#СегаКажувам

за епидемијата на сексуалното вознемирување и насилство врз девојчињата, девојките и жените

Тоа што сите го знаевме нè удри в лице, одеднаш и силно, во вторникот на 16 јануари точно напладне, со акцијата спроведена на социјалните медиуми, спакувана под заедничкиот именител #СегаКажувам. Сексуалното вознемирување и насилство врз девојчињата, девојките и жените е раширено и нормализирано до степен на епидемија. Реакцијата на социјалните мрежи во целост ја отсликува реалноста која хаштагот ја опиша јасно и гласно. Грда и насилна.

SKКотевска Б., “#СегаКажувам oблак од зборови”, Резултат од анализа во nVivo на јавно-достапните рекации на #СегаКажувам објавени на 16.01.2018 на социјалниот медиум Фејсбук

 

Да тргнеме веднаш со #metoo и целата фама околу поврзаноста на двата хаштази. Да, #СегаКажувам очигледно има врска со глобалниот хаштаг #metoo. Но, не е „македонизиран” хаштаг или „бледа копија на холивудскиот хаштаг”, туку е реакција на лавината коментари и вербални напади насочени кон активистки и активисти кои изреагираа на споделената вест во врска со писмото на Кетрин Денев и други жени за „правото на мажите да се додворуваат”. Така што, иако е во силна поврзаност со глобалните текови, #СегаКажувам е локален врисок против нормализираните практики на сексуално вознемирување на девојчињата, девојките и жените и за раскинување со патријархалното ткиво.

Кога сме веќе кај #metoo, јавното мнение е дека тој започна со Харви Вајнстин. Но, хаштагот не настана во врска со него, ниту пак е холивудски продукт. Напротив, пред повеќе од десет години Тарана Бурке го започна #metoo со цел подигнување на свеста во врска со сексуалното насилство врз жените, солидарност и поддршка за споделување на преживеаните искуства со сексуално вознемирување на афро-американките. Но, ниту хаштагот ниту кампањата не станаа популарни се додека една бела позната американка (Алиса Милано, холивудска глумица) не го популаризираше. И иако Милано на споменувањето на #metoo го спомена потеклото и оддаде почит на тогаш веќе децениската борба на афро-американките за да се чуе за вознемирувањето и насилството на кое се изложени, ширењето на хаштагот и неговото преоѓање во мејнстрим, како и секое друго, значи губење на радикалните елементи, при што остана приказната за #metoo како холивудски поттикната приказна. Па така коментарите дека ова почнало со Вајнстин, што значи дека е од вчера, се исто толку погрешни, колку што се и коментарите дека се измислува или се претерува. Хаштагот можеби постои само десетина години, но преживеаното искуство кое се пренесува со неговата помош е најверојатно старо и распространето колку и патријархатот.

TB

#СегаКажувам, исто како и #metoo, настана како плод на женска солидарност и користење на сопствената позиција на оснажнетост, храброст и општественост да се проговори во име на тие кои тоа не го можат и да се поттикнат и другите да го направат тоа. Со #metoo Бурке го направи тоа од позиција на претседателка на помала невладина организација и жена која уште во првите години на социјалните медиуми го препознала потенцијалот на медиумот и имала пристап до истиот. Независни активистки кои се во слична позиција како Бурке, го направија истото што и таа – нè организираа и мобилизираа позади заедничкиот именител #СегаКажувам и застанаа позади нас додека ги споделувавме преживеаните искуства, како делумен браник од реакцијата која беше очекувана бидејќи кинењето на тврдото патријархално ткиво, исто како и кинењето на било кое ткиво – боли. Како што #metoo почна да размрдува глобално, #СегаКажувам почна да бранува и кај нас. Засега, тоа е можеби и најголемиот успех на #СегаКажувам.

И покрај тоа што самиот хаштаг ја носеше пораката дека, еве, „сега” се кажува и треба сега да почнеме да размислуваме и делуваме, следеше главното прашање во неколку варијации, вклучително и „зошто молчеле досега?” „се кажува ли сега?” и „зошто си ќутела?”. Но, одговорот зошто ќутеле делумно лежи во самото прашање – затоа што знаеле дека следи канонада на такви и слични прашања. А и бидејќи после траумата од таквото искуство најмалку што е потребно е релативизирање на истото. Но, најиронично е што ова е најчесто само реторичко прашање кое во себе го прави првиот чекор кон осудата и секундарната виктимизација на жртвата. После ова прашање, веќе имаме еден делумен виновник, а тоа е девојчето, девојката или жената што ќутела. Дека прашањето е реторичко се гледа и од фактот што ова „зошто молчела?” ќе го чуете и кога молкот траел пар години, кога траел пар месеци, но дури и кога траел од викендот до понеделник. Тоа се гледа и од #СегаКажувам. Варијации на ова прашање се појавуваат на постови опишуваат настани кои историски се случиле пред дваесет или триесет години па се до минатата недела. Јасен е и молкот од една минута, но и тој од повеќе децении, ако се земе предвид дека првата автоматска реакција на собирањето храброст да се каже секогаш во себе содржи и секундарна виктимизација. Вообичаено, ова прашање е проследено со прашања за облеката, времето и местото на движење на девојчето, девојката или жената. Помеѓу сите овие прашања, она што останува суштински непроменето е дека товарот на одговарање секогаш паѓа на жената.

