Tajçido

Tajçido

Грувот како движечка енергија која доминира на истоимениот албум на составот Tajçido, некој би рекол уште еден диско-панк бенд во транзиционата низа креации на new wave движењето.

Tajçido

Но, не ќе да е така во случајот на ова дебитантското издание, кое во борбата за сопствениот музички идентитет, инстинктивно тргнувајќи од корените на панк-рок, инди, нов бран, пост-панк, краут-рок, диско и електронските жанровски излети, создава сопствен амалгам од звуци на едно место, подготвувани според посебна рецептура, грижливо профилирани во 8 инструментални нумери, реализирани во мај годинава за хиперактивната PMG Recordings. Bledi Boraku на гитара и тапани, Franci Kurti на бас гитара и Elrind Hoxha на гитара и тапани, суверено се заигруваат со стиловите, вешто ѝ се опираат на гравитацијата и свират како што ретко кој би се одлучил тоа да го направи, репетитивно и едноставно. Амбициозно изведен, албумот Tajçido нуди футуристичка визија на дисциплинираното ни музичко минато, кој лесно би можел да го најде своето место под ѕвездите, безобѕирно и самоуверено, каква што е и прогнозата за општествата во кои живееме. И покрај брилијантните моменти, Tajçido се слушаат во еден здив, а тоа фунционира единствено доколку е емитуван гласно. Не ги штедете задоволствата, одвртете ги.

 

Саша Павловиќ | Коза Ностра 3 | 8 октомври 2015