Вовед во „Таинствените списи на древната Фиромеја”

Вовед во „Таинствените списи на древната Фиромеја”

 

Др. Артан  Кларк е карактер кој пристигнува од иднината,  тој е запослен во центарот на истражувачкиот совет на Евроазија. Еден од најмоќните континенти на планетата Земја. Неговото истражувачко поле се древните нации и цивилизации на некогашната древна земја Фиромеја. Сместена во центарот на балканскиот полуостров некаде на почетокот на 2о-21-от век Фиромеја исчезнува на еден сосема мистериозен начин. Земјата набргу станува поделена во III-та Светска Војна, со времетраење од периодот меѓу 2017 до 2019 година АД.  Артефактите од Фиромеја постојат единствено во виртуелна форма, и за неговиот труд беше потребно повеќе од 7 години напорно изучување и пребарување по единствената преостаната дата во главниот сметач во престолнината на Евроазија градот Истанбул.  Бидејќи во војните за превласт меѓу нациите беше уништен сиот материјал на располагање единствениот извор беше виртуелната библиотека наречена: Ишкендрија во Истанбул. Во прилог ви ги доставувам сакрално окултните текстови на една помалку опскурна историска личност од крајот на 20-от и почетокот на 21-от век.  Луцидни истресоци го фасцинираа и згрозуваа во исто време.  Додатен напор за Др. Артан Кларк предизвикуваше дешифрирањето на текстот кој што бешее напишан на древниот фиромејски јазик, категоризиран во класата на словенските јазици и криличното писмо.  Како и да е резултатите беа вчудоневидувачки. Во прилогот ќе проследите избор од еден автор познат како Волтер Ал Хаким. Внимание! Бласфемичната содржина не подлежи на цензура и секое читање на овој текст паѓа на одговорноста на читателот. Секое јавно дистрибуирање на овој материјал е строго казнив по член 666L.  Книга Втора расказ од Фиромеја кој го прикажува животот и смртта на некогашниот феудалист Рудолф Мангалеев, историска личност, управител и наследник на социјалистички акции од времето на владеењето на Словените на балканскиот полуостров. Починал мистерозно…. Примети Артан Кларк.

 

 

Осветата на стршленот Самоил

 

