Apollo Brown

Thirty Eight

Појавувањето на формалната групација на продуценти и артисти позната како „Мело Мјузик Груп“, естаблираше нешто што малкумина можеа да го предвидат- нови стандарди на продукција, редефинирање на правилата, внесување свежина, креативност и нови перспективи во музички правец кој некои зли јазици го сметаат за истрошен. Многу слушливи, аудофилни изданија од сферата на хип хопот кои навраќаат на 90тите или пак интригираат со футуристичките и фузионирачките, во стилска смилсла, комепоненти кои се честа појава и белег во продукцијата на артистите кои стојат потпишани за оваа издавачка етикета. Имиња како Аполо Браун, Одајси (Oddisee), Л’Оринџ (L’Orange) зад продуцентската палка и емсија како: Квеле Крис (Quelle Chris), Хаз-Ло (Has-Lo), Касл (Castle) се само дел од артистите кои стојат зад проектите пропагирани од Мело Мјузик Груп.

Тешко би било да се издвои најполоден или најкреативен продуцент од базенот на продуценти на „Мело Мјузик Груп“, но по многу нешта Аполо Браун може да биде тоа. Неговото искуство во музичкото подземје и колаборацијата со многу етаблирани имиња од индустријата (како DJ Premier) го поставуваат во епицентарот на неговата музичка зрелост. Токму и затоа еден од поуспешните проекти издадени под оваа етикета, во тековната 2014та година од многу различни аспекти може да се каже дека е албумот кој со огромно задоволство го рецензирам, Аполо Браун – Трти Ејт.

a_b

Ова албумско остварување (или во сленг познато како LP), е максимално уживање на повеќе нивоа. Прво и веројатно најважно, овој албум претставува збир од 20 празни инструментали (и 2 бонус нумери на кои гостува Рок Марсијано) кои Аполо ги има работено специјално за „Трти Ејт“ или пак се нашле во него затоа што системски одговарале, а биле начнати како дел од некој друг проект или пак затоа што не биле искористени за намената за која првично биле замислени. Просечната должина на една нумера е околу 3 минути неземајќи ја во предвивд воведната. Насловот на албумот е инспириран од познатиот пиштол со калибар 38 кој често може да се најде во сопствеништво на демографски постарото население долж Соединиетите Држави. Иако работниот наслов на овој албум е „Револверот на стариот“ (Pop’s Revolver), сепак Аполо се одлучува во последен момент за пократок наслов како заокружување на минимализмот на овој проект.
Од музички аспект, преовладува токму тоа, минимализам и уметноста на тоа колку едноставноста може да биде богата (што би рекле нашите братучеди преку големата бара: less is more). Многу често инструменталите се репетитивни, а сепак не се здодевни и целиот процес на повторување е направен поради доловување на некоја цел. Продукциски има многу експериментирање со сечење делови од музика направена во периодот од 80-тите и 90-тите години на минатиот век и склопување во ново, тековно и автентично хип хоп остварување. Овој момент најмногу доаѓа до израз во нумерите проткаени со женски вокал кој датира од горенаведниот период.

Големината на овој пред сѐ инструментален албум се согледува во тоа што успева да долови и опише многу повеќе моменти од поголемиот дел од албуми кои ги ислушав тековнава година, а во нив вклучуваат и лирика. Секоја нумера раскажува своја посебна приказна која се одигрува во вашата фантазија. Иако авторот на инструменталите има своја замисла за секоја од нив, не мора да биде иста како и таа во вашата глава. Она што несомнено ќе се случи е тоа дека секоја од нив (нумера) ќе ве понесе на различно патување во делови од вашата свест.

Аполо многу сака да си игра со звуци кои навистина вешто успеваат да ве внесат во делот на вашиот ум кој се занимава со ретроспекција на вашите одлуки и тоа каде сте во моментов во животот. Друга нумера пак, ќе ве однесе на место на грабеж кој се одигрува пред вашите очи или пак вие сте дел од него. Гледате човек кој држи цела банка под нишан додека неговите соучесници ги полнат вреќите со пари од сефот. Следната сцена носи нумера која го проследува нивното бегство и бркотницата со полицијата. Трета нумера ќе ви го олесни попладнето лежејќи на каучот од дневната и размислувајќи каде ќе го поминете следниот одмор или што ќе правите викендов. Четврта ќе ви ја даде потребната самодоверба да истрчате уште еден километар или да направите уште едно повторување додека сте во теретата, а песната тече во вашите слушалки. Петта ќе внесе сензуалност при интимните моменти со вашата посилна или понежна половина.

„Трти Ејт“ е кохезивно музичко остварување на многу сцени од секојдневието кои може, но и не мора да бидат поврзани една со друга. Воспреимањето на музиката е оставена на слушателот и неговата способност за апстракција. Не би бил изненаден и би бил исклучително возбуден доколку во иднина го видам името на Аполо Браун потпишано зад филмска музика на остварувањта на Гај Ричи, Скорсезе или Аронофски.

За крај, рецензијава е топла препорака за сите музички вљубеници, оние кои сакаат да експериментираат и копаат по музичкото творештво, дури и за оние кои ја користат фразата „а бе бегај таму, не слушам рап“.

Омилени нумери: Life is a Wheel, Shotguns in hell, Lonely & cold, Never disappear и The answer

 

17.11.2017

Кога нешто доаѓа „со љубов од Русија“, особено доколку е насловено „Нељубов“, тогаш мора да му се посвети особено внимание. Но, својата особеност рускиот режисер ...

17.11.2017

Секоја чест за селекцијата „Гала премиера“ во киното „Милениум“, во чии рамки на „Синедејс“ можат да се видат новите остварувања на ѕверки како Акин, Ханеке, ...