Следуваа коментари дека споделените сведоштва биле „општи”, „невистинити”, „измислени” и „сувопарни”. Ваквите коментари доловуваат еден степен на нормализација на сексуалното вознемирување и насилство. Некои отидоа дури и до таму да кажат дека немало ништо лично во споделените сведоштва. Со тоа директно им кажаа во лице на жените кои споделија свои лични болни искуства дека дел од нивните (најверојатно најголеми лични) трауми се безизразна генерализација. Го почувствував ова и на своја кожа, затоа што и мене ми го кажаа истото за искуството на моја другарка кое го споделив. Истото искуство кое сме го дискутирале со саати, за кое таа плачеше и се обвинуваше додека седеше со месеци без работа, бидејќи претходната ја напушти затоа што шефот стави цена на нејзините работнички права изразена во сексуални услуги. И токму кога ќе помислите дека ништо помалку од силување не ја допира црвената линија, сфаќате дека за некого дури и силувањето не е „доволно лично”. #СегаКажувам содржи и сведоштва за силување. Но, очигледно дека тие некому не беа доволно страшни.

Можеби најгласното барање вчера на социјалните мрежи беше она за наведување на конкретни имиња на сторителите. Со оглед на тоа дека голем дел од преживеаните искуства споделени на #СегаКажувам се настанати во време кога досега се најверојатно застарени, а некои можеби не ни биле кривични дела во времето кога се случиле, не може да се каже дека ова е барање за индивидуална правда затоа што можност за тоа очигледно или целосно отсуствува или е мала. Дополнително, ваквите барања го занемаруваат фактот дека она што нема да биде застарено и каде ќе има можност за правни реперкусии се потенцијални тужби за навреда и клевета врз жените кои конечно се охрабрија да проговорат. И така, пак се враќаме на секундарната виктимизација. Можеби барањето за имиња е воајерско барање или само жед за сеир или за крв. Во тој случај, повторно станува збор за занемарување на добробитта на жртвата и нејзино искористување за други цели. Барањето за споделување на конкретни имиња може да биде и дел од обидот да се избрише колективната вина и да се тргне товарот од општеството, вперувајќи прст кон конкретни луѓе, да се симне облакот од одговорност кој е надвиснат над целото општество. Но, зумирањето на објективот на едно дрво не значи дека остатокот од шумата веќе не постои, исто како што зумирањето на тоа едно дрво не значи дека целата шума е составена од исто такви дрва. Јавно идентификувани пар сторители во отсуство на можност за индивидуална правда (поради погоре-споменати причини) и на институционална темелна акција за справување со проблемот ќе создаде привид на решавање на истиот. Покрај ова, никој од повиците за конкретни имиња не кажа што треба да се прави со луѓето кои се идентификувани. Да се искараат? Да се судат? Да се објават нивни фотографии по медиуми? Да се обесат на Букефал? Никој не праша што е со последиците за соочувањето на жртвите со сторителите ниту дали се жртвите спремни да направат повеќе од овој прв чекор што го прават со #СегаКажувам.

Доколку за “фаворизирање на виктимизација” се смета охрабрувањето да се проговори гласно за претрпено сексуално вознемирување и насилство, тогаш коментарите дека кампањава фаворизира виктимизирање се точни. Но, ако е ова проблем, зошто се бара случаите институционално да се процесираат кога се знае дека институционалните реакции на сексуалното вознемирување и насилство во моментов се исти како и општестените – со прст вперен кон жената со што ја бетонизираат виктимизацијата? Се чини дека отсуствува издржана аргументација за виктимизирачката компонента на #СегаКажувам. Но, она што е сигурно е секундарната виктимизација во најголем дел од коментарите со кои повторно жртвата мора да одговара и страда заради вознемирувањето и насилството на кое била изложена. Оваа секундарна виктимизација го открива она што наводната загриженост за добробитта на жртвата и наводните повици за правда во овие коментари пробуваат да го прикријат, а тоа е болката од раскинувањето со тоа како работите биле отсекогаш.

