Laibach

Spectre

“[J]udge the intentions of those we don’t trust”

 

Подгответе се за 57 минути од најдоброто, но многу “поигриво” и со исклучително јасни политички изјави и ставови, од бендот кој никој не може да го имитира, кој е исто толку наци колку што Хитлер бил сликар,  кој своевремено прогласи слободна територија NSK и издаде пасоши, а од неодамна “основаше” и партија “Spectre” со парола “Fight for Your Right to Party for Your Right to Fight!”. Тие се Eber, Saliger, Dachauer и Keller заедно со сите други асимилирани.

Spectre е нова свежа перспектива на хоризонтот исцртан од старо-новите проблеми во Европа и пошироко, со артикулирани и јасно идентификувани проблеми и непријател. Овој албум е oда за љубовта кон човештвото и вербата во моќта на луѓето; нов бран на надеж дека човештвото ќе успее, а мрачните сили ќе загубат; дека нашата моќ – моќта на луѓето, е многу поголема од онаа на системот, дека малите проблесоци ни се сигурен знак дека наспроти сите напори да нè дехуманизираат, да нè претворат во бројки, во купувачи, во неми сведоци, нема да успеат.

Нашиот дух останува чист. Ние сме тука; се препознаваме со едно свиркање aла Colonel Bogey, си даваме знаци и се разбираме; стоиме гордо исправени, а човечноста е нашето најсилно оружје. Ќе опстоиме, ќе победиме, ќе си ја вратиме слободата. Со оваа порака Libach ни го отвара умот во The Whistleblowers, а истата провејува и низ целиот албум.

Laibach

Ако сте загубиле надеж, но и ако мислите дека ќе загубите, дека “машината” е посилна од вас, тука се Laibach да ве потсетат дека нема историја, нема загуба, нема религија и нема од што да се плашите. Со No History порачуват да го земеме ножот и да го отсечеме системот кој е слепо црево и кој сака да направи будали од нас, како и дека нема подобро време од сега за да се направи ова. Окупирајте го вашиот Wall Street и предизвикајте ги отворено оние на кои не им верувате.

Мислите дека немате стомак за ова? Па ние сме биле и претходно во оваа ситуација! Можеме, ќе ги свариме и ќе ги исфрлиме како страно тело. Eat Liver и револуцијата ќе се чувствува во воздухот, а ние сме научиле од грешките во минатото. Laibach не уверуваат дека со песна ќе ги уништиме и со танц ќе ги исчитиме оние кои “нè трујат”.

Мислите дека играње на сентиментална карта е доволно? Дека “лајкот” ќе ве спаси и дека сте превзеле нешто? Дека вашиот глас така ќе се чуе? Размислете пак. И бидете гласни, затоа што ако не сме доволно гласни погласен ќе биде некој друг, а ние само ќе “играме” на нивните мелодии, порачуваат тие во Americana.

Не треба да се задоволиме со ништо помалку од посегнувањето по ѕвездите. We Are Millions And Millions Are One; ние имаме и љубов и сила за да се издигнеме над оние кои се чинат но не се помоќни од нас. Има нов ден и тоа се гледа во нашите очи.

Можеби не знаеме што ќе се случи со Европа. Можеби таа се распаѓа. Преплавена со гласови од кои секој сака да биде слушнат и од протести на сите страни. Но, иако гласовите оддекнуваат, оние кои треба да нé слушнат седеа со затворени уши на оваа Eurovision. Гласаше публиката, но одлучуваше само “жирито”, па затоа сега Европа се распаѓа. Европа е океан од луѓе, души и гласови кои не мислат како оние кои во отсуство на војна се прашуваа дали мирот е најдобра опција. Иако им се чини дека нивните гласови не се слушнати, се гледаат високо дигнатите раце на оние кои сакаат да потсетат на своето постоење. Високо дигнатата рака и гласот колку и да се чини слаб сега е веќе мала победа.

