Killing Joke во живо

Szene, Виена

Навистина е многу тешко да се напише рецензија за нешто со кое сте емоционално силно поврзани. Пред неколку децении тврдев дека групата не е обичен рок состав и дека и треба научен пристап. Сè уште мислам така. Отсекогаш изгледаше дека Killing Joke се на едно поинакво ниво, бидејќи тие се занимаваат со некои од најосновните политички, економски, филозофски и религиозни прашања на нашето време. 

kg3

Само PIL и Gang of Four би можеле да одговарат на нивната инвентивност и влијание, а разните соработнички проекти меѓу членовите на овие групи во текот на годините се сведоштво за ова. Станав огромен фан на Killing Joke уште од времето кога првпат ги видов во живо на De Panne Seaside фестивалот во 1985 година. Нивниот настап беше најдобар, заедно со Siouxsie and the Banshees, Cult и Sound, сите во нивните врвни изданија. Killing Joke ги гледав по вторпат во познатата London Apollos concert пред неколку години и искуството беше уште посилнo заради помалиот обем на концертното место. Сепак, минатогодишниот настап во Нотингем за мене беше најблиску до она што еден концерт на Killing Joke би требало да биде. Се случи да го пропуштам авионот за Македонија и морав да останам два дена повеќе во тмурниот хотел во Лутон. Барајќи некои културни опции за да го пополнам времето, Rock City концертот беше најдоброто нешто што можеше да се направи.  Испадна дека тоа беше едно од најдобрите концертни искуства во мојот живот.

Претставува ретка прилика да се видат огромни групи во помали концертни места. Чувството во Рок Сити е како да се биде привилегиран да се види Led Zeppelin по првиот албум во Whiskey-А-Go Go, или Yes пред Wakeman, па дури и Hawkwind на турнејата Space Ritual. Споредбата не е случајнa, бидејќи ги одразува музичките инспирации на бендот. Jazz е отворено романтична личност со класичнa подготовка и склоност кон мистицизмот. Неговите стихови, иако дистописки на прв поглед, го откриваат копнежот за некое трансцендентално место. Како превртена верзија на Џон Андерсон, неговите стихови се грандиозни и на моменти речиси визионерски. Аристократ и блудник, Jazz е баш тој кој е одговорен за култното обожување на бендот, особено кај сериозната публика заинтересирана за чудната привлечност меѓу окултното и уметноста. Geordie претставува моќ и стил, од ковот на Jimmy Page, кој очекувано е голем обожавател на нивната музика. Неговиот звук е основата за секој заљубеник во рокот: сите сме навикнати на неговиот Memory Man и филтрираните пространства на звукот на гитарата, неговото уникатно подесување и поставување на микрофони, но она што восхитува на концертот е леснотијата на неговиот настап. Како тој е да е таму само за да се забавува. Звукот на Youth е единствен меѓу пост-панк бас гитаристите. Да, постои даб и фанк ритам тука и таму, но на последниот албум звучи повеќе како Леми во неговиот Hawkwind или почетокот на Motorhead. Ladbroke Grove ритам од најдобар калибар! Big Paul е гигант меѓу тапанарите. Неодамна тапанарот на Goldblade ми рече дека Big Paul е причината поради која тој е со тапаните. Можам да кажам дека Paul е инспирација за многу други личности заинтересирани за неговиот тапанарски стил и лирски допринос. Човекот го претвори свирењето тапани во уметничко дело. Тој едноставно не држи само ритам: тој е човек кој мисли на ритамот, менувајќи разни пози на телото на речиси секоја песна, а понекогаш дури и за време на една песна. И како и со Geordie, сето тоа изгледа толку лесно, иако очигледно бара многу увежбување и енергија на сцената. Во суштина, музиката на Killing Joke се сведува на стратегија  кој нема исходиште, тоа е прилично бескраен дрон звук згрчен во себе, нешто кое мистиците го нарекуваат негативен пат. Со други зборови, да се постигне целта со тоа што не одите кон целта или уште поедноставно, губите за да добиете. И трикот функционира: со тоа што не се обидуваат да ослободат голема доза на енергија ефектот е сосема спротивен. Хеви метал музичарите можат да научат многу од нив.

Концертот во клубот Szene беше најблиското место каде би можел да стигнам до бендот на оваа турнеја. Возење 1000 км до Виена беше прилично досадно и монотоно во најмала рака. Наместо “gatherers” публиката беше составена од главно екс-Ју фрикови и некои обични локалци. Killing Joke е сериозна работа за возрасни, па немаше млади. Имаше и неколку жени, иако не знам како тие се поврзуваат со славните анти-љубовни ставови на нивната музика што уште повеќе ги поврзува со PIL и GoF. Можеби се жедни за перверзија.

