Поздрав до следната можна средба, you fu.kin genius

Thurston Moore на Скопскиот џез фестивал

Петок попладне. Ги привршувам обврските и полека навлегувам во она што ме чека вечерта, точно на полноќ, повторната средба со еден од моите музички херои од младоста, glavom i bradom, мистер Трстон Мур. Листам фотки на ФБ и гледам дека организаторите во текот на денот го шетнале низ чаршијата (Трстон сигурно кркнал некој ќебап, па можеби вечерта ќе отсвири добар Destan blues), а ја посетил и африканската изложба во Музејот на Македонија, како редовна дестинација на сите гости деновиве на џез фестивалот. Потоа читам тазе интервју (одлични прашања, и секако одговори) и сфаќам дека од младешкиот занес кон музиката и сето она што за алтернативната сцена претставуваа Соник јут поминало бајаги време, бидејќи Трстон во меѓувреме, по распаѓањето на бендот, комплетно се променил. Веќе неколку години живее во Лондон, го канат да предава на универзитети, и најважното, соработува(л) со стотици музичари на различни проекти, продолжувајќи го својот музички живот во сосема други води, но сепак останувајќи свој. Токму затоа со посебна возбуда го очекувам полноќниот настап, бидејќи нема да биде Соник јут и она што од сцената на Зигет фестивалот во Будимпешта ми го подарија во 1996 година, сирова енергија и прекрасен артизам. Уште со најавата на соло концертот, на социјалните мрежи се појавија сомнежи на што ќе личи сето тоа, па дури зафрчеа и осуди на сè уште неслучен концерт (познати сме по тоа!), но нејсе, сепак момакот од Њујорк/Лондон доаѓа во рамките на џез фестивал, каде вечер претходно на истата сцена настапи уште еден херој од Големото јаболко, маестро Арто Линдзи.

