Егзалтација наречена „Вујко Вања“

кон студентската претстава „Вујко Вања“ од Антон Павлович Чехов

[ ]

„Вујко Вања“ од А.П. Чехов на класата на трета година по актерка игра при Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА од Скопје под менторско водство на проф. Мето Јовановски, ас. Магдалена Ризова – Черних и демонстратор Александра Огненовска

 

Сезнибилитетот на Чехов има голема врска со нашиот, македонски сензибилитет. Но, горчливата хуморна глазура и изместените родови и општествени односи направиле овие гиганти од дела во времето кога биле изведувани да не бидат сфатени до крај. Кога ќе помислиме на тоа дека „Три сестри“ со години собирале прашина во фиоките на Московскиот уметнички театар и на лошите концепти на другите негови капитални дела кои го накревале неговиот гнев, чувствуваме мал одбранбен механизам кој го совладуваме помислувајќи и живеејќи ја нашата, македонска животна филозофија.

VV

 

Студентите по актерка игра од универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА од Скопје успеаа одлично да го инкорпорираат својот талент во една од најкруцијалните пиеси на Чехов – „Вујко Вања“. Имено, во конецптот кој има студентска атмосфера, тие градат една актерска зрелост која фасцинира. Тој, сиромашен театар кој се потпира на актерската умешност и на неколку елементарни реквизити и сценографски елементи е богат со емоции и рационално изградени ликови. Чехов е во принцип и загадочен автор. Неговите ситуации имаат една априорна статичност во чија позадина се одвиваат фатални биографии и превирања. Дотолку повеќе, тоа не е реалистичка драматургија и бара поголема анализа и посветеност. Оваа талентирана класа е до крај посветена на овој вид на актерска експресија. Чеховиот реализам има психолошка предодреденост и сите ситуации и релации имаат комплицирана историја. Се сеќавам на една историска средба со големиот Инокентиј Смоктуновски кого успеавме при едно патување во Москва во далечната 1990 година да го запреме после одиграната Вујко Вања во Московскиот Художествен Театар. Претставата имаше носталчгичност чиј сатиричен призвук ни предизвикуваше мешани чувства. Си помислив дека можеби конечно оваа цивилизација го сфати големиот Чехов. Смоктуновски во краткиот разговор на задниот влез од театарот беше воодушевен што сме дошле да го гледаме неговиот Вујко Вања и многу лаконски ни кажа дека секогаш различно го чувствува овој лик и дека никогаш не е до крај задоволен од она што го направил. Иако Војницки во таа верзија на Вујко Вања ги имаше годините на Смоктуновски (тој беше околу шеесет години) неговата биографија во претставата носеше во себе една легитимна флексибилност што отвораше други простори за дефинирање на овој лик. Ова го пишувам за да направаме една паралела со актери кои се премлади за ликовите во оваа епохална пиеса. Имено, ситуациите и проблемите на ликовите се есенцијална психолошка состојба која во принцип познава години само како дел од приказната, но карактерните особини се дрил кој овие млади актери многу успешно го поминале.

Театарскиот кулоарски сленг говори дека Чехов е „досаден“ автор. Дека ситуациите се статични и неговата дрматургија многу се потпира на паузите и меланхоличните тиради. Овој студентски Чехов не е досаден. Не е ни за оние елементарни познавачи на Чехов кои немаат скоро никакво искуство со овој вид на драамтургија, а тоа е простодушната публика која дошла да ја гледа претставата. Енергијата и динамиката на овие млади актери прават „Вујко Вања“ да не делува досадно и тоа е најголемиот доказ дека поместувањето на возраста е можеби повеќе продуктивно отколку пречка да се покаже што се умее.