Некако Виена се вклопува со бендот. Допаминската виенска храна – шницлите, чоколадните слатки и штрудлите – бездруго бараат екстремни сензуални задоволства. Господин Фројд и другите дефинитивно не можеле да најдат подобро место да се запознаат со различните перверзии: муштерии имаше насекаде. Хибридно-окултниот и психоаналитички метод на Jazz беа соодветно искористени на сцената во Szene за да ги предизвика потсвесните стравови и трауми на публиката. Тоа е она што Jazz го прави редовно, но оваа вечер тој беше посебно инспириран. Најпосле, ова е Виена. И сигурно имаше многу кои дојдоа вечерва да се егзорцираат.

Гласот наназад на Jocelyn Pook од воведот ветуваше возбудливо патување во времето на новелата на Snitzler која прецизно го отсликуваше проблематичниот ум на декаденцијата на крајот на векот во Виена. И така, ноќната одисеја на Traumnovelle започна повторно, овојпат не во Њујорк, како кај Кјубрик, туку назад на оригиналната дестинација. Грозоморната песна се спојува со The Hum – приказна за паднатата заедница на понизните и послушните. И тогаш расата на Господарот е најавена, “Мораме да играме во нашиот живот како војници на бојното поле”. Jazz стоеше злокобно на сцената како вистински Господар на темнината поставен да ги води Робовите кон просветлување. Тука зборуваме за нееднаква размена: Господарот само дава и не бара ништо за возврат. Не знам дали го прочитале George Battaile но неговата карактеризација на сувереноста совршено ја искажува филозофијата на Killing Joke. Можев да го приметам чувството на сувереност во бендот, можеби затоа што сигурно се во целосна контрола на нивните инструменти и на нивната концептуална презентација на сцената. Нивните тела и нивните умови не се контрадикторни едни со други. Од друга страна, очигледно е дека имаат и други средства за да се грижат за себе и за своите семејства, што значи дека можат да ги задржат проектот Killing Joke чист и слободно да го живеат (барем на сцената и на турнеите) животот на непрофитно трошење. Ослободени од желбата да прават пари со лажна уметност (како многу други) тие не се посредувани од општествено-економскиот систем на капитализмот. Парите никогаш не беа нивен Бог, сетете се! Надворешниот свет не им нуди чувство на отуѓеност повеќе бидејќи станува неважен. Со други зборови, тој не им нуди субстанца по која би тежнееле.

Сет-листата на вечерта не беше дефинитивно избор на најдобрите песни. Тоа разочара некои во публиката на кои не им беа испорачани „омилените песни“, но Killing Joke не се U2. Песните беа, всушност, внимателно избрани за да ги рефлектираат нивните главни теми и ставови во речиси 40-годишната кариера: песни за примитивниот бес, контролата врз него и  употребата во општествената критика. Првиот сет на песни (Death and Resurrection Show, Unspeakable, Wardance, Requiem) се најомилените кај фановите бидејќи тие се огледало на нивната естетика од крајот на 70-те и почетокот на 80-те години. Моќта на ослободениот еротизам, губењето на контролата на телото, оргијастичкото враќање кон разузданата сензуалност, мотивите на оган, жртвената крв и примитивните ритуали, сите служат да се повика светото. Се работи за племенска милитантна музика колективната волја насилно се наметнува на поединецот. Овие песни не се оние кои ви се допаѓаат или не: излудувате по нив чувствувајќи дека не можете да одолеете на енергијата која удира право во вас. Не верувам дека постои фан на Killing Joke кој не ја почувствувал експлозивната енергија на уривање кога го слушнал овие песни за првпат.

Вториот сет на песни во Szene (The Hum, Love like Blood, The Exorcism) ги рефлектираше нивните ставови од средината па до крајот на 80-те години, кој во основа беа комбинација на теорија за де-еволуција на Блаватски и во помал облик парчиња од социјалната теорија на Хегел. Зборуваме за херои, бестрашните кои дејствуваат, расата на храбрите кои уживаат во бесот на уништувањето, Господарите од старото време кои го отфрлаат и го презираат менталитетот на слабите итн.

Песните кои се занимаваат со социјална критика (New Cold War, European Super State, Change, I am the Virus) беа најавени од страна на Jazz поздравувајќи го Сноуден, човекот „кој ја разоткри вистината за американската политика“. Тие се занимаваат со реториката на студената војна и анти-глобализмот. Нивниот дух е од инкарнацијата на бендот од раните 90-ти години кога Jazz отворено го напаѓаше корпоративниот капитализам како крајно зло на земјата. До ден-денес води своја крстоносна војна против Големиот брат, ставајќи нова маска секој пат кога капитализмот го менува својот карактер. Мене ми личи на некој модерен Вилијам Блејк кој ги испорачува неговите молитви против „темните сатански мелници“ на корпоративниот свет.