Ова не значи дека не е важно да се именуваат и гонат сторителите. Во целиот контекст на справување со сексуалното вознемирување и насилство, такво именување и гонење ќе мора да има. Но, тоа не е нужно задача за #СегаКажувам. Исто така, неименувањето не значи дека се генерализира и дека ова е против мажите. Дотолку повеќе, евидентно беше дека и мажите исто како и жените, кои дадоа поддршка на #СегаКажувам беа напаѓани и исмевани. Ова е борба на оние кои го прекинуваат молкот и сакаат да се фатат во костец со сексуалното вознемирување и насилство и оние кои сè уште не стигнале дотаму. Отсуството на генерализација е евидентно и од фактот што самите преживеани искуства се споделени од лични профили и говорат за искуствата на конкретни жени со конкретни мажи, некогаш еден, некогаш повеќе. Ниту #metoo, ниту #СегаКажувам, не се појавија со цел да именуваат конкретни лица, туку за подигнување на свеста за опсегот на проблемот со сексуалното вознемирување и насилство врз девојчињата, девојките и жените. Фактот што Вајнстин беше во центарот на една од #metoo акциите не значи дека самата срж на акцијата беше да се именуваат сторителите. Напротив, ако се проследи #metoo пред популаризирањето, како што Бурке ја започна, именување на конкретни лица никогаш не беше сржта на идеата. Затоа, припишувањето на успехот на #metoo на именувањето на Вајнстин и другите држи место само ако ве интересира успех како единица мерка на трендинг на твитер или на другите социјални медиуми мерено во дофат и во временски период. Дополително, кога ќе се разгледа случајот на Вајнстин наспроти ваквата идеа позади #metoo, може дури и да се дојде до заклучок дека хаштагот кој требаше да им помогне на „обичните” жени кои не се во позиција да проговорат беше превземен од жени кои имаат можност да го направат тоа со сопствениот пристап до медиуми и пари. Затоа е можеби и добро да не се инсистира на популаризација на #СегаКажувам по рецептот на Вајнстин. #СегаКажувам, исто како и #metoo, е пред сè за жртвите.

SKF

Верувам дека времето ќе покаже дека успехот на #metoo а и на #СегаКажувам е во давањето поддршка преку обезбедување на јавна платформа и потпора за конечно јавно искажување на преживеаните искуства и сведоштва. Инсистирањето на тоа што ќе биде наредното нешто од #СегаКажувам делумно значи и занемарување на тоа што се случува овде и сега, а тоа е правењето на првите чекори на многу жртви на сексуално вознемирување кон прекинување на молкот. Идентификувањето на проблемот јасно и гласно и ставање на дневен ред е она што следува и за што #СегаКажувам индиректно го подготви теренот. #СегаКажувам не е и не тврди дека е панацеа. #СегаКажувам е солидарна колективна акција за подигнување на свеста за епидемијата на сексуализацијата, сексуалното вознемирување и насилство врз девојчињата, девојките и жените преку охрабрување за јавно споделување на преживеаните искуства. Како и секоја епидемија, и оваа не бира место, време и облека.

На крај, уште еднаш се покажува дека голем дел од луѓето не се спремни да застанат позади нешто „само” затоа што веруваат во тоа. Па така, бројни се и коментарите дека ова се прави како дел од проект, грантови биле во прашање, итн. Автоматската реакција посочува на личен интерес, занемарувајќи ја личната болка на жртвата. Но, од сите овие најпоразителни се коментарите дека кампањава служи за да дефокусира од нешто друго, а стигна и прашањето „зошто СЕГА кажувате за вакви случки, а молчите за прашања од национален интерес?!”. Дали сексуално насилство врз жените, кои се половина од населението во Македонија, не е прашање од национален интерес? Дали не е очигледна епидемијата од насилство врз и злоупотреба на девојчињата, девојките и жените? Зарем не треба да се запали аларм и да се крене тревога за сексуално вознемирување, изживување или искористување секаде, во секое време и на секое место – од пред основно образование до се пензионирање, од школо па до болница? Зарем не е прашање од национален интерес катадневно преполната црна хроника со силување на девојчиња, девојки и жени?
#СегаКажувам е првиот чекор со кој велот од тишина почна да се кине. Дел од овие 50% веќе кажаа дека нема да бидеме замолчени за сексуалното вознемирување и насилството врз девојчињата, девојките и жените. Затоа #СегаКажувам #TaniTregoj #AkanaVakerava #SadaKažem #СадаКажем #ŞimdiSöylüyorum #ToraSpun.

 

 

„ [Д]околку имате своја или блиска приказна за сексуална злоупотреба или принуда од позиција на моќ и сакате да ја споделите, можете да го направите со овие хаштагови #СегаКажувