Toni Erdmann

режија: Maren Ade

Пред некој ден во Сули ан домашните филмофили имаа можност на големото платно да го гледаат убедливо најдобриот европски филм за минатата 2016 година, „Тони Ердман“, во рамките на Кафе киното како дел од традиционалното Скопско лето, кое патем, годинава има навистина интересна програма. Филмот кој во декември на доделувањето на Европските филмски награди во Вроцлав (Полска) освои сè што можеше да се освои во главните категории (најдобар филм, режисер, сценарио, актерка, актер) со право може да се каже дека претставува полн погодок, бидејќи ја репрезентира токму европската кинематографија во целина, и сето она што таа со години се обидува да го наметне како начин на размислување при реализацијата на едно филмско дело. Снимен речиси во целост со ‘камера од рака’, германскиот филм иако трае 155 минути, во ниту еден момент не е здодевен. Напротив. Секоја сцена има свое зошто и свое затоа при плетењето на приказната за карактерите, чии односи се крајно сложени, меѓутоа, како тече филмот, истите се обидуваат да дојдат до своја кристализација, до самопрочистување. А како да се стигне до тој момент, ако не со глумење на „нормално лудило“!? Затоа што во овој свет кој нема да полуди , тој навистина е луд

 TE5
Насловот на филмот асоцира дека се работи за лик чија нарација ја следиме, но всушност се работи за измислен лик на таткото Вини (феноменално одигран од Петер Симонишчек), кој со сите сили се обидува да навлезе во филозофијата на животот на неговата ќерка, која е презафатена за сопствените потреби додека ги врши „валканите“ работи за нејзината компанија. Тука неминовно се наметнува потребата за еден измислен лик како Тони Ердман, кој всушност е персонификација на лажниот живот кој го живееме наметнат од современието, упорно трчајќи да ги завршиме обврските додека животот минува покрај нас. Токму поради неможноста да се живее во/за моментот, семејните односи навлегуваат во криза, а излезот се гледа во поедноставувањето на нештата. Со ваквата филозофија за животот авторката на филмот Марен Аде ги воодушеви и европските филмски критичари и фанови, но и оние преку барата, знаејќи дека иако не го освои Оскарот за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, сепак, номинацијата и влезот во „Топ 5“ не е воопшто за потценување. Но, ова и не треба да зачудува, бидеќи Аде и со нејзините претходни остварувања секогаш фигурирала на врвот на филмските фестивали, и зад себе веќе има една Сребрена мечка за филмот „Сите останати“ (2009), но и Специјална награда од жирито на угледниот Санденс фестивал за првенецот „Шума за дрвјата“ (2005).
TE2
Интересно, најголемиот дел од дејствието во филмот се одвива во Букурешт, каде што работи главната (анти)хероина Инес Конради (фантстична улога на Сандра Хилер). Враќајќи се на почетната констатација за есенцијалноста на европското кино, можеби токму ваквата поставеност на нештата одиграла влијание врз ракописот на Марен Аде, чиј филм во многу нешта наликува на она што романската кинематографија како квалитет ни го дава во последнава декада. Ритамот на филмот е спор, но со право, затоа што во животот ништо не поминува брзо и лесно. Буквално, секоја секвенца во филмот е важна, бидејќи го отлсикува полжав-напредокот во односите помеѓу таткото и ќерката, но и меѓу синот и мајката, мажот и жената, колегата и колешката во повремената љубовна врска… Но, дека не се работи само за класична драма за растурените семејни односи, Аде се потрудила на многу суптилен начин да вметне и други теми за размислување кои навидум поминуваат крај вас, но, секако, се вредни за промисла: навлегувањето на капиталот од Западот во Романија, новата членка во ЕУ (читај: можното отпуштање на стотина работиници), потоа, средната класа како модел кој всушност, и’ слугува на корпорациските волци како спотер меѓу крајностите, како и недоумицата дали пакоста што можат да ти ја сторат малите луѓе е поголема од нивната добродушност? Индиректната медитација на овие теми на крајот завршува со едно декадентно разголено „прет-а-порте“ финале во стилот на Роберт Алтман од 90-те, кое всушност е само изблик на немоќ пред новите времиња кои стануваат сè посурови за живеење. Затоа, како контратежа, главниот (не)лик Тони Ердман игра на картата на хуморот, за кој вели дека е единственото нешто кое не треба да се изгуби, бидејќи во него лежи целата смисла на постоењето. Илити, „биди свој по секоја цена“, да го ебам
TE4
И на крајот, фасцинира како може еден двоиполчасовен филм да функционира во целост без еден грам музика во него? „Тони Ердман“ е доказ дека и тоа како може, бидејќи саундтракот на животот лежи во премолчените или во недокажаните нешта… за на крајот, доколку сте трпеливи како гледач, да добиете вистинско изненадување, кога некаде на половина одјавна шпица ќе ве заплиснат звуците на „Plain song“ на The Cure од култниот албум „Desintegration“, комплетно дезинтегрирајќи ја приказната низ која само што сте поминале, а штотуку ќе се отплеткува во вас. Генијално!