Dr. Hook & the Medicine Show

The Ballad of Lucy Jordon

[ CBS 1975 ]

Од музичкиот дневник на Ѕвеки

За „лигавата“ иронија на „Доктор Хук“

 

Оние што барем бегло се сеќаваат на музиката на „Доктор Хук енд д медисин шоу“ („Dr. Hook & the Medicine Show“) веднаш, убеден сум, ќе констатираат дека таа е – лигава! Но, ако уште еднаш ги преслушате, тогаш секако ќе сфатите дека нивните песни се навистина – лигави. Меѓутоа, дури по третото слушање ќе го добиете вистинскиот заклучок, а тоа е дека тие се дефинитивно – лигави!

Што, конечно, може да се очекува од бенд, кому еден од главните хитови му се вика: „When You’re in Love with a Beautiful Woman“? Кога своевремено стекнаа светска слава со нивната најпозната нумера (барем кај нас) „Sylvia’s Mother“, таа експресно беше наречена love story на поп-музиката. И да, по својот плачлив стил навистина делуваше како музичка подлога на славната филмска мелодрама со Рајан О’Нил и Али Мекгроу во главните улоги.

Но… Иако во музиката нема место за многу употреби на тоа едно „но“ (што секогаш постои), кај овие момци од Њу Џерси контрадикциите не се исклучок, туку правило. Како прво, тие никако не наликуваат на Рајан О’ Нил и Али Мекгроу, дури ни како „Би Џиз“ или, не дај боже, како Џон Траволта. Напротив. Станува збор за една пијана банда, која сјајно се забавува дури ги тера другите на плачење (барем така беше во почетоците на нивната кариера, во раните 70-ти години од минатиот век). И, второ, мошне, мошне важно: зад нив стоеше Шел Силверстејн (Shel Silverstein), еден од најоригиналните и најуниверзалните американски уметници на втората половина на XX век – писател (главно за деца, своевиден американски пандан на Данил Хармс), стрип цртач, сценарист, режисер, аниматор, сликар… Кога велиме дека чичко Шел стоеше зад нив, тоа сфатете го најбуквално. Имено, Силверстејн е автор на музиката и текстовите на речиси сите песни на „Доктор Хук“, но тој не свири со нив, не се појавува на спотови, го нема на концертните настапи… Тој е зад нив. Колку што мене ми е познато, постои само еден спот каде што се појавува Шел Силверстејн, и тоа на една верзија на „Sylvia’s Mother“, снимена во неговата куќа-брод, каде што тој свири усна хармоника.

Photo of Dr. Hook & The Medicine Show

Некој што барем малку го знае делото на Силверстејн (а се надевам дека има такви што се запознаени со работата на овој американски генијалец), знае и за улогата на иронијата во неговото дело. Токму поради таа иронија, тој ги бира „хуковците“ да ги пренесат неговите „пораки“ до широкиот плебс. Ако сакам да бидам искрен, навидум едноставниот текст токму на „Sylvia’s Mother“ јас досега не успеав целосно да го разберам: дали момчето (оној што пее) ја остава Силвија или Силвија го остава него. А тоа е, верувајте ми на збор, еден од најпростите текстови на Силверстејн.

Како и да е, без оглед на милионските тиражи, требаше некој друг да ги отпее нивните песни, па (барем малку) да разбереме за што се работи. На пример, Маријан Фејтфул од групи-девојка дефинитивно помина во сериозни артистки токму со преработката на нивната „The Ballad of Lucy Jordan“ (од некои причини во оригиналот презимето на хероината не е Jordan, туку Jordon). Токму оваа песна, иако никогаш не стана вистински хит на „Доктор Хук“, беше насловната на албумот што во тие 70-ти стаса до моите раце. Тоа беше некоја нивна компилација од скандинавско производство (во тоа време сите имавме по некој роднина во Шведска), која на почетокот со индигнација одбивав да ја слушам. А потоа ја слушав. И слушав. И слушав…

Првенствено поради една песна. Тоа беше „Makin It Natural“, нешто што ми изгледаше многу важно, некаков ангажиран американски фолк што инстинктивно го чувствував (тоа е една од ретките песни, чиј текст никогаш не сум го слушал, туку само изведбата. Дури сега сфатив дека станува збор за наркоманска или анти-наркоманска песна. Заедно со иронијата на Силверстејн, се разбира). Како и да е, подоцна открив низа за мене многу важни песни на „Доктор Хук“, кои, ете, никогаш не станале хитови: „Freakin’ at the Freaker’s Ball“, „Penicillin Penny“, „Get My Rocks off…“, „Cover of the Rolling Stone“ (веројатно единствениот хит од оваа серија песни), „Acapulco Goldie“, „Roland the Roadie & Gertrude the Groupie“ (нешто што потсетува на Френк Запа)… Останатото пронајдете го сами.

И денес кога размислувам за „Доктор Хук“ првата асоцијација ми е, да, тие се лигави. Но… Со една прекрасна иронија на лигавото време во кое живеевме тогаш. Денес живееме во уште полигаво време, само што Шел Силверстејн го нема повеќе тоа да ни го каже.

Европската вожња на скопската линија
Кон фестивалот Cinedays 9-19 ноември

24.11.2017

Од 9 до 19 ноември, во организација на Младинскиот културен центар се одржа 16-то издание на меѓународниот фестивал на европски филм Cinedays. Овогодинешното мото на фестивалот ...

21.11.2017

На затворањето на „Синедејс“ во неделата се случи македонската премиера на „Исцелител“, дебитантското остварување на режисерот Ѓорче Ставревски, кој по долгогодишна работа на ова негово ...