Рудолф Мангалеев се капеше во луксузниот базен лоциран на падините на Соње и ги броеше последните денови од неговиот живот. Докторите му предвидуваа највеќе една година живот. На влезот од имотот стоеше глава од бизон, еден од оние африкански со голема глава и мал топ што требаше да го означува неговото славно минато. Беше на возраст од неполни педесетина години. Влезот од имотот беше сиот исполнет со ред од тропски растенија исто такви какви што имаше долж јужно американскиот континент. Нешто подалеку од базенот се белузлавеше неговата пространа куќа, престојувалиште изградено на 300 метри квадратни, цела исклесано од мермер и бел камен. Селаните гледааа со завист кон објектот и го нарекуваа „замокот на нечестивиот„ Објектот го одржуваа седум работници и послуга од пет млади служителки. Рудолф ја одбра синооката Нада за најблиска гувернанта и таа се грижеше за цел персонал како и за сето останато на имотот, вклучувајќи ги и платите на вработените. Рудолф Мангалеев беше еден од оние транзициски среќници на кои партијата им беше поклонила право на управување и отуѓување на еден помал рудник во Курдогушица, место одалечено само неколку села од областа наречена Психопичина. Тој како управител беше за сето време опкружен со почести и бенефиции, имаше завршено средно угостителско и пред да стане велепоседник работеше како келнер во воената академија на ЈНА ( некогашната армија на Југославија ). Набргу тој и самиот се здоби со висок чин, па откако Македонија се раздружи од Југославија беше назначен во македонската армија како полковник. Работите му одеа во нагорна линија се  додека не ја запозна Мирна Враголик, ќерката на Барушина Враголак. Расна женка од хазардско потекло, со зелени очи и лице што наликуваше час на лисица – час на овца. Нејзините бедра секојдневно ги исцедуваа неговите сокови. Таа го научи на сите можни пороци, вклучувајќи ја и зависноста од користењето на течниот опиум, што за нив беше испорачуван директно од фабриката Алкалоид ослободен од данок. Мирна набргу почина од преголема доза на хероин, додека Рудолф и понатаму се држеше до опиумот и бизнисот со трансформација на општествениот капитал.   Македонија стануваше  млада феудо-демократска вртелешка и тој секојдневно трупаше капитал. Се до еден ден кога тој се соочи со очите на болката. Судбината неочекувано ги промени неговите планови и тој заболе од белодробна енфизема која што брзо напредуваше.  Селаните секојдневно му се ситеа зад грб колнејќи го и пцуејќи, така тој од висок џин со неполни два метри големина се претвори во исушена скуша. Мите- Босилекот, кој што му ја одржуваше градината тоа утро се криеше под едно дрво. Од пристојна одалеченост ги следеше движењата на новата и млада невеста Љубинка, неговата масерка. Нејзините гради изгледаа совршено. Мите едвај се воздржуваше да не ја напрчи во жбуњето. Единствената причина што го контролираше неговиот нагон беше платеното пензиско и 9000-те илјади денари месечна плата од страната на Газда Рудолф. Мите босилекот имаше отворено  сметка на Фејсбук на која се претставуваше под псевдонимот Томче Веслото. На сметката стоеше гол згоден црномурест маж со  долг орган за инсеменирање.  Љубинка го имаше како  пријател на социјалните мрежи, постојано  гледајки во неговите квалитети таа потајно сакаше да да го внесе во својот меѓу ножен свет.  Тие за сето време комуницираа еден со друг.  Не ни сонуваше дека Томче Веслото е всушност нивниот градинар Мите. Сонцето беше високо над имотот кога од правецот на базенот се слушна врисок. Неколкуте гувернанти  панично се растрчаа околу Љубинка. Во нејзиниот задник се беше забил еден стршлен со големина на морско прасе и од неговата глава излезе едно осило со должина на игла за акупунктура.  Рудолф смирено ја земаше втората лула со опиум и од очите му излегуваше мангал, превртувајќи ги тој продолжуваше да жмири чешајќи ги ушите од време на време.  Мите веднаш дотрча и примети дека задникот на газдарицата се белее на сонцето како некакво желе од пудинг, таа во мака успеа да го покрие со една крпа цела тресејќи се од шок. Но Мите веќе почна да се однесува како подивено животно. Двете гувренанти Муриел и Азиса – со потекло од Мали веднаш почуствуваа дека селанецот подивел и вешто се истргнаа од сцената. Сепак во воздухот остана нешто да струи, беше на височина од неколку метри и наликуваше како поголем детски хеликоптер на батерии. Мите примети дека газдарицата нема влакна на мачката и со љубезност на волк почна да ја испрашува младата Љубинка, тргајки ја крпата од нејзините бедра. Месото повторно му заигра пред очи. Љубинка имаше убод точно на левата страна од задникот и цела се тресеше. Беше сива како смрт. Стршленот левитираше над нив правејќи наизменична бука. Рудолф ниту мрднувајќи се од место го зеде мобилниот телефон и го заврте бројот на Трајче Истребувачот.

str

 

…Трајче…

– Кажи Шефе?… Стршленот правеше лумпинзи во воздухот за сето време.

– Гледам нешто со големина на свиња како лета во воздух кај мене…

– Хм… Трајче знаеше за опиумската мана на Рудолф па започна да си игра помалку правејќи смешки на телефон. Тој утрото слушна за некаков нов вид на стршлен, дури и му го запамети името на латински „Веспа Велутина.„ Се работеше за некој џиновски стршлен кој ја вознемируваше околината на Кавадарци. Се разбира не им веруваше на телевизиите и на пропагандите. Луѓето беа склони на претерувања и празноверија.

Рудолф  продолжи со длабок глас: И ја гризна Љубинка за задник… Тука е и овој… Мите?!… Еве го нека ти каже…

Трајче се замисли.- Но што е тоа? Можеш ли да го опишеш, низ телефонот одеше непрекинато зуење на миг како да слушаше некаков звук  сличен на штипка со картонче што го предизвикуваше тркало на велосипед. Такви правеше додека беше мал, глумејќи пронаоѓач.

– Дај ми го Рудолф бе! Му дојде на ум дека сепак се работи за нешто сосема невообичаено. Митко го врати телефонот.

– Рудолф повикај брза помош, тоа е Веспа Велутина!

– Кааааквааа Веспа бе… Едвај се стркала од устата на Рудолф, во тој миг опиумот ги исполнуваше сите центри за задоволство и болот беше само една голема насмевка. Во устата му се превртуваше една голема полу-запалена кубанска пура пратена од неколкуте запалени цигари кои што чадеа во пепелниците во послужавникот кој од време на време се дополнуваше со врвен ориентален локум и тоник од Мароко. Рудолф беше во опиумска екстаза.

