40 Thieves

The Sky Is Yours

„Листајќи„ ги траките од »Must hear tracks« за таа недела од Nu-disco / Indie Dance жанрот налетав по долго време на албум. И тоа дупли, издаден и на винил и на ЦД. Бидејќи деновиве/годиниве во продукцијата на електронска музика се и 15 минути продукција (на едно издание) од еден автор многу, 105 минути музика и 20 траки дефинитивно бодат очи.

За 40 Thieves може да се избуричка по интернетот дека албумот првенец им е издаден по повод јубилејот на 10 години постоење. Најверојатно се викаат 40 Thieves дека се еден куп музичари што се собираат, „крадат„ чат-пат од ваму-таму и како диџеи џемуваат наоколу со „живи„ музичари и добиваат идеи за нови траки. Ама не било какви траки.

Layne Fox (aka Tuffy), Corey Black (aka DJ Corster) и Jay Williams (aka DJ Jaswho?) се од San Francisco, САД и се сржта на колективот. Сите диџеи, со по скоро две децении искуство по клубовите од западниот брег на САД. Тројцата (со своите други проекти) имаат позади себе приближно 30 изданија, што синглови, што EP-a, и по некој албум. Во скоро 10те
години постоење, како ремиксери, соработувале со уметници од многу различни жанрови. Од Plastique De Reve па до Kid Creole and the Coconuts.

Како 40 Thieves, предиздавањето на албумот,им е позначајно изданието »Don’t Turn It Off« за познатата издавачката куќа Permanent Vacation од 2008-та. Водечката 9+ минути трака од EP-то, затрипована мешавина на disco-acid-house, хараше по клубовите од тоа време и 2010 година беше ставена во изборот за најдобра трака на деценијата на Beatport.

40 Thieves се како автори (најверојатно и како диџеи), без никакви предрасуди кон стиловите во музиката. Пробуваат со мешање на секакви, со тоа што наместо турлитави, прават ремек дела. Најголемиот заеднички делител на претежниот дел од продукција што за на денсфлор е гореспомнатиот микс на disco-acid-house. Ако е основата диско, ја мутираат со гени од acid и house, и обратно. Ама во секој случај составуваат такви траки што им даваат насмевка на диџеите, а богами и на мноштвото г’зои на денсфлоровите по светот. А како им успева така добро да ги спојат матриците од „плесната„ електроника со купот живи инструменти и вокали во траките – само тие знаат.

На дуплиот албум има музика ѕа сите калибри. И за олдскул диско фенови, за Њу-дискаши, за есидаши и љубители на даунтемпо и експериментални амбиентални финти. Мојот избор на траки што со ќејф ги вртам: List of Two (идеална за загреванје или во полувреме од сет), Face Full of Fur (лаган, ама со многу потенцијална енергија, trippy, стаф) и Yamobeecha (трајбл, диско, фанки, џигимиги хаус хитче).

Дослушање 40 Thieves. Се надеваме со сличен албум, што ќе се врти на рипит. И ако може после помалку од деценија.