Stacey Kent

What the World Need Now is Love!

Новиот албум на американската џез пејачка Стејси Кент (Stacey Kent) „What the World Need Now is Love“ (Candid, 2016) можеби ќе ги разочара нејзините почитувачи. А можеби и нема. Велиме дека можеби ќе ги разочара затоа што станува збор за компилација од нејзини изведби на американски стандарди, снимени во периодот од 1997 до 2004 година, односно во годините кога снимаше за етикетата Candid. Со други зборови, овој диск не само што не носи ништо ново, туку е целосно враќање на нејзиното творештво пред таканаречените „бразилски“ и „француски“ периоди, кога госпоѓата Кент го достигна врвот на нејзината специфична и оригинална интерпретација на боса-новата, самбата и француската шансона. А можеби и нема да ги разочара, затоа што оваа компилација потсетува на времето на нејзиниот веројатно најпродаван албум „The Boy Next Door“ (2003), односно на времето кога дефинитивно беше препознаена како една од најзначајните џез-диви на денешнината.

SC1

Како и да е, ако некој досега не слушнал или не ја слушал Стејси Кент, овој албум е одличен почеток за тоа. И уште повеќе, ако некој досега не слушал џез, овој албум е одличен старт за отворање на една џез-колекција. Зошто? Затоа што светлиот, нежен и децентен глас на оваа 50 и кусур годишна пејачка (родена е на 27 март 1965 година), кој на моменти потсетува на Аструд Жилберто, е како создаден да ве воведе во нежната страна на џезот. А овој албум е токму тоа: составен од познати балади и певливи рефрени, кои, дури и да не сте љубител на овој тип музика, секако ви се врежале во увото.

Стручњаците велат дека Стејси Кент нема некои особени вокални можности. Сосема сеедно. Оваа многупати наградувана вокалистка совршено и максимално го ползува она што го има. Токму како веќе споменатата Аструд Жилберто. По начелото „помалку е подобро“, Кент ги избегнува сите можни вокални импровизации и еквилибристики. Затоа нејзината интерпретација звучи лесно и смирувачки. Конечно, во ова време на сеопшта бучава убаво е малку да се одморите во неспоредливата атмосфера што ја создава Стејси Кент и нејзината музика.

Освен класиците од типот на насловната нумера на Берт Бакарак, тука се застапени и Гершвин („He Loves and She Loves“, „I’ve Got a Crush od You“), фамозниот двоец Хамерстајн/Роџерс („People Will Say We’re in Love“, „Shall We Dance“), Кол Портер („It’s Delovely“), Ирвинг Берлин („I’m Putting All My Eggs in One Basket“), но и стандардот на Керол Кинг „You’ve Got a Friend“. Но, и покрај сериозната и репрезентативна селекција останува прашањето за мотивацијата Стејси Кент да го издаде овој албум неполна година по издавањето на нејзиниот најнов соло-албум „Tenderly“ (2015), односно пред да заврши со концертната промоција на своето дело. Надвор од ноторното објаснување дека етикетата „Candid“ сакала да ја искористи моменталната, пред сѐ европска популарност на пејачката, па од своите ресурси ја извадила оваа компилација, легендата вели дека Стејси Кент на еден концерт во Париз, токму пеејќи ја „What the World Need Now is Love“, почувствувала неверојатна вибрација кај публиката, која, едноставно, по терористичките напади на главниот град на Франција, почуствувала неизмерна потреба за вакви универзални пораки на љубов и спокој. И тогаш решила дека е време да ѝ се подари еден ваков албум.

Кога сме веќе кај француските концерти на Кент, не е на одмет тука да го споменеме уникатниот феномен што оваа пејачка го носи во текот на речиси целата нејзина кариера. Имено, станува збор за американска уметница, која е постојано стационирана во Лондон, Велика Британија, а најпопуларна е токму во Франција, каде што е и носител на највисокото француско признание што еден уметник може да го добие, Орденот за уметност и литература (Ordre des Arts et des Lettres). Причината за нејзината постојана преселба во Велика Британија е нејзиниот брак со англискиот тенор-саксофонист Џим Томлинсон, кој не е само нејзин животен сопатник, туку траен музички и авторски партнер. Токму аранжманите на Томлинсон и пригушениот, речиси клупски звук на неговиот саксофон (во некои случаи и на флејтата, што исто така ја свири), неверојатно ја надополнуваат и комплетираат атмосферата што ја создава интерпретацијата на Стејси Кент, а со самото тоа и овој нејзин албум.

На албумот буквално сите песни се подеднакво квалитетно изведени, така што не се издвојува ниту една, како некакво можен музички лидер. Но, ако авторот на овие редови биде приморан да избере една, тоа секако би била „People Will Say We’re in Love“ на Хамерстајн и Роџерс, пред сѐ поради аранжманот што претендира кон боса нова и затоа што, во времето кога е песната снимена, го навестува натамошниот развој на оваа невообичаена вокална појава во денешно време.

28.04.2017

Lush / De Luxe Medicine / 5ive Tonbruket / Vinegar Heart Cultural Amnesia / Contains Steely Dan / Your gold teeth II The Books / Be Good To Them Always Phew ...

27.04.2017

Човекот познат како „постариот брат на Никита Михалков“ пред сè поради подобрата позиционираност на помладиот филмаџија (а веројатно и поради Оскарот за Изгорени од сонцето во ...