-Веспа Велутина или азијски стршлен! Бргу повикај брза помош или… Во секој случај веднаш ќе тргнам кон тебе!

Веспа… Љубинка почна да ги менува боите и нејзините бедра попримија облик на некаква нимфа, час жабејќи се на сонцето-час тресејќи се.

Мите се`уште го следеше стршленот кој нагло се обруши кон него како некаква германска штука од втората светска војна. Тој исплашено ја напика главата во задникот на Љубинка избегнувајќи го нападот за дел од секунда.

Рудолф пак цела драма ја следеше со поспана еуфорија, сонцето и водата го одржуваа во беспрекорна дремка слична на оној мачји сон, те буден те заспан. Се јави и на брзата помош додека ги слушаше јауците на Љубинка и мрчењата на сега веќе исплашениот Мите. Стршленот се приближи кон него. Мавташе со криљата и го гледаше поспаниот Рудолф. Овој почна да му говори:

– Ти си Габриел нели… Од криљата на стршленост се рефлектираа рефракции со бои на мед и некакво вон временско надреално зеленило, менувајќи се во жолтило,  сето тоа одеше во интервали помешано со одблесоците на сонцето и водата околу нив. Стршленот беше застанат токму пред главата на Рудолф. Имаше глава со големина на мачка.

Рудлоф тажно мјаукна:

– Боцни ме… Стршленот забруја…

– Боцниии ме… Габриел…Неговите очи како бадеми се наострија, можеше да го почувствува ветерот од движењето на криљата на инсектот.

Во тој миг вниманието на инсектот го одвлече Мите градинарот. Мите со лопата во рацете се обидуваше да го удри гигантскиот инсект.  Обидот заврши безуспешно разгневувајќи го стршленот кој сега се нафрли на Мите и му го забоде осилото точно во тилот како некаков немилосрден вампир.  Мите вресна од бол. Осилото со големина на игла го спржи веднаш  парализирајќи го на само неколку чекори од неподвижното разголено тело на газдарицата Љубинка. Барем ќе умре на тој задник… помисли пред да падне врз неа.

Сонцето веќе зајдуваше зад планините, неколку луѓе на инспекторатот ги внесуваа починатите во специјалните возила.

Рудолф даваше изјава на еден инспектор кој што помалку наликуваше на Доктор Хаус.

– И?!

– И…

– И?! Да. И?

– И, ми се виде како Габриел… Ангелот… Суштество бе, ти велам… Како некаков марсовец-знаеш оние елиенс…  Оние нефелимите. Сите оние чудесни марсовски сорти што си ги изгледал на ТВ. На сите нив ми наликуваше…

– Господине тоа е инсект, а не ангел. Со егзактност на научник проговори инспекторот.

– Јас видов ангел… Еден од оние марсовци, такви очи имаше… Па не сум луд?

– Вие нешто земате, сепак мислам… Во секој случај жал ми е за вашата сопруга и градинарот. Починати се.  Набргу полицијата ја напушти вилата.

Рудолф седна на масата пред зајдисонцето, и замислено уживаше не чувствувајќи никаков жал за починатите. Јадењето беше поставено за двајца. Над глава нешто почна да му ја крева косата, беше тоа стршленот Самоил. Така го нарече. Тој полека се спушти на празната столица спроти него. Рудолф беше сиот озарен. Тој ја крена едната рака во знак на  поздрав. Самоил Стршленот трепна со очите, неговите криља нежно се лизнаа на белата постилка, осилото беше нурнато во еден поголем сад со мохито. Од устата на Рудолф излегуваше чад од опиумска смола. Еден виолински квартет непрестано ја свиреше завршната кода од песната Хеј Џуд, набргу целосно испијанет стршленот Самоил го погоди со осилото Рудолф во лекото око,  го испи сиот свет од него. Се обиде да ги придвижи крилјата струполувајќи се во базенот каде што остана да плута на површината. Кодата репетитивно се вртеше во остатокот од ноќта се додека тенките Муриел и Азиса рано во мугрите не го исклучија системот, тажно заклучувајќи дека треба повторно да се вратат на Мали. Од радиото пристигнуваа наизменични извештаи за напади на стршлени. Соње тој ден беше во знак на жалост. Никој не размислуваше за новите мерки на владата и покачувањето на струјата сите очекуваа фејсбук да им даде одговор. Малиот авион за опрашување ги прскаше нивите додека неколкуте пивари го пиeja пивото пред кооперацијата на жешкото јулско сонце.