Frank Bretschneider

Враќање кон корените

Новиот милениум започна со сосема свеж звук и пристап или она што во тоа време го карактеризиравме преку квалификативот microsound. Оттогаш помина декада и половина и многу што се случи на полето на новата електронска музика. Доколку зборуваме за некакви почетоци на сосема нов и свеж звук, тогаш мораме да го споменеме Frank Bretschneider, еден од пионерите на современиот (германски) електронски звук кој пролиферираше од Берлин.

 

Frank Bretschneider е музичар, композитор и видео артист кој доаѓа од Берлин и претставува еден од пионерите на новиот електронски звук, а неговата работа е позната по прецизните и комплексни ритам структури и минималистичниот и флуиден пристап. Историски гледано, еден е од најзначајните артисти за изгледот на електронската музика каква што ја познаваме денес. Неговите први дела се појавуваа на етикетите кои ги поставуваа рамките и ги поместуваа праговите на овој звук, разгранувајќи го до непоимливи граници: Mille Plateaux, 12k, LINE, Korm Plastics, Shitkatapult и секако Raster-Noton, етикета на којa самиот тој е соосновач. Ги поставува темелите на дигиталниот минималистичен пристап, трасирајќи го патот за генерации музичари и уметници кои денес го копираат неговиот стил.

FBA

Со музиката на Frank Bretschneider се запознаваме преку албумот Curve, раните материјали под псевдонимот Komet, колаборациите со Taylor Deupree, траките поместени на легендарниот компилациски серијал Clicks & Cuts со кој практично се дефинираше еден сосема нов звук, или изданието од серијалот 20′ To 2000, музика создадена како саундтрак за последните 20 минути од 1999-тата година, поточно почетокот на новиот милениум. Во 1986, по оформувањето на касетниот лејбл klangFarBe, Bretschneider го основа и AG Geige, успешен и влијателен источно-германски андерграунд бенд. Во 1995 заедно со Olaf Bender ја основаат и Rastermusic етикетата која подоцна се спојува со лејблот Noton на Carsten Nicolai, формирајќи го лејблот raster-noton во 1999. Раните соло дела на Bretschneider се под псевдонимот Komet, почнувајќи со албумот SAAT, кој се појавува во 1996. Од тогаш ја издава својата работа на најразлични лејблови. Албумот Curve од 2001, вториот албум за Mille Plateaux, беше одлично прифатен од критиката и му донесе на Bretschneider интернационална препознатливост.

Во основа, првиот контакт со електронската музика тој го прави преку научно-фантастичните филмови кои ги гледа во детството и радио драмите кои ги имаат сите оние електронски, сајнвејв, едноставни осцилаторски звуци, без да знае дека е тоа електронска музика. Електрониката подоцна станува популарна во сите видови на музика со појавата на синтисајзерите, а младиот Френк веќе е кодиран и предестиниран со тој звук. За тој период од својот живот вели: „Сé повеќе музичари и саунд-инженери користеа електронски ефекти, па всушност уживав во сите поп форми на музика со електронски пристап и електронски експерименти во музиката воопшто“.

Најпрвин учи ликовна уметност, иако неговата голема љубов е и музиката. Како уметник, визуелно образован, видеото не му е страно и го прифаќа како нормален спој со неговата музика. Суптилната и детална музика е проследена со неговите визуелизации: совршено преведени реализации на квалитетите поставени во музиката преку визуелниот феномен. За секој албум тие се различни, додавајќи постојан и различен квалитет  на секој од нив, особено на живите настапи. Со визуелното се обидува да избегне да илустрира, туку тоа е само додаток, еден вид на довршување на музиката, или ако сакате водич низ неа, преку што музиката станува видлива.

По скоро дваесет години работа, тој сé уште е сериозно активен, повторно вдахнувајќи свежина во сувиот и ригиден дигитален пристап. Презаситувајќи се со дигиталноста, го напушта тој пристап, еволуирајќи го звукот, меѓутоа овојпат заземајќи сосема аналоген пристап. Изморен од компонирање и генерирање на музика со компјутери и софтвер, оди малку наназад кон основите и започнува да врти и стиска копчиња, добивајќи подиректно и интерактивно чувство. Тоа е сосема логично за некој кој почнува да работи со компјутери во 88-та, кога се појавува големата промена од аналогно кон дигитално, кога сите запаѓаат во дигиталниот тренд. Дигиталниот звук е чист, без шум, а компјутерот овозможува лесен пристап и манипулација, па во тој момент сите се префрлаат целосно на компјутерската продукција. По толку години работа, тој бара нова технологија. Но, во недостаток на сосема нови технологии, секако, се враќа назад на старите, каде смета дека има уште многу што да се истражува: „Се разбира, можете да се обидете со мулти-канали, теренски снимки, електронско процесирање или да се оди отаде препознатливиот распон на фреквенција, со речиси нечујна силина, како lowercase музиката на Bernhard Günter и Richard Chartier. Но, ова е нешто сосема различно. Никогаш претходно не сум имал прилика да работам со вистински аналоген систем и за некој кој никогаш немал прилика да работи со вистински голем модуларен систем, ова е навистина забавно и предизвикувачки, па зошто да не се вратиме на старите времиња?“

Зошто да не? На последниот албум SINN + FORM го прави токму тоа, се навраќа на старите времиња, користејќи стари Buchla и Serge модуларни синтисајзер системи, но сепак звучејќи сосема современо. Како ветеран на берлинската електронска сцена, не му е воопшто тешко повторно да го диктира трендот во развојот на современата музика и пристапот во нејзината креација. Звучниот аспект на овој албум е пропратен со визуелен, кој претставува слика на музиката, а на своите живи настапи е придружен од визуелниот уметник Pierce Warnecke, со кој прават совршена аналогна A/V симбиоза, која изгледа моќно и монолитно, а звучи прецизно и синхронизирано. Останува уште тоа да го доживееме во живо.

 

Интервју
Рецензија
19.11.2018

Поетскиот ангажман на Лидија Димковска има една in flagranti конотација која интригира и восхитува. Поетскиот ракопис „Црно на бело“ започнува од едноставен бел стих, а ...

10.11.2018

Кон „Царството на мракот“ од Л.Н.Толстој во продукција на Народно позориште од Белград Режија: Игор Вук Торбица Главни улоги: Олга Одановиќ, Хана Селимовиќ, Вања Ејдус, Љубомир ...