти мрачната атмосфера, она што се издвојува како квалитет е исполнетоста со надалеку познатиот босански хумор во текот на целото дејствие, дури и кога меѓучовечките односи го достигнуваат својот врв со брич под грлото.
Со сето ова, „Жаба“ е уште едно од оние балкански остварувања во изминативе две декади кои испраќаат бескомпромисна анти-воена порака за грозоморијата од 90-те никогаш да не се повторат. Таа порака е силна, и треба постојано да се повторува, за да не се заборави.
А „жабата“? Па, жабата го спасува Токио, а нејзиниот пријател запознава медицинска сестра и се решава за нов живот. А кај Зеко во дуќан влегува мачка. 

 

Европската вожња на скопската линија
Кон фестивалот Cinedays 9-19 ноември

24.11.2017

Од 9 до 19 ноември, во организација на Младинскиот културен центар се одржа 16-то издание на меѓународниот фестивал на европски филм Cinedays. Овогодинешното мото на фестивалот ...

21.11.2017

На затворањето на „Синедејс“ во неделата се случи македонската премиера на „Исцелител“, дебитантското остварување на режисерот Ѓорче Ставревски, кој по долгогодишна работа на ова негово ...