Главниот лик во една експлозивна трансцендентност го толкува младиот Андреј Серафимовски. Во говорната и физичка експресија на овој млад актер поминуваат многу ликови кои допрва треба да ја возбудат театарската публика – Хамлет, Макбет, Дон Жуан. Неговиот Војницки е младешки бунтовен, но емотивниот постамент и талентот отвораат една зрелост која плени и воодушевува. Ликот во неговиот актерски хабитус не само што е школски логичен, туку е уметнички став изразен преку актерската експресија. Како женски пан- дан во оваа претстава се појавува Анастасија Ласовска која Елена Андреева ја игра со еден еклатантен хероизам. Сосема логично за жена која се омажила за доста постар маж, женски принцип кој се обидува да се избори за место под сонце оправдувајќи ја својата определеност од претпоставки и озборувања. Анастасија има еден интересен хибрис во својот актерски израз. Доминантна надворешност и одлична говорна поставеност, како и висока талентираност се предзнаците на овој одлично конципиран лик. Овде совршено се поклопува и Астров на Даријан Петров. Овој лик особено интересно се провлече во целата драматургија. Неговиот Астров е сензуален и совесен, за разлика од плејадата мачоистички конципирања на овој лик. Даријан со неговата атрактивна надворешност и сензуалноста во интерпретирањето на овој лик акцентира еден сосема поинаков пристап на лекарот кој кај Чехов е повеќе еротизиран отколку рационален. Напротив, Даријан овој лик не го стави во еротизирана гама, туку му подари една стаменост и рационалност што навистина плени. Ива Милчова има една лесна меланхоличност во толкувањето на Соња. Соња е, можеби и најзагадочниот лик во оваа пиеса. Но, и лик кој има најмногу крв во својата текстура. Ива тоа го игра со една ненаметлива актерска импостација и тоа е апсолутно продуктивно. Таа својата искомплексираност и анксиозност успева (што не е типично за актери почетници) да ја отслика со многу малку средства и тоа за мене претставува зрел артизам во актерската игра. Александар Ристов како Серебрјаков понудува една поголема експресија особено во говорниот дел, во вокалната и физичка предодреденост што е навистина интересно со оглед на тоа што тоа е заедно со Марија Василевна најстариот лик во ова дело.

Интересни се толкувањата на Ане Блажовски како Телегин и Христина Стефановска како Марина. Ане Блажовски ни покажува уште како студент дека нема мали ликови. Неговата креација говори дека ирониската дистанца на овој најмеланхоличен лик во претставата има и своја енергија која е незапирлива и конечно, дека ваквиот вид на ликови се неуништливи. Секоја појава и малкуте реплики одекнуваат во вид на компактво воден и одигран лик. Кристина Стефановска ликот на Марина го игра со мал хуморен елемент, но доста сликовито оцртано. Конечно, тука е и ликот на старата Марија Василевна кој со една забележителна мотивираност го толкува Андреа Димушевска.

Овој до крај инспириран „Вујко Вања“ е извонредно воден од професорот Мето Јовановски, актер со импозантна биографија и легендарни улоги. Во претставата на овие студенти на последната година од своето школување има актерска зрелост која е плод на тригодишното доследно менторство на овој голем актер кој успеал низ часовите да им го подари своето актерско мајсторство на најдостоен можен начин. Неговата студиозност и посветеност е мото на оваа издржана студентска престава која веќе е одиграна многу пати низ Македонија и е дел од репертоарот на Велешкиот театар. Тука ќе ги споменеме и асистентката Магдалена Ризова – Черних и демонстраторката Александра Огненовска чија соработка во претставата значат точка на И во целиот овој одличен театарски продукт.

Конечно, „Вујко Вања“ на овие студенти не донесе само интересно видување на овој антологиски текст на Чехов, туку во театарот во Македонија донесе сериозни актери и актерки кои допрва имаат што да кажат во театарската уметност. Сериозни актерски сензибилитети кои доаѓаат и носат голема уметничка возбуда.


23.04.2018

„Пази што посакуваш“ од Норм Фостер, сцена Академија 28, Белград. Режија: Јана Маричиќ, продуцент: Андрија Милошевиќ, улоги: Александра Томиќ, Радован Вујовиќ и Александар Радојичиќ.    ...

21.04.2018

По успехот со „Панкот не е мртов“ (2011), кој освојуваше награди на светските фестивали и беше одлично примен од филмофилите, Владимир Блажевски во 2016 година ...