Тоа беше општата атмосфера на вечерта: сеансата се состоеше од контролирана и измерена рамнотежа помеѓу старото и новото. Звукот беше матен на почетокот, но стана подобар до крајот на шоуто. Geordie беше главниот командант внимателно контролирајќи го фидбекот на гитарата од претерано наметнување во миксот. Jazz го губеше гласот неколку пати во високите ноти поради виенското студенило кое сигурно го зеде својот данок на неговиот глас. Но студот не го запре Big Paul да го испорача неговото моќно метал-прог хибридно удирање на тапаните. Креативните ритмички структури исполнети со беспрекорно чувство на тајминг беа надополнети  со суптилното синкопирања од типот на Brann Dailor.

Имаше неколку значајни моменти на вечерта. Pssyche се разбира. Песната за еден лигав наци контролор од средната класа редовно создава хаос во првите редови. Овојпат можев да забележам дека песната ја изведуваа повеќе со чувство на мајсторство отколку со гнев и бес. Сигурно, од оваа перспектива ситниот службеник навистина изгледа мал и безначаен. Уште еден битен момент, Autonomous Zone ја резимира нивната пост-2012 естетика. Песната е комбинација на моториката на Моторхед со нивниот новооткриен редукционистички став „нема повеќе херои“, еден вид на славење на раната панк субкултура и блажените зони на изолирани сквотови и звуци. Нема повеќе менување на светот, но усовршување на она што и кој си. “Ripeness is All“, како што би рекол Шекспир. Едноставната потрага по убавината го заменува милитаризмот и дисциплината на раните години. Хаосот се чини дека е под контрола. Ироничната дистанцираност од светот станува нивна нова религија.

kj1

Гледајќи од мистична перспектива може да се каже дека целиот концерт беше ритуал на иницијација каде што Господарот ги предводеше Неофитите низ фазите на ритуално жртвување на нивните стари животи и раѓањето на нови. Троделната структура на песните ги рефлектира трите фази на мистичниот пат кон вистинското знаење: прочистување-илуминација-единство. Тие го нарекуваат овој ритуал, Death and Ressurection Show. Pandemonium е централна песна на оваа патека и не е изненадување што го завршуваат шоуто со смирувачката порака на мудреците кои можат да „ја видат иднина“. Излезе дека она што го видовме беше приватен ритуал на бендот чија цел е производство на визија. Тоа не успеваше секогаш. Во текот на нивната кариера, можат да се забележат подолги период на сомнежи и несигурност. Како на пример песната Mathematics of Chaos. Но, тие изгледаат просветлени сега, толку многу, што изгледа дека Jazz може без двоумење или очај да го изговори крајното визионерско кредо: „All Shall be Well.“

На крајот на концертот се смееја поздравувајќи се меѓу себе. Тие уживаат во оваа турнеја, тоа е сигурно. Што се однесува до публиката, третманот беше завршен и можeвте да ги почувствувате добрите вибрации наоколу. Нашата мала македонската група тукушто дозна дека некои локални тинејџери го заебале изборниот систем во САД и завршија како вест на денот во светските медиуми, од Стивен Колбер до CNN . Обидувајќи се да заработат малку пари тие масовно ги лажирале вестите за Клинтон и Трамп и на моменти привлекле повеќе гледачи отколку вестите на редовните медиуми. е прашував дали можеби овaa смешна епизода не е најголемиот панкот инцидент на сите времиња. Најпосле, децата ја споделуваат DIY панк филозофијата: ги користат слабостите на системот и го претвораат тоа во сопствена корист. Измама од највисок ред! И тие сигурно не изгледаат како херои. Познавам некои од нив бидејќи тие живеат во моето соседство и можам да се заколнам дека никој од нив не ги слуша Killing Joke или го чита Crawley. Слична на Pssyche, тие открија дека зад Dr. Mabuse или зад Големиот Брат стои џуџе со проектор. Дали системот е толку слаб? Ако е така, можеби не ни требаат Сноуден и Асанж повеќе, туку банда на South Park клинци кои ќе му ебеат мамата на системот без да ние имаме потреба да интервенираме. 

Малата банда од Македонија луташе долго во ноќта по виенските калдрми.  Не знам дали поради Захер тортата, но тешко дека можам да се сетам дека некогаш се имам толку многу насмеано. All Shall be Well – ми одѕвонувaше во мојот ум сè до дома.

сетлиста:

The Hum
Love Like Blood
Eighties
Autonomous Zone
New Cold War
Exorcism
Requiem
Change
Turn to Red
European Super State
I Am the Virus
Complications
Unspeakable
The Wait
Pssyche

The Death & Resurrection Show
Pandemonium

Мицајков & Flooder | Nuttin But Moodymann Magic

14.03.2017

How Do U Get 2 Detroit Tribute It’s 2 Late 4 U And Me Mahogany Brown Shine Sunday Morning Forevernevermore Music People Rick Wilhite – ...

14.03.2017

Новиот албум на американската џез пејачка Стејси Кент (Stacey Kent) „What the World Need Now is Love“ (Candid, 2016) можеби ќе ги разочара нејзините почитувачи. ...