Но, за да ги надгласаме ни требаат повеќе луѓе кои држат до својата човечност и кои нема само да стојат да го трошат своето време и да не прават ништо туку ќе тргнат заедно во поход во кој ќе го сменат и светот и неговата мелодија. “Walk with Me” сите вие што не сакате да бидете затвореници на слободата во својата сопствена земја, повикуваат со продорно убедливи гласови Мина Шпилер и Милан Фрас.

И кога тоа ќе се случи, на звуците на Bossanova ние ќе заиграме танц за да ги исчистиме, а тие ќе почнат да бегаат, давејќи се во својата лакомост, затоа што ја хранеа нашата глад со сиромаштија, нашиот гнев со деца, нашите нагони со објективизација на жените, нашите ега со бескорисен привиден луксуз. Затоа што се хранеа од нашите тела и нашиот дух. Бидејќи сега знеме точно што се – тие се канибали.

Повторно ќе пробаат да нè убедат дека победуваат, а ние губиме. Ќе ни одекнува во ушите и главите “Resistance Is Futile”. Ќе зададат последен удар од кој мислат дека ќе паднеме, и ќе ги применат на нас своите војнички тактики. Но двајца знаат да ја играат таа игра, а ние сме Laibach, ние ќе ве асимилираме вас.

Koran”? Мислите на книгата која проповеда надеж, единство и подобар свет? Тоа е нивното лажно оружје, асот кој досeга им успеваше. Но, и јас и вие знаеме што таа книга вели, а тоа е сé освен она што сакаат да ни кажат дека е.  На момент можеби ќе им успее… Но, тогаш пак ќе дојдат парадите (The Parade), во кои секој маршира заради своја цел, некои се соголуваат, некои инспирираат, други патат… Но парада значи марширање по однапред одредена рута и ритам; некој свири а вие играте… Дали е тоа она за што до сега се боревме?

Сетете се на нашата мисија, мисли и акции… На нашите желби и дека ние имаме друг ритам на кој сакаме да танцуваме, и кој повеќе го сакаме… Дека тоа што ни го даваат не е тоа што ни треба. Знаеме, сме виделе. Да не згрешиме пак. Сакаме да продолжиме да танцуваме, но ова не е ритамот кој ни треба. Love On the Beat.

Ќе дојдат по нас, но ќе кажеме “не”. Ќе сакаат да не вратат во своите редови, но веќе еднаш згрешивме и нема да ја повториме грешката. Just Say No, бидејќи нема од што да се плашиме, нема Бугимен и нема сила поголема од нас. Се имаме едни со други и ќе се изведеме надвор од шумата на стравот, во реалноста со целата нејзина пустина.

Но патот до победата не е лесен и многу од нас ќе загинат. А тие нема да нé погребаат достоинствено; треба едни со други да се погребаме, порачуваат Laibach во последната See Тhat My Grave Is Kept Clean. Штом нè прекријат нас или некој наш со земја треба да се сетиме дека тоа е уште еден сиромав човек, чија смрт не смееме да дозволиме да биде залудна. Затоа не треба да чекаме покрај нашите гробови; треба да се бориме, а верата да ја оставиме за откако срцето ќе прекине да ни чука и рацете ќе ни помодрат.

Сé дотогаш, борбата продолжува. А ние не сме сами.  Затоа свирете гласно! Нè има милиони, а милиони се едно; ќе се препознаеме, ќе се здружиме и ќе се бориме, a човештвото е посилно од сé и човештвото ќе победи.

 

Европската вожња на скопската линија
Кон фестивалот Cinedays 9-19 ноември

24.11.2017

Од 9 до 19 ноември, во организација на Младинскиот културен центар се одржа 16-то издание на меѓународниот фестивал на европски филм Cinedays. Овогодинешното мото на фестивалот ...

21.11.2017

На затворањето на „Синедејс“ во неделата се случи македонската премиера на „Исцелител“, дебитантското остварување на режисерот Ѓорче Ставревски, кој по долгогодишна работа на ова негово ...