Како да/се води Републиката?

Кон премиерата на претставата „Смртта на Дантон“, во продукција на Албанскиот театар од Скопје

[ ]

Револуцијата си ги јаде децата. Ништо ново, на ниво на историско сознание, би рекле. Но, кога сте биле дел или сте сведочеле за една таква револуција, во нашиот случај – Шарената, а по една година нејзиниот кормилар во делот на културата, безочно е сменет и покрај започнатите реформи, а назначен е друг, чии компетенции допрва ќе треба да се потврдат или не, тогаш „Смртта на Дантон“ се чита како коментар на актуелната стварност и тоа во најадекватен и најделикатен момент за нашиот културен контекст. Дали тоа била експлицитна намера на режисерот Дино Мустафиќ, или владините проветрувања случајно му се залепија како уште еден слој во концептот, останува да нагаѓаме. Но извесно е, според прикажаното на премиерата на 24 мај на сцената на театарот Комедија, дека Албанскиот театар има ангажиран ансамбал кој под палката на босанскиот режисер Мустафиќ и во драматизација и адаптација на Жељка Удовичиќ Плештина, промислува и пласира издржан политички театар според делото на Георг Бихнер. Со исклучително легитимна, но и поразителна порака дека во ова време на конзумеризам, изразен хедонизам и политикантство од интерес како стил на живеење, револуцијата е едноставно невозможна. Но, да тргнеме со ред.

f-DG1© Драган Гајиќ

 

Текстот на Бихнер „Смртта на Дантон“, од 1835 година, напишан како негов првенец во периодот на германскиот романтизам, важи за предвесник на документарната драма. Затоа што авторот вградил делови од обраќања и говори од Француската буржоаска револуција. Но, во драматизацијата на Удовичиќ Плештина, има и кратења на оригиналниот, но и допишувања текстови, кои нè поврзуваат со реалноста. Се споменуваат вработувања по партиски клуч, случајот на малиот Алмир за кој е досудено дека е прегазен „аксидентално“, а судството е прикажано како институција со многу предизвици. Вака стокмен, драмскиот материјал прозвучува како жесток коментар и критика на многубројните политички и социјални девијации во пост режимскиот период на Република Македонија.

Режисерскиот концепт на Мустафиќ, базиран на принципите на политичкиот театар на Брехт, се потпира на силата и креативноста на актерите. Тие, вкупно 21 на голата сцена, ги оживуваат конфронтациите, промените и жртвите на Француската револуција. Во фокусот е прашањето, како да се води Републиката по револуцијата, низ дејствието во кое доминира судирот меѓу нејзините најистакнати протагонисти, Жорж Дантон како претставник на Жирондинците, а го игра Рефет Абази и Робеспјер од Јакобинците, доверен на актерот Луран Ахмети. Всушност, публиката сведочи на периодот пред и за време на т.н. Јакобинска диктатура, што се случила пет години по револуцијата во Франција, кога Робеспјер со помош на Сен Жист (во изведба на Гзим Жерка), во име на доблесните вредности на револуцијата носи радикални одлуки и испраќа многу луѓе на гилотина, убивајќи ги зашто едноставно не мислат како него. Mеѓу жртвите ќе биде и Дантон, кому му се суди поради застранување од идеилите на револуцијата, од страна на Револуционерниот суд, формиран претходно од него. Општественото уредување лесно се лизга од граѓанско во диктаторско, што е едноставно за идентификување со реалноста во која до скоро живеевме и чии остатоци сè уште битисуваат во нашиот општествено-политички контекст. Важен сценографски елемент од авторот Драгутин Броз, кој „игра“ во претставата, е конструкција која на почетокот се користи како маса на која се гоштеваат довчерашните револуционери. Потоа станува мост на кој тешко се премостуваат разликите меѓу Жерондинците и Јакобинците, а функционира и како говорница и клацкалка на која до крајот на претставата го следиме движењето горе и долу на политичкиот и интимниот животот на револуционерите. Во позадина е поставен и т.н. ѕид за качување, познат од вежбите за планинарење. Тој е вертикален одговор на хоризонталата што на сцената ја исцртува мултифункционалната конструкција.

f-ABS© Arben B. Sylejmani

 

Рефет Абази во ликот на Жорж Дантон делува природно и исклучително пластично, на ниво на хабитус. Доловува распон од емоции, од целосна занесеност и преданост на хедонизам (со алкохол, жени и карти), до резигнација, тага, но и сила во миговите пред неговиот Дантон да биде егзекутиран. Абази е актер што ја минува кариерата играјќи со брада на лицето, така што е тешко од анфас да се откријат во целост промените на неговата фацијална експресија , па ги пронаоѓаме од профилот. Но кај Луран Ахмети, како Робеспјер, нема дилеми. Од првата до последната сцена, неговото бело и скаменето лице сугерира карактер кој строго се придржува до „зацртаните револуционерни вредности“ и спремен е за нив да убива без предрасуди, престорувајќи се во фашист. Ахмети тоа го прави издржано, со полна концентрација и како таков се издвојува како најдобар актер во претставата. Со говорот на отворена сцена, Гзим Жерка како Сен Жист, сврте внимание на себе како млад актер, на кого ансамблот може да смета во иднина. A, не се за потценување ни креациите на Музбајдин Ќамили како Лежандр/Барер и на Фисник Зеќири како Камиј Демулен. Ќамили поради сугестивното портретирање на тивката но јасна превртливост во име на политичките поени и личната корист, а Зеќири заради леснотијата со која неговиот Камиј се наметнува во секоја сцена. Останатите актери во епизодните и споредни рољи функционираат како целина во име на зададените задачи на режисерот Мустафиќ, но без да се издвојуваат со особени креации. Поединци меѓу нив едноставно немаа простор за тоа, а поединци не го искористија. Но, костимографијата на Инес Гоља е врвна и реализирана со исклучителната инвентивност. Преку изборот на боите на костимите и униформите – црвена и црна, симболично се одразува тенката линија меѓу животот и смртта на која се движат ликовите, но и разликите во политичката припадност. Сите ликови носат маици со аплицирани познати пораки од светски револуции (вклучително и од Француската со мотото „Слобода, еднаквост и братство“), кои се дел од поп културата, денеска, дополнети со брошеви со француското знаме од ткаенина. Така е изграден тој силен знак на сурово и перфидно доба на конзумеризам во кое живееме, каде револуциите губат смисла и стануваат немушти, а нивните предводници од калибарот на Дантон, се продавачи на маици. Слично е употребена и музиката во претставата. Композиторот Оливер Јосифовски прави оригинална музика, но и нови аранжмани на парчиња од најмаркантните револуционерни теми на сите времиња, за да заврши со „Каде е револуцијата“, хит од последниот албум на Депеш Мод, од 2017, насловен „Дух“. Резигнацијата од актуелните состојби во светот, што провејува од песната, Фисник Зеќири ја интерпретира лирски, свирејќи на гитара. Сите нумери одат во придружба на Орфе Асланај и тоа прецизно и со оригинален музички израз од него. Кон целокупното доживување на претставата партиципира и познатиот албански кореограф Ѓерѓ Превази, кој ги осмисли движењата, како и Бетим Зеќири кој се јавува како автор на видеото, кое во завршницата симболично го доловува небесниот бескрај, каде патуваат жртвуваните деца на револуцијата.

Останува претставата да се игра и низ изведбите да се совлада динамиката за да не се случува како на премиерата, да паѓа неколку пати. Сето останато е умешно спакувано и во функција на иронично-гротескниот приказ и горчивото чувство од бројните асоцијации и преплетувања на сценскиот со животот надвор од театарот. За жал, за сите нас.

 

17.12.2018

Почитувана Оливера Ќорвезироска, Ти се обраќам вака, без „Вие“ затоа што еднаш бев опоменат за тоа и во оваа форма затоа што имам две добри ...

Букршлиев, Омерагиќ, Спировски „Одрон“ [PMG Jazz, 2018]

16.12.2018

Претходните три вечери патот ме водеше во МКЦ. Што да правам, кога МКЦ ја нуди најдобрата понуда во загадениот ни град. Сега ич не мора ...