Исцелител

режија: Ѓорче Ставревски

[ ]

На затворањето на „Синедејс“ во неделата се случи македонската премиера на „Исцелител“, дебитантското остварување на режисерот Ѓорче Ставревски, кој по долгогодишна работа на ова негово прво чедо конечно ни го подари нам, на публиката, надевајќи се дека на моменти непријатните пост-продукциски искуства сепак на крајот ќе имаат исцелувачка моќ врз неговиот филмски ентузијазам, зашто, едноставно, мора да биде така и никако поинаку. Филмот веќе игра на редовен репертоар во „Милениум“ и „Синеплекс“, а прекрасна увертира имаше само две недели претходно, кога на Солунскиот филмски фестивал екипата ја доби наградата од фестивалската публика, што понекогаш е далеку подрага, посуштинска и со многу поголема тежина отколку официјалните награди доделени од жирито, кои честопати се мерат на некаков си (лоби/политички) кантар. Затоа сега Ставревски слободно може да викне: „Солун е НАШ!“, бидејќи, според информациите, само еден филм пред „Исцелител“ добил поголем број на гласови од публиката во долгогодишната историја на престижниот фестивал.

 

Во филмот на Ѓорче главниот лик вози велосипед, како коментар кон сè позагадениот воздух кој го дишиме. Користењето на марихуана, иако отпрвин во тајност, ја добива онаа посакувана нотка на растеретено гледање на нештата, за разлика од сериозниот пристап кон оваа тема во медиумите. Здравствениот систем е во комплетен распад, „Мој термин“ предизвикува поголеми нервози, аптеките гледаат да го одерат муштеријата/пациент на месечна основа со постојано зголемување на цените на лековите, па не зачудува што слоганот „ако немаш за лек, јади колачи“ станува главно мото и слоган на филмот, суптилно потсетувајќи нè на една друга изјава од не толку далечното минато во која колачите беа чоколади. Овие, и уште неколку (пот)слоеви се доволна политичко-социјална ангажираност на еден автор-почетник во однос на општествената кал во која сите сме заглавени. Но, круцијалната вредност на ова остварување е што истото ни ја дава досега можеби најдобро разработената релација „татко-син“ во македонската кинематографија. Веле и Саздо се еден вид прототип на македонски татко и син од работничката класа каде постариот е тврдоглав мргод кој мрчи за сè, особено кога се работи за здравствените проблеми, а помладиот е оној кој колку-толку се обидува да ја повлече работата напред. „Ќе му пукаш на ракот во нога?“ Одлично! Ова е доказ дека кога ќе се седне и сценариото ќе се подготви до најмалиот детаљ, на крајот излегува и квалитетно филмско дело, нешта со кои домашниот филм не може баш да се пофали. Во овој процес на Ставревски во изминатите години сесрдно му помогна и поддршката од неколку фондации за развој на сценарио, на кои нашите млади филмаџии мораат да учествуваат во иднина и да си ги пробаат своите квалитети со останатите учесници од Европа. За опис на семејната состојба во која се наоѓаат, Ставревски оди и чекор понатаму, користејќи места за одигрување на клучните сцени кои сите ние добро ги знаеме, но чиј сјај е одамна заминат. Но, со нивното избирање, тој како да сака да ги овековечи на големото платно за век и веков. Луна паркот веројатно набргу ќе добие нов лик, со количките на кои сите ние се кршевме како мали (па и како големи, при немање избор), како и распаднатиот камп во Крани (иако негова филмска алтернатива е езерото „Треска“, што му доаѓа исто) сега си добија заслужено место барем во филмската историја.

Режијата на Ставревски е школска, без каскадеризам и навестување на авторски сензибилитет кој, сепак, тој ќе има можност да го развива во следните негови филмови. Фотографијата на Дејан Димески е прецизна, со сиви нијанси, надоврзувајќи се на боите на социјалната приказна. Актерите со најголема минутажа во филмот се врвни во своите перформанси (меѓу ликовите прекрасно одиграни од Благој Веселинов и Анастас Тановски постои фантастичен флуид), а оние во споредните улоги ќе мора да се потрудат повеќе за нијансирање на своите ликови, бидејќи со тоа ќе го покажат потенцијалот за играње и во следните македонски филмови, кои не се многу на број, па a propo тој факт, мора да се искористи секоја шанса за градење на своето актерско портфолио, не повторувајќи се себеси по никоја цена. Секако, исклучок од оваа забелешка е Аксел Мехмет, кој брилјира како Џем, носејќи ја на сопствен грб хумористичната димензија на приказната.

SI-GS
„Пукај во сите, синко, овде веќе ништо не е вредно“, му вели сосетката на главниот лик Веле, одредувајќи ја понатамошната траекторија на движење на приказната, која на моменти се двоуми дали да биде класична драма, или црна комедија, за на крајот да се најде во прегратките на еден издржан филмски баланс, кој до крајот го задржува вашето внимание, иако на моменти и со евтини трикови како оној со стариот часопис „Еротика“. Дискусиите во кои неретко и самите ние сме биле активни учесници, и кои честопати завршувале со заклучокот „а бе најдобро е да се кидне од овде, ко му ј..е матер“ за Ставревски се доволна провокација, како за него, како човек, така и за ликовите во неговото сценарио, да се направи токму спротивното, да останеш овде и да се обидеш да направиш нешто вредно, нешто што ќе остане, давајќи пример кој можат да го следат и помладите генерации. Токму тоа му го вели и пријателката/медицинската сестра на Веле, откако една вечер ќе излезат во град после подолго време. Во тој момент се случува и посакуваниот пресврт во приказната, која полека, но сигурно, се приближува кон својот трагикомичен крај.
А таму, овации, насмевки, прегратки, и сосема заслужено, бидејќи во „Исцелител“ се препознаа многумина. Ова непретенциозно, но сугестивно дело на Ставревски ја продолжува надежта за рехабилитација на македонската кинематографија со нови сили, откако во претходните две години „ветрот на промени“ започна со исто така одличните дебитантски остварувања на Вардан Тозија („Џган“) и Даријан Пејовски („Три дена во септември“). Нека е за арно.

Европската вожња на скопската линија
Кон фестивалот Cinedays 9-19 ноември

24.11.2017

Од 9 до 19 ноември, во организација на Младинскиот културен центар се одржа 16-то издание на меѓународниот фестивал на европски филм Cinedays. Овогодинешното мото на фестивалот ...

21.11.2017

На затворањето на „Синедејс“ во неделата се случи македонската премиера на „Исцелител“, дебитантското остварување на режисерот Ѓорче Ставревски, кој по долгогодишна работа на ова негово ...