Под ова сонце ладно е

за деби албумот во прво лице со Каин

[ ]

Бенд составен од четири различни карактери кои во 2014 година се споија во една светла точка наречена – Каин, како печат на денешното турбулентно општество, како на локално, така и на глобално ниво, во кое вредностите се измешани и ја губат својата смисла. Несомнено е потребно одбележување на времето во кое живееме, а албумот кој е насловен „Под ова сонце ладно е“ е музички запис кој ќе остави траен белег во македонската, а можеби и во светската музичка сцена и нема да ве остави рамнодушни. Насловот на албумот и текстовите од песните конотираат на сонцето македонско кое не олади низ годиниве, ко мртви да сме. Етно – рок, џез – рок, прогресивен – рок, панк, сето тоа зачинето со еден каиновски шмек може да се слушне во првиот деби албум.

Kain

Почнувајќи со „Детето во тебе“, како вовед во албумот, каде се опишува блескавоста и нашата невиност се покажува парадоксот на познатата флоскула „Ние сме деца на сонцето“, каде во еден момент се вели „Полна глава ти месечино, јас не сум дете на сонцето“. Во втората песна која се вика „Срж“ се покажува длабочината и нашата отвореност интерпретирана на алтернативно – византиски начин. „Crimson flag“ e третата песна, која всушност беше и нашиот прв сингл испратен во етер, каде може да се слушне момент од познатата македонска изворна песна „Јовка кумановка“, за потоа „Mother“ чиј текст случајно остана во наши раце ја прикаже интимноста спакувана во класичен рокенрол кој фузионира во панк.

Со џез – рокот можете да се сретнете веќе од петтата песна која се вика „Џон“ и се спојува со шестата „Џон II“. Всушност „Џон“ е песната која очекуваме најлесно да пробие низ сечие уво, бидејќи е така добро студиски испеглана, што највероватно ќе ја привлече широката јавност да слушне за „Каин“. Но, повторно не дозволуваме слушателите кои не слушаат „дрска“ музика да уживаат во „smooth“ моментот кој го нуди „Џон“, затоа што всушност, во „Џон“ може да се забележи музичката турлитава која го опишува „Каин“. Преминот во „Џон II“ е „Пинкфлојдовски“ момент на клавијатура и почнува со некако навидум позната народна македонска мелодија, а текстот ја опишува денешницата, помодарството за бегство од Македонија. „Нека остане сонцето да се чуди на што да угрее“ е воведниот стих во „Џон II“. Следна песна „Нула во период“, нашиот втор сингл кој го има „groovе-от“ и каде дрско и без штедење е отсликано македонското општество, она што ни се случува на сите, а не само нам како поединци. „Под ова сонце ладно е“ од истоимениот албум е претпоследната песна, а завршната, деветта песна на албумот е поезија интерпретирана од Давор Јанкулоски, пропратена со ориентални мелодии, силен тапан и на моменти тврда дисторзија. „Сирма“ е песната со која завршува музичкото патување, чии стихови се од Блаже Конески, а на рефренот се пее стихот од песната „All tomorrow parties“ oд музичките великани „Velvet underground“ – „And what costume shall the poor girl wear“.
Ова музичко патување ќе може да го доживеете на ваша кожа за скоро време, на нашата концертна промоција која треба да се случи наскоро, а дотогаш уживајте во двата синглови кои се достапни на интернет.

The Love Witch
режија: Anna Biller

21.07.2017

Хоророт често бил начин да му се погледне на табуто во очи. Во ера кога политички некоректните потези се дочекуваат на нож, хорор филмовите стануваат ...

20.07.2017

Пред некој ден во Сули ан домашните филмофили имаа можност на големото платно да го гледаат убедливо најдобриот европски филм за минатата 2016 година, „Тони ...