Ветер

режија: Тамара Дракулиќ

[ ]

Селекцијата „СинеБалкан“ на Синедејс финишираше со српскиот филм „Ветер“ на режисерката Тамара Дракулиќ. По прилично темните приказни од балканските простори во изминатите денови, овој филм беше вистинско освежување, бидејќи изобилува со прекрасни кадри од Ада Бојана, крај легендарната плажа во Улцињ, каде престојуваат и фламинго-јата, како доказ дека Медитеранот си има свои скриени бисери кои, за среќа, сè уште опстојуваат како нечепнати еко-системи.

V-TD
Ова е второ долгометражно остварување на младата српска режисерка, по „Нишалка“ од 2012 година, но поинтересен е фактот дека во 2014 година го снимила документарецот „Океан“, и на трагата на фасцинациите од ова остварување се надоврзува со своето најново дело, во кое ветрот е симболот на промените. „Ветер“ е на граница помеѓу документарното и играното поради долгите пасажи во кои уживаме низ звукот на ветрот, брановите на морето, делтата на реката, дивите трски… и сето тоа е в ред, меѓутоа, за да гледаме едно возбудливо филмско дело на големото платно, освен пејзажи, сепак ни треба малку повеќе месо во сценариото.

Романтичниот влез во филмот ни навестува сликање на еден долг летен топол ден кој непрестано трае. Дијалозите се минимални и природни, но сепак на моменти неубедливи. Мина е на летен распуст во „рајот на земјата“, според нејзиниот татко, а таа сака, како и сите „нормални“ луѓе, да биде во хотел, да речеме, во Тунис. Во едноличните денови за неа, додека другите сурфаат „закачени“ за змаеви ловејќи добар ветер, таа „филозофира“ за животот, иако е на поправен токму по предметот „Филозофија“. Во една таква опуштена, амбиентална атмосфера во која музиката потпишана од композиторката Маја Ќурчиќ добро „вози“, Мина почнува да се интересира за сурферот Саша, кој е тука на летување со девојката. Но нивната „романса во најава“ не оди подалеку од дување на еден џоинт, троа муабет, и на крајот возење на мопед крај брегот. Ваквата сценаристичка можност, во која имате еден цел отворен простор за развој, каде може добро да се одигра на картата на тинејџ-психологијата, режисерката на овој филм сепак се одлучува за сосема поинаков пристап, следејќи го својот авторски сензибилитет. Па така, Дракулиќ постојано ја слика Мина (инаку, фино одиграна од Тамара Стајиќ) крај водата, загледана во далечината, како симболика за морето од непрегледни можности кои следат во нејзиниот понатамошен живот. Ветрот како лајт мотив во текот на целото дејствие е в ред, но чекајќи нешто да се случи, освен интересните агли на снимање на сцените, филмот одеднаш финишираше пред нашите очи.

На крајот добивме разрешување на целата мистерија. Гости по проекцијата во киното „Фросина“ беа актерот Ерол Билибани и композиторката Маја Ќурчиќ. Од нивните приказни, можевме да сфатиме дека се работи за еден ентузијастички проект во кој се собрала група на пријатели, од кои повеќето прв пат работат пред и зад камерата. За време од дваесетина дена тие импровизирале, снимале, и го надградувале дејствието откако навечер, крај логорскиот оган, се договарале како понатаму. Ваквиот тотално хипи пристап, во кој очигледно екипата супер се журкала, го оправдува она што го видовме на големиот екран, а дека овој концепт поминува кај публиката, особено помладата, доказ е наградата на „ФЕСТ“ минатата година во Белград. Сепак, Дракулиќ мора да го развие својот талент пар чекори понатаму, навлегувајќи подлабоко во тајните на филмската уметност, доколку сака да остави печат во балканската, па и европската кинематографија. Вака, „Ветер“ е само филмски обид и ништо повеќе, иако и ваков каков што е, претставува нетипично освежување од српската кинематографија, од каде сме научени да гледаме исклучиво филмови со национал(истич)ен белег.

 

Европската вожња на скопската линија
Кон фестивалот Cinedays 9-19 ноември

24.11.2017

Од 9 до 19 ноември, во организација на Младинскиот културен центар се одржа 16-то издание на меѓународниот фестивал на европски филм Cinedays. Овогодинешното мото на фестивалот ...

21.11.2017

На затворањето на „Синедејс“ во неделата се случи македонската премиера на „Исцелител“, дебитантското остварување на режисерот Ѓорче Ставревски, кој по долгогодишна работа на ова негово ...