Christy Moore

Ride On

[ WEA 1984 ]
Од музичкиот дневник на Ѕвеки

 

Музичко-политички каузи

C-M

 

На албумот „Ride On“ (1984) на Кристи Мур има неколку добри песни. Ако сакаме баш да бидеме прецизни, има 12 добри песни. Добро, коинциденција е дека на албумот има токму толку – 12 песни. Следниот податок вели дека Кристи Мур има стотина добри песни. Овој факт не е доволно прецизен, бидејќи е ограничен со границите на познавањето на неговото творештво од страна на авторот на овие редови. Голема е, имено, веројатноста дека Мур има многу повеќе добри песни. Заклучокот се изведува веднаш – Кристи Мур е одличен музичар.

Што треба да се знае за овој некогашен мамурен хипик, кој денес изгледа како ниско рангиран банкарски службеник? Кристи Мур, ирски фолк-поп кантавтор, кој следниот месец ќе го прослави својот 71 роденден (роден е на 7 мај 1945 година), од една страна е репрезентативен претставник на славната ирска фолк-сцена („The Dubliners“, Шејн Мекговен, односно „The Pogues“…), а од друга е сосема нетипичен. Нетипизираноста доаѓа од неговиот релативно мек баритон и нежноста во интерпретацијата на жестоките песни.

Зошто е „Ride On“ важен албум. Во принцип не е поважен од другите албуми на Мур, но, на некој начин, сепак е порепрезентативен. За почеток една напомена: барем две песни од албумот на овој политички ангажиран, лево ориентиран републиканец, извесно време беа забранети за јавно изведување дури и во „демократската“ Велика Британија – McIlhton и Back Home to Derry. И двете поради името што се јавува како автор (во првата песна и на музиката и на текстот, а во втората само на текстот) – Боби Сендс (на почетокот потпишан под псевдонимот Марсела, а потоа под своето име), најпознатата жртва на штрајкот со глад на борците на таканаречената Вистинска ИРА, во времето на Маргарет Тачер, односно во 1981 година. Попознатата од двете песни, „Back Home to Derry“, е направена врз музиката од сигнифантниот хит на Канаѓанецот Гордон Лајтфут The Wreck of Edmund Fitzgerald.

И овој факт доволно говори дека типичниот кантавтор Кристи Мур, кој пред десетина години беше прогласен за најголем жив ирски музичар, всушност е причично широк во изборот на песните, особено ако станува збор за неговата музичко-политичка кауза. „Ride On“ всушност е албум што најмногу ја докажува оваа теза. Во целиот албум има само две песни што се потпишани од Мур (иако буквално на сите има негов ама ептен силен печат). Насловната песна, една од најдобрите во кариерата на Мур, е на исто толку славниот ирски композитор Џими Макарти. Тука е и El Salvador, исто така политички жестока нумера, потпишана од Џони Дјухан, а самиот албум го отвора The City of Chicago (нека не ве лаже насловот, тематиката е ирска) на брат му Бери Мур, инаку фолк-композитор и флејтист.

Сепак, мојот избор падна на овој албум најмногу поради една песна, химничната „Viva la Quinta Brigada“, посветена на 15-тата интернационална бригада во Шпанската граѓанска војна, поточно на ирското учество во неа, односно во редовите на републиканските борци. Најмалку два куриозитета има што се врзуваат за оваа песна. Едниот е дека песната станува толку популарна што на многу официјални места и од многу извори е претставена како официјален марш на 15-тата интернационална бригада, иако Бригадата има свој официјален (и релативно познат) марш, во овие краишта познат како „Ај Кармела“, според верзијата на Дарко Рундек (Пит Сигер ја пее како „Ај Мануела“). Вториот куриозитет е дека Мур направил грешка, па песната ја насловил (и испеал) како „Viva la Quinta Brigada“, што на шпански значи „Да живее Петтата (а не Петнаесетата) бригада), мешајќи го зборот со Quince, што би требало да значи 15. А ние тука ќе додадеме уште еден куриозум, произлезен исклучиво од нашето поимање на работите: „Viva la Quinta Brigada“ е една од ретките песни што многу подобро звучат во живо, отколку на студиската снимка.

Треба да додадеме уште нешто? Треба! Албумот е исклучиво акустичен и отсвиран на две акустични гитари (покрај Мур, тука е и неговиот верен соработник Деклан Синот, кој, самиот по себе, исто така е мошне живописна фигура во современата музика) и на некои места бузуки и бодран (Донал Луни).

Инаку, благодариме на прашањето. И покрај големите здравствени проблеми, како и проблемите со алкохолизмот, Кристи Мур е жив и здрав. Во 2013 година го издаде својот последен студиски албум, а уште е активен со живи свирки и концерти.

Треба да повториме уште нешто? Треба! Албумот „Ride On“ (1984) на Кристи Мур има неколку добри песни. Поточно има 12 добри песни. Слушајте!

Другата страна на надежта
режија: Aki Kaurismäki

21.05.2017

Кога зборуваме за помали европски кинематографии, финската секако е една од нив. Истата најчесто се поистоветува со имињата на браќата Мика (постариот) и Аки (помладиот) ...

Depeche Mode во живо во Амстердам
Ziggo Dome | 7 мај 2017

18.05.2017

По четиригодишната пауза од издавањето на последниот студиски албум кој беше оценет како најслаб од страна на критичарите и публиката – Delta Machine (2013,  Columbia ...