Со денови се мислев како да ја организирам вечерта, бидејќи не сум во години кога стартот на концертот на полноќ би ме радувал, и добро се надоврза една книжевна вечер во организација на мои пријатели, на која и онака би присуствувал, бидејќи гостинката од Украина имаше одличен настап зборувајќи за миксот на документарноста и фикцијата, нешто што таа го работи, но и мене ми претставува зона на интерес. Секако, дружбата потоа низ пијачка не ја одбив, и веќе се наближуваше 11 часот, кога на станување, на еден од пријателите му заѕвони телефонот и тој веќе во следниот момент само гласно ја пренесе бројката пред сите нас: 80!
Се упатив кон МКЦ каде веќе ме чекаа пријателите. Прво го консултирам Т. дали да ги донесам трите ЛП-ја од автомобилот, да ги оставам кај него, за ако намине Трстон, да ми јави, да се сликнеме и да ми ги потпише. Тој вели дека овој наминал попладнето (за жал, тој не бил тука), си избрал некои синглици и рекол дека ќе дојде пред свирката да си ги купи. Супер, велам, ги носам моите плочи да бидат на готовс, и се упатувам кон клуб ресторанот каде ме чекаа договорените пријатели кои веќе нарачале пијачки, а во воздухот прелета и мирисот на пријатниот фалафел. Ме пречекува драгата Т. која ми вели дека кога попладнето ја отворила вратата и влегла во холот на МКЦ, во плочарата го видела сувиот и висок педесет-и-кусур-годишник како смирено си разгледува плочи, и толку и била убава сликата, како да се наоѓа во Њујорк, што за прв пат и дошло да земе апарат и да фотографира. Не дознав дали го сторила тоа, но доживувањето сигурно ќе и’ остане во главата и срцето, а тоа е она најдрагоценото.
Нарачувам домашно правено пивце, се зезаме со пријателите потсетувајќи се на Ехо фестивалот во Белград во 2003 година, кога бевме да ги гледаме Соник јут, но поради невреме концертот се одложи за следниот ден, и поради работни обврски, дел од нас се вратија дома, а дел останаа, и следната вечер доживеаја ултимативно искуство (го гледав концертот потоа на снимка, и бендот беше феноменален!). Време е да се влезе, луѓето веќе се насобрани пред МКЦ, се поздравувам со познаници и пријатели, драгиот Ф. се зеза дека можел барем гитарските „папучи“ да ги донел, да ги видиме какви се, се смееме, и се упатувам кон Денсинг салата. Попатно навраќам да видам што се случува со плочите, и Т. ми вели дека најверојатно мангупот би поминал после концертот, откако гужвата ќе се поднамали. Океј, но проблемо!
Вообичаен ред за пијачки, точено пивце на менито, и правец – трет ред, зад најзакоравените фанови кои ги окупирале првите два. Сцената е едноставна – појачало, микрофон, стол, и на него гитара. Чекаме. Се поздравуваме со Н., музичар во еден наш поранешен култен бенд, и разменуваме вообичаени шеги на тема „вечерашниот концерт“. Тој нема очекувања, бидејќи негов пријател пред одредено време го гледал Трстон во Виена во клупче со 100-150 луѓе, и настапот му бил прилично експериментален. Океј, не би ми пречело. Уште некоја закачка лево и десно, и од звучниците се појавува продорниот глас на Белопета, кој вообичаено знае да се качи на сцената и да го најави концертот, но овојпат пофраерски, како Големиот брат, само низ звук ни го најави вечерашното гостување, но и програмата за утревечер на истото место. И тогаш, оп – висока фигура излегува од темнината во аголот, скока високо и се заземјува со гласен тресок на даските од сцената. Вообичаен фазон – маичка со кратки врз блуза со долги ракави, и обете црни, а долу искинати фармерки, секако, црни. Тоа е тоа. Не’ поздравува со високо крената рака. Го поздравуваме и ние, ја кревам високо во воздухот пластичната чаша со пиво наздравувајќи му, тој ја зема гитарата, и шоуто може да почне.
– И ти остаре, мајката! – му довикуваат од публика, се слуша смеа, а Трстон ја започнува својата едночасовна приказна.
На платното позади во текот на целиот концерт одат планети, молекули, астрални патувања, тоа е она што го ловев во фрагменти, затоа што бев премногу близу до сцената и поважна ми беше фигурата пред мене. Тој само ги затвори очите и започна да го гради односот со неговиот object of beauty. Во следните шеесетина минути Трстон и гитарата водеа љубов и ни понудија звук во кој беше сублимирано сè – и болка, и љубов, и љубопитност, и трагање по невозможното… Пред мене В. веќе почна да комуницира со двете девојки кои дојдоа пред сцената малку по почетокот на концертот, обидувајќи се барем за момент да заигра на нешто што можеби му зазвучело препознатливо од темите на Соник јут. Но, такви беа очекувањата и на повеќето присутни.
– Акни малку дисторзија, да го е.ам – се слушна за време на еден тивок дел од настапот.
Изгледа, момак, не си со таа среќа вечерва. Тртсон се’ уште вози низ пределите на недостапното, испитува до каде може да оди со неговиот експеримент, и сфаќам дека она што го прави се случува само тогаш и само оваа вечер во Скопје. Ниту еден друг настап нема да звучи како овој. Токму во тоа е и вредноста на моментот – уметност овде и сега. Стариот лисец го креира сето тоа само за нас. Го препознавам моментот и комплетно се препуштам на доживувањето, затоа што единствено така оваа вечер ќе биде за паметење. Н., сепак, не се сложува и заминува, велејќи: „Кој го ебе, си одам!“ И И. излегува со девојката бидејќи во меѓувреме стана прилично загушливо, но по концертот ми кажа дека набргу се вратиле и дека доуживале во она што беше ноиз понуда од сцената.
По едночасовно патување, чувствуваме дека е време да се поздрави уметникот, тој ја намалува гласноста на дисторзијата која веќе пар минути вибрира во нашите глави, и концертот завршува. Но, не и настапот. Трстон се заблагодарува за можноста да гостува во нашиот град, и вели дека сака да ни прочита една песна. Зема еден тежок црн тефтер и ни чита поезија чија порака не ја фатив, но сето тоа ме потсети на стариот добар Џим Џармуш кога во автобусот за турнеја му чита поезија на Нил Јанг, а овој нешто го зеза. Прекрасна сцена, и таа и оваа пред нас.
Ги собирам плочите од кај Т. и заедно со Б., кој во една кесичка исто така носи ЛП-ја од домашната колекција, влегуваме во бекстејџ, каде испадна дека имало уште една врата која преку мост-излез води кон горниот дел од киното „Фросина“, каде што музичарот и успеал да кидне од нас. Добиваме информација дека бил прилично уморен и дека можеби нема да се појави на дружба. Малку разочарани со Б. слегуваме во плочарата и чекаме уште половина час во надеж дека Трстон барем ќе дојде да си ги купи синглиците. Тогаш Б. добива инфо преку телефон дека Трстон веќе го качиле во Мерцедес на улицата пред МКЦ и дека заминал најверојатно во хотел. Шибаме на калдрмата во надеж дека можеби сè уште е таму, а низ глава ми се врти нагласената информација за Мерцедесот: да не е оној од 600 илјади евра? И си се насмевнав.
Океј, се помирив дека трите плочи од Соник јут ќе останат потпишани само од Ли Риналдо во 2016-та, кога гостуваше на „Здраво млади“, пушам уште една цигара, се простувам од пријателите, влегувам во автомобил и тргнувам кон дома. Тогаш сфатив колку сум всушност исцрпен. И веднаш на излезот кон главната улица, на ќошот, ме застанува еден млад полицаец, насмеан од уши до уши. Ајдееее, па не е фер после концерт веднаш да се запира, а и можеле покултурно, барем малку подолу да застанеле, вака апла, веднаш на излезот, си мислам.
– Документи, господине.
– Еве, повели.
– Си пиел нешто?
– Секако, кој не пие на концерт?
– Ве молам дојдете со мене.
Таму вториот колега веќе ја подготвил „трубата“. Им велам дека се надевам дека го смениле пластичниот патрон горе од претходниот „пациент“, а тие потврдија дека овој е нов. Дувам во еден здив, светкаат некои сијалички, и вториот полицаец ми вели дека е неуспешно, советувајќи ме тоа да трае подолго. Вториот пат е успешно, и го чекаме резултатот. Бројките се покажуваат на дисплејот, полицаецот со насмевка ми го покажува резултатот: 0.49, и ми вели:
– Ииииии, статива!
– Да, статива – се смеам, ги земам документите, го потчукнувам по рамо и си заминувам со автомобилот.
На социјалните мрежи уште ноќта се вртат фотки и коментари од настапот, а еден пријател се прашува кои се тие луѓе кои сечат вени на Трстон? Е да, драг Трстоне Мур, за многумина вечерва твојот концерт беше статива, можеби и автогол, но иако ме зафркна и не ми ги потпиша плочите, поздрав до следната можна средба, you fu.kin genius!