Julie London

Yammy, Yammy, Yammy

Од музичкиот дневник на Ѕвеки

 

Џули Лондон (Julie London 1926 – 2000) е македонска пејачка! Ова, по некаков асоцијативен пат, морав да го помислам кога во еден од прилозите на македонското сеопшто лудило прочитав дека Лондон е македонска метропола. Тогаш навистина не гледам причина зошто Американката родена во Санта Роса, Калифорнија не би била – Македонка.

JL

Како и да е, актерката Џули Лондон, покрај Анита О’Деј, е мојата омилена бела џез-пејачка. Од 1955 до 1969 година, значи во 14 години, таа има снимено дури 29 студиски албуми. Ако тука ги додадеме бројните филмски, а особено телевизиски улоги, плус постојаните турнеи, тогаш ќе добиеме барем површна претстава за вложениот труд. А трудот, како што знаеме, носи плодови.
Има, се разбира, некаква симболика што последниот студиски албум на Лондон „Yammy, Yammy, Yammy“, Liberty Records, 1969) всушност е колекција на џез преработки на познати поп и рок хитови од тоа време. Тоа е еден трогателен обид на една традиционална џез-пејачка да се приклучи кон новото време и новите вкусови. Се разбира, обидот е неуспешен. И тука завршува студиската кариера на Лондон.
Но, да се разбереме албумот воопшто не е лош. Напротив, одличен е. Едноставно, нејзиниот пригушен, сензуален, дури еротски алт не е соодветен, на пример, за насловната песна на албумот, инаку најголемиот хит на сега заборавените „Ohio Express“. Гласот на Џули Лондон, дефинитивно пејачка на старата џез и поп школа, недвосмислено потсетува на оние филмски џез-клубови или поточно кафеани, каде што во аголот на зачадената просторија некоја гламурозна секси џез-пејачка со својот зарипнат глас пее во придружба на пијано. А тоа, ќе признаете, не е некоја атмосфера во која што можете да ги слушате „Битлси“, на пример. А кај Џули Лондон е интересен токму тој продукциски феномен – иако како придружба најчесто користи биг бендови, или ревиски оркестри, како што тоа би се рекло кај нас, таа секогаш звучи како да пее со некое трио или некаков камерен оркестар. Некаде дури има кажано дека секогаш се трудела микрофонот да ѝ биде што поблиску до устата, затоа што знаела дека така ќе добие уште попригушен звук на нејзиниот глас.
Но, да се вратиме на албумот. Тој се отвора со можеби најдобрата изведба на албумот, „Stoned Soul Picnic“, големиот хит на „The 5th Dimension“ од 1968. Тука Лондон успева да се ослободи од својот, ајде така да кажеме, импресионистички стил и да ја донесе нејзината изведба во вистински артистички манир. Натаму следи каверот на „Like to Get to Know You“, лесно слушлива поп песничка и една од двете преработки на „Spanky and Our Gang“. Втората е стандардот „Sunday Mornin’“, инаку потпишан од, за мене, сѐ уште енигматичната Марго Гарјан (Margo Guryan), која е потпишана како композитор и на „Come to Me Slowly“, која исто така се наоѓа на албумот.
Тука е и обработката на стандардот на „The Doors“ „Light My Fire“, која всушност повеќе реферира на верзијата на Хозе Фелисијано, отколку на оригиналот. Забавениот ритам на оваа песна можеби најдобро ја отсликува атмосферата на целата плоча, која, токму во стилот на Џули Лондон, оди бавно и сентимантално. Дури и класичната балада на Хари Нилсен „Without Her“ (во случајот на Џули Лондон „Without Him“) е побавна од оригиналот. „It’s Nice to be with You“ е еден од споредните хитови на „The Monkеes“, додека „Hushabye Mountain“ е земена од филмот „Chitty Chitty Bang Bang“. Ова е една од најдобрите нумери на албумот, а веќе по изведбата на Џули Лондон, таа станува џез-стандард во репертоарот на многу современи музичари. И уште еден интересен податок – автор на текстот на оваа песна е Волт Дизни.
Главните изненадувања се на бе-страната од албумот. Тука е преработката на надреалната нумера на Боб Дилан „Mighty Quinn (Quinn, The Eskimo), првпат снимена од Манфред Мен. Се разбира, тука се и „Битлси“ со „I Love Her“, односно „I Love Him“. Плочата се затвора со најголемото изненадување во овој избор – обработката на „Louie, Louie“ на „The Kingsman“ – нумера што се смета за „мајка“ на гаражниот рок.
Ова, рековме, не е репрезентативна плоча на Џули Лондон и далеку е од нејзините маестрални изведби на „Cry Me the River“, „Misty“ или „Bye, Bye Blackbird“, но секако е плоча полна со изненадувачка атмосфера и неочекувани, дури и луди избори. Ете, затоа не е неможна претпоставката од почетокот на овој текст, дека оваа американска пејачка всушност е Македонка.

Другата страна на надежта
режија: Aki Kaurismäki

21.05.2017

Кога зборуваме за помали европски кинематографии, финската секако е една од нив. Истата најчесто се поистоветува со имињата на браќата Мика (постариот) и Аки (помладиот) ...

Depeche Mode во живо во Амстердам
Ziggo Dome | 7 мај 2017

18.05.2017

По четиригодишната пауза од издавањето на последниот студиски албум кој беше оценет како најслаб од страна на критичарите и публиката – Delta Machine (2013,  Columbia ...