Golden Boys

Swan Lake / Humoresque

Од музичкиот дневник на Ѕвеки

 

Шах и мат за „Златни дечаци“

ZD

Пред некој ден сосема случајно на јутјубот ми се појави „Хумореска“ од „Златни дечаци“. Добро, не беше баш случајно. Според музиката што ја слушам, јутјуб знае да ме изненади со некои „матори“ работи, па и со некои одамна заборавени групи и песни, ама „Хумореска“ на „Златни дечаци“… непроценливо.

Веќе првиот поглед на насловот на песната и на името на групата ме врати во најраните мои сеќавања за музиката како формативен феномен во развојот на човекот. Знам, се сеќавам, дека како мало дете се играв со сингл-плочите на татко ми и уште, како вчера да беше, гледам дека меѓу разно-разните ѓорѓемарјановиќи, сабахудинкуртови, иворобиќи, лолиноваковиќи, александарсариевци… има една плоча со чудна жолтеникава кон окер боја на која пишува „Golden Boys“ (да, знаев да читам латиница, иако веројатно не можев правилно да го прочитам името на групата). И ден-денес не ми е јасно како и зошто оваа плоча се нашла во колекцијата на стариот. Тој, имено, беше од онаа генерација, престара за рокенрол, а премалку музички описменета за џез, на пример.

Како и да е, денес знам дека станува збор за историска плоча, за прв сингл што една југословенска група го снимила во странство (синглот го објавува холандската дискографска куќа „Фонтана“ уште кон крајот на 1964 година, а веќе на почетокот на следната година истиот сингл со обработка на темата од балетот „Лебедово езеро“ на Чајковски и обработката на „Хумореска“ од Антонин Дворжак се објавува во Велика Британија). Обработките од оваа плоча се неколку пати пуштани на тогаш фамозното Радио Луксембург, со што „Златни дечаци“ го добиваат статусот на единствена група од некогашните ју-простори чија музика се емитувала на оваа култна радио-станица.

„Златни дечаци“ (формирани во 1963 година) се една од првите групи од некогашна Југославија, која својот звук доминантно го базира на електричните гитари. Да, тоа е дефинитивно неправедно заборавена група, односно вокално-инструментален состав, како што тогаш се нарекуваа бендовите. Или што би рекле колегите од спортските редакции, со прилогот за нив „чукаме на вратата на заборавените асови“.

Не случајно ја употребуваме терминологијата на спортските коментатори, зашто некогаш животот пишува романи, а некогаш, богами, игра деликатни шаховски партии. А во случајот на „Златни дечаци“ шахот е дефинитивно пресудниот момент во нивната кариера. Имено, дечките од бендот се пријатели со музичарот и шахист Никола Караклаиќ, кој во таа 1964 година, одејќи на шаховски турнир во Холандија, решава со себе да ги понесе снимките од бендот и да издејствува да бидат пуштени на некоја холандска радио-станица. Овие снимки ги слуша некој од поважните луѓе од „Фонтана“, се заинтересирува за нив и така се појавува споменатиот сингл.

Никола Караклаиќ е важна алка во работата на „Златни дечаци“. Тој им го менува името од првобитното „Тигри“ во „Златни дечаци“ ги промовира во Холандија и во април 1966 година ги носи во Англија – на шаховски турнир! Претставувајќи ги како млади и успешни шахисти, успева да се избори за покана за нив и за визи, па дури и им обезбедува настап во Богнер Реџис (во близината на Брајтон) пред публика од околу 1.500 луѓе. Запишаните сеќавања од тоа време велат дека бендот свирал кавери и дека поминал релативно солидно, но дека нивната преработка на македонската „Јовано, Јованке“ доживеала огромен успех. Инаку, оваа преработка ќе биде снимена во 1967 година, за потребите на филмот „Каде по дождот“ на Владан Слјепчевиќ.

Легендата вели дека во времето на појавата на „Златни дечаци“ тогашните југословенски радио-станици биле затворени за таканаречената бит музика, па групата морала да наоѓа алтернативни решенија. Таа алтернација се гледа во генијалната идеја да се преработуваат теми од класичната музика. Па така, покрај споменатите „Лебедово езеро“ и „Хумореска“, ќе бидат снимени теми од операта „Фауст“ на Шарл Гуно, од „Кавалерија Рустикана“, од операта „Садко“ на Римски Корсаков, како и валцерот на Романецот Јон Ивановиќи „Брановите на Дунав“, што ќе им ги отвори брановите на радио-станиците.

А музиката? Се разбира, таа е под огромно влијание на „Шедоуси“, а вокалот се појавува речиси истовремено кога и Клиф Ричард настапува како вокалист со оваа група. За таа цел ритам гитаристот Боба Стефановиќ се прекомандува во гитарист и пејач, а потоа е исклучиво само пејач. Главно сите песни се обработки. Нивниот најголем успех, „Чудна девојка“, е преработка на „Devil Woman“ на Мартин Робинс, а на пример „Само ти“ е кавер на „It’s Not True“ на „The Who“. Има тука преработки и на „The Zombies“ на Род Арџент, на Боби Винтон и на многу други.

Ред е на крајот да се кажат два-три збора барем за некои од музичарите. Боба Стефановиќ, повозрасните се сеќаваат, направи голема соло-кариера како шлагерски и фестивалски пејач, почина во 2015 година, во Белград. Борко Кацл, соло-гитаристот и лидерот на бендот, кусо време свиреше во „Корни група“, а потоа дефинитивно ја напушти музиката. Трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа во 1984 година. Мома Давидовиќ, кој во 1967 година, некаде пред распаѓањето на групата, го замени Боба Стефановиќ како пејач, се пресели во Франција, каде што без некој поголем успех сними неколку плочи под имињата Дејвид Колсбери и Дејвид Лорис. Басистот Вили Брајовиќ, кој 1966 година го напушти бендот и беше заменет со Градимир Јанковиќ, замина за САД. Пред извесно време објави ЦД со сочуваните снимки на „Златни дечаци“ и објави книга со наслов „Албум со сликички од мојот живот“. Тој е единствениот што уште го чува споменот на „Златни дечаци“ и мене ме потсетува на моето детство.

05.09.2017

  Do it Again / Holy Ghost Someone great / LCD Soundsystem Transient Program For Drums and Machinery / Soulwax Anymore / Goldfrapp Intermezzo II (Interstellar Funk Remix) ...

26.08.2017

Спојлер: Понесете си марамчиња и врзете го појасот, ве чека бура од смеа и емоции.   Мал плац на периферијата во Неготино е центарот на ...