Kris Kristofferson

Silver Tongued Devil and I

Од музичкиот дневник на Ѕвеки

 

Аха, Кристоферсон, да…

K-K

Да, навистина ретко ми се случува да бидам замолен за иста работа од повеќе страни. Таа „работа“ се вика Крис Кристоферсон, а молбата е да напишам текст за него или за некој негов албум по сопствена желба. И… еве го текстот!

Крис Кристоферсон не е јунак на мојата младост, ама не е ни лузерот во моите музички избори. Тој е оној „од сенка“, оној што ги држи конците во својата рака и ме води во откривањето на моите вкусови.

Уште многу одамна, кога бев студент на нешто што тогаш се викаше Интердисциплинарни студии по новинарство имавме задолжителни менторски вежби и одевме по три месеци кај одреден ментор во печат, телевизија или радио. Кога нешто се обидувавме да пишуваме во старата Телевизија (онаму каде што е денес „Телма“ и уште некои други фирми), беше вклучено радиото и оттаму можеше, онака тивко, да се слушне Me and Bobby Mcgee, во сјајната изведба на Џенис Џоплин. Некој од нас си ја потпевнуваше додека ги пишувавме текстовите, а нашиот ментор рече нешто како „Вие немате ни поим кој ја пее оваа песна“. Јас реков: „Крис Кристоферсон“. Човекот ме погледна малку чудно и рече: „Ти стварно знаеш?“. А јас одговорив: „А што? Ја пее и некој друг? Не сметате белки на оваа женска!“. (Еве, сега кога ќе се присетам на оваа епизода баш се прашувам дали Македонското радио воопшто емитува нешто од  Џенис Џоплин, а за Кристоферсон и да не зборам. Всушност, прашањето е дали било кое радио пушта некоја ваква или слична музика?)

Денес, тоа би се нарекло „хипстерска шминка“, што донекаде е точно, бидејќи нормално знаев дека верзијата што ја слушаме е на Џенис Џоплин и нормално ја знаев барем уште верзијата на Роџер Милер (инаку мој омилен кантри пејач, кој навистина прв ја сними оваа песна). Но, велам донекаде, затоа што оваа песна месна мене секогаш, секаде и во секое време ми асоцира исклучиво на нејзиниот автор Крис Кристоферсон. Дури и денес кога ќе ја слушнам некаде Џенис Џоплин велам – а, еве ја песната на Кристоферсон.

Мојата средба со Кристоферсон беше многу одамна. Па, не знам точно, сигурно има повеќе од четири децении. Некој (се извинувам што навистина не можам да се сетам за кого се работи) ми донесе користена лонгплејка за роденден. Во тоа време поседување на било каква лонгплејка беше вистинско богатство, а плус „оригиналка“. Тоа беше албумот со многу чудно име, „Silver Tongued Devil and I“, и од човек што има исто име и презиме. Не знам која беше магијата што се создаде тогаш, ама речиси сум убеден дека е истата што трае и денес: „Аха, Кристоферсон, да…“. Сакам да кажам дека ни тогаш не паднав на „прва топка“ (како што ми се случуваше со Сајмон и Гарфанкел или со Леонард Коен), ама постоеше нешто што ме влече натаму.

На албумот постоеа две-три песни што можев да ги слушам до бескрај и другите што ги прескокнував. Првата песна што веднаш ја засакав беше и прва на албумот и насловна, онаа со чудно име. И денес ми е интересно дека поим немам за што всушност пее Кристоферсон тука. Тогаш мојот англиски не беше нешто подобар од денес, односно беше никаков, ама никогаш не се обидов да го слушнам текстот. Таа ми е добра – таква каква што е. И, се разбира, тогаш и не знаев дека е тоа кантри музика (а, да бидам искрен, не знам ни сега). И, секако, тука е таа Б-страна, речиси целата. Но, ајде да ги ставам моите фаворити: онаа што ја отвора Б-страната, “Lovin’ Her Was Easier (Than Anything I’ll Ever Do Again)”, па одат “The Taker” (еден од авторите е Шел Силверстеин, една од најнеобичните фигури во американската поп-музика) и “The Pilgrim, Chapter 33″ (инаку 33″ е ознака за брзината на движењето на лонгплејка и секако прв рецитатив и посвета што сум го слушнал во животот).

И, ете, ме заинтересира тој Кристоферсон! Од една страна бунтовник со чудни песни, а од друга страна синоок, убаво зачешлан зет што би го посакала секоја мајка. Во суштина, тој микс на општодопадлив поп и „селскиот дел“ од кантри-музиката најдобро го репрезентираше токму Кристоферсон. Плус неверојатно добри стихови.

Кога сега ќе помислам има Кристоферсон сигурно и подобри албуми од овој мојот (“Silver Tongued Devil and I”), особено првиот, едноставно наречен “Kristoferrson” (каде се наоѓаат неговите „трејд-марк“ песни) и има моменти во кариерата кои се, како што се вели, поголеми од животот (формирањето на супер-бендот “Highwaymen” со Џони Кеш, Вили Нелсон и Вајлон Џенингс), ама да се сака неговиот албум “Silver Tongued Devil and I” е навистина полесно од многу други работи.

Европската вожња на скопската линија
Кон фестивалот Cinedays 9-19 ноември

24.11.2017

Од 9 до 19 ноември, во организација на Младинскиот културен центар се одржа 16-то издание на меѓународниот фестивал на европски филм Cinedays. Овогодинешното мото на фестивалот ...

21.11.2017

На затворањето на „Синедејс“ во неделата се случи македонската премиера на „Исцелител“, дебитантското остварување на режисерот Ѓорче Ставревски, кој по долгогодишна работа на ова негово ...