Tindersticks

The Something Rain

Ако досега не сте чуле ништо од музиката на Tindersticks ќе си дозволам да бидам груб и да ве прашам дали досега просто сте спиеле на вашите уши? Неверојатно е да сте слушнале нота од Stuart Staples и од неговата дружина, а да не сте станале искрен фан пред сé на неговиот баритон. Стејплс има од оние гласови кои по препознатливоста може да се спореди со тонот што го произведува грлото на еден Leonard Cohen или можеби David Sylvian. Да, до толку е посебен, до толку е прекрасен!

И доколку треба да го сместиме во некоја музичка фиока овој англиски бенд можеби најдобро би му прилегала етикетата авантгарден поп иако голем дел од неговите песни се зачинети и со соул и со џез мирудии. Но, да не се лажеме Тиндерстикс не би биле култна група доколку некој друг наместо Стујард Стејплс би стоел зад микрофонот.

Нивната музика е есенска и во рецензиите често можете да прочитате дека ја препорачуваат за денови кога облаците го голтнале сонцето, а метеоролозите не се убедени оти ќе се појави во догледно време.

tindersticks

Песните од овој албум ги враќаат сеќавањата на влажните ногавици кои чекорат по тротоарите со мртви лисја, мелодиите мирисаат на зрела дуња а од оркестрациите добивате чувство дека сте изложени на октомвриско ветре од кое не знаете дали ви е пријатно или полека но сигурно ви смрзнуваат зглобовите. Ова е музика која ги напаѓа носот и очите, ќе ве натера да плачете за невозвратената љубов дури ако покрај вас свиткана во ќебе спие жената на вашиот живот.
Мое е да ве предупредам дека иако се утепав фалејќи го вокалот на Стејплс неговиот глас на оваа плоча се појавува дури по десеттата минута. Албумот го отвора деветминутната „Chocolate“ на која наместо да пее Стејпсл има нарација која ја води органистот Дејвид Болтер. Тој раскажува за емоциите на еден маж за време на првиот состанок со девојката од неговите сништа, а звукот и гласот се спакувани како да станува збор за радио драма на „Би-би-си“ инспирана од стрип на Марвел. Токму стриповската атмосфера не навестува среќен крај на приказната во песната – некој наскоро мора да умре, нараторот мора да се претвори во суперхерој со трагично минато.

Веќе на втората песна „Show Me Everything“ Стејплс ја зема работата во своите гласни жици и ја поставува траекторијата по која ќе се движи звукот на остатокот од албумот. Понатаму ќе ги чуете џезираните „The Fire Of Autumn“, „Slippin’ Shoes“ и уште неколку траки во кои доминира баритонот на Стејплс придружуван од суптилна џем-сешн инструментација, а од ова темпо ќе ве извади само „Frozen“ за која велат дека личи како песна на „Тиндерстикс“ која поминала низ компјутерот на драм енд бејс продуцентот LTJ Bukem.

„The Something rain“ е нивниот девети по ред албум, а трет и сигурно најдобар по реоформувањето во 2006. Во секој случај ова е одлична плоча која може да биде појдовна точка за да се навлезете на нивното творештвото, но доколку тоа го правите послушајте го мојот совет и веднаш побарајте го нивниот трет албум „Curtains“.

 

1 јуни 2012
Дневен “Фокус”