Галактичкиот џез на Меката машина

кон концертот на Soft Machine во Станица 26

[ ]

Што и да внесуваме во машината на повисоки мисловни скалила, машината ќе процесира – значи, ние се храниме со вртење на страниците длабоко во себе… Ние ги трупкаме  писателите на сите времиња заедно и снимаме радио програми, звучни песни, телевизии, компјутерски симулации, генерираат фалусно-онанични сонди што ги вибрираат сите тонски зборови на светот, па потоа се мешаат во мелници за лиснато тесто за да се распрснат во зилиони јуфкасти пораки „повикувајќи ги сите паразити на нациите“. Ќе исечеме зборови-линии-реченици-платни списоци-списоци за егзекуција-пописи-реферати-трактати, собраниски листи, листи за регруртација-какви не листи?; па и цели поглавја, меѓу останатото ќе испратиме туристи на Месечината. Ќе паѓаат зборови-ноти-фреквенции-деноноќија-месеци-есеи-романи-песни. Зборовите ќе паѓаат како летки распрснати од времето на егзодусот на мамутите. Сето тоа ќе морфира во ридови, па тие исончано се тркалаат по песокот долж бреговите на далечните мориња претворајќи се во сомнителни гради-лубеници. Ќе течат реки од зборови, глупи зборови-непотребни-зборови-долги зборови–кратки зборови-пунктуации-музички контрапункти-виолински клучеви-темпа-небулози и на крајот ќе завршат во сливникот на ноќта. Сето ова ме потсетува на Soft Machine… на Burroughs. На машината од крв и месо. И тогаш ќе пристигне некаков џанки, ќе голтне виолетова пилула и ќе испари како здив, метастазирајќи во летечки октопод, пуштајќи ги пипците што го допираат проветрувањето на умот како нотна ерупција од звуци, како мозочна виулица на тоналитети за којашто ќе ни биде потребна енигма-машина за декриптирање. Стварноста на постоењето во очите потопени во тегли, завесите на врутокот во сонот на јавето. Дали сум на погрешно место, слушајки ги Soft Machine? Или сум некако швркнат па не можам да го прифатам новото? Не би рекол, сакам суптилна музика – би можел да ја слушам со часови и денови, од разни епохи-нации-раси, се разбира доколку тоа е физиолошки издржливо би слушал музика со денови без да се помрднам. И не ми е важно кој ја свири, осумдесетгодишник или дваесетгодишник, сè додека ми работат мислите и вибрациите ускладени со мојот ритам на дезинтегрираност и раслоена сонливост. Па така, обвиткан со звучна плерома, пропаѓам во корпа за отпадоци од која извираат елфови и леприкорни-гноми-горгони- пердувасти змии, разни влекачи од пустите острови и што сè уште не. Се додека мојата фантазија се полни како  кофа без дно и тече, непрестано извира. Некој некогаш испратил порака во шише и тоа ќе пристигне тркалајќи се пред нечија врата. Мојата врата? А можеби и вашата. Стрпливо, само стрпливо.

SF1

Така еден ден во Скопје пристигнуваат и Soft Machine. Првата постава со Robert Wyatt (Wilde Flowers) ми е омилена како претходница. Покрај Amon Düül, на кои сум крајно чувствителен (влечам парабола посебно со третиот албум Tanz der Lemminge), иако лично ми  е омилен нивниот прв албум. Ми се допаѓаат долги импровизации и таа временска желба за поп психоделија којашто нешто подоцна ќе прерасне во прогресивна димензија, заедно со групите како Caravan, Gong, донекаде потсетуваат на сите оние битл’ескни рефракции – Traffic, раните Genesis, па сè до Hawkwind, Yes,  спејс-симфо-рок, има во Soft Machine од сè помалку – џез, класика, секакви влијанија.  Цела плејада на имиња коишто ме обземаат од тоа раздобје на врвен ентузијазам и чиста, скоро детска луцидност на истражување во полето на музиката. И да не елаборирам, за музиката во шеесетите и седумдесеттите е потребена мастер диплома… Штотуку видов еден фото-репортер како се протнува разлигавено во својство на некаков магвај од Naked Lunch, па претрчува со камерата кон сцената, веднејќи се како клисар во изрушена црква за сето време нишанејќи низ објективот во правецот на местото кадешто некогаш бил олтарот. Неколку изопачени накази трепкаат со очите, течат шарени лиги, додека шашаво искривените старци бараат внимание и концентрација. Сериозна музика, говориме за влијанија од Чарлс Мингус-Телониус Манк-Ерик Делфи-Сони Ролинс… Што е тоа што ми се допаѓа во Soft Machine? Не знам? Сè! Сакам кога гитаристи не користат многу ефекти, оттсекогаш сум сакал личен импринт на изведувачот врз инструментот, препознатлива вибрација. Скоро кај сите бендови што се реоформуваат има разлика во звукот, затоа го почитувам и Стефановски, нема потреба од промена на звукот. Џон Етериџ е супер профициентен гитарист, Џон Маршал важи за сериозен џез тапанар, иако во оваа прилика тука е мајторската замена Ник Френс како “out of season”, како и саксофонистот, флаутист и пијанист Тео Тревис, сега цела таа џанглива фантазмогорија се претвора во дождливо чувство, овдека треба нешто да се случи, како се опишува изгубеност? Бидејќи добивам чувство на блага изгубеност.

TM1TM2TM3TM4

И чудно, запознав ентитет што носи еден албум со себе: Softs, – но басистот? Ме измачува негото име? Soft Machine постојано трпат промени во персоналот. Во еден миг додека се обидувам да се насочам кон звукот повторно ја приметувам девојката (овојпат Dr. Benway влегува во кадарот). Dr. Benway ми тропори дека треба некому да помогнам. Кому? – прашувам. Се вртам и овојпат пронаоѓам дека магвајот е сега една обожавателка со истиот албум, ах патем: еурека!  Се сетив на името на басистот: Рој Бабингтон, најблискиот опис е – дали е ова можно? Легендарниот Рој?! Набргу завршува првиот дел од концертот. Dr. Benway е повторно во акција, тој ме насочува кон желбата на девојката со албумот, таа е со срамот и желбата во едно. И? Срам да пријде и да ја исполни желбата (потпис на плочата). Ја протнувам токму кон него, не знам зошто ниту како, но сепак, и понатаму се обидувам да ја разберам деликатноста на мигот и… Артефактот го добива својот потпис, албумот Softs сега има многу поголема продажна вредност. Срамот е победен и јас сум со цигара во рака надвор од објектот, како во оние битнички црнобели филмови, сè е црно-бело. После дваесетминутна пауза повторно влегувам во клубот како на некаква миса. Ме загрижува: оставштината… Soft Machine Legacy. Во еден миг ја препознавам “Apache” од Shadows и се прашувам дали англискиот се претопил во македонскиот фолклор? Џон Етериџ изведува вселенска верзија од истата. I’m in heaven – вели Тајни Тим (така ја нареков девојката со албумот), во позадина оди “Hazard Profile” и сите се во орбита. Генералот Рој Бабингтон е заклучен до совршенство со тапанарот Ник Френс – добивам некое такво чувство додека го забележувам неговото свирење, како да се работи за пензиониран генерал од флотата на звезденото летало Enterprise. Просторот е одличен за клупски свирки, пивото секогаш пристигнува на време, Тајни Тим штрака со камерата, како во новелите на Кортесар, сè е галактички џез, концертот завршува. Надвор среќавам загадочни млади луѓе, делиме ист етос, никој од нас не гледа телевизија, не слуша политика и на чуден начин комуницира со средината. Во умот ми се разложува воведот од “Tale of Taliesin”, Dr. Benway става затки во моите уши и се обидува да рационализира, улиците се празни, единствено по некој џанки се стопорува пред мене, а јас брзам да стигнам некаде „дома“? На  крајот од ноќта и самиот се претворам во рептилоиден агент на корпорацијата „Супер Нова“. Ова беше концерт за паметење. Заспивам: Out of season… заробен во универзалното време.

 

Апотеза на моралната дисторзија
кон „Мизантроп“ во продукција на Комеди Франсез

05.08.2018

режија: Клемен Ервиен Лежер главни улоги: Лои Корбери, Аделин Дерми, Ерик Женовезе, Џенифер Декер, Серж Бадасариан и Флоренс Виала   „Мизантроп“, најзагадочната пиеса на Молиер, ...

13.07.2018

Рускиот академско-младински театар од Москва, улоги: Илја Исаев, Денис Шведов, Андреј Сипин, Рамилја Искандер, Александар Доронин   Третиот дел од оваа епохална сага на Том ...