Blaze Foley

The Dawg Years

Blaze Foley aka Depty Dawg е без конкуренција моето најголемо откритие годинава. Нуркајќи длабоко во US фолк жанровите, како во буре алкохол без дно, го открив овој предвесник на Американа жанрот, инаку верен компањеро на уберлегендата Townes Van Zandt. За жал, за разлика од Zandt, покојниот Blaze Foley не само што не е познат во јавноста и музичкиот свет, туку е и апсолутен странец надвор од радиусот од не повеќе од 1000 km каде го поминал својот живот. Имено, деновиве, првпат слушајќи една заедничка снимка токму од овие двајца, увото ми го сврте погледот кон Foley, па тргнав да го истражувам, онака до срж.

Покрај сите деликатеси од музики, снимки и скапоцени прикаски кои ги ископав, “The Dawg Years” е нешто што ме навлече така силно на Foley, што не можам, а да не ја искористам kritika.mk и да го споделам истиот. Доволно е барем некој да ја слушне музикава и мојата мисија е успешна.

Blaze_1981_CP_VAUGHN

“The Dawg Years” е збирка од 20 песни на Foley, во негова акустична изведба, снимени во три сесии во дневната соба на негови пријатели, помеѓу 1976та и 1978ма година. Овој “Greatеst Hits” албум, снимен на тогашен просечен tape recorder, е толку добар, што квалитетот на mono снимката која на моменти е дури и прекината од плач на бебе и разноразни коментари во позадина, не е ни важен, ниту потребен. Бездомник по свој избор, мошне итар и многу вешт на својата гитара, 25 годишниот Foley, на нешто повеќе од половина од својот краток живот, многу зрело опејува теми кои се занимаваат со љубов, осаменост, бес, неправда, хумор, сатира и сиромаштија, кои најверојатно и заземале голем дел од неговото секојдневие.

Целиот албум е еден сплет од фолк, кантри, блуз, регтајм и други жанрови, на кој има неверојатно моќни песни кои вријат од мрак и меланхолија, а има и десетина кои се печени за фолк хитчиња (барем во мојата лична „Фолк хит парада“). Би ги издвоил: “You’ll Get Yours Aplenty”, “I Should Have Been Home”, “Moonlight Song”, “Tree House Lullaby”, “Livin’ in the Woods on a Tree”, “Cosmic Doo Doo” и “Big Cheeseburgers and Good French Fries”, како мои омилени и најслушани, иако буквално сите песни на албумов се одлични. Ма и повеќе од тоа.

Тука го завршувам овој текст и ве оставам со една мисла на Townes Van Zandt за Blaze Foley:

“He’s only gone crazy once. Decided to stay.”

 

05.09.2017

  Do it Again / Holy Ghost Someone great / LCD Soundsystem Transient Program For Drums and Machinery / Soulwax Anymore / Goldfrapp Intermezzo II (Interstellar Funk Remix) ...

26.08.2017

Спојлер: Понесете си марамчиња и врзете го појасот, ве чека бура од смеа и емоции.   Мал плац на периферијата во Неготино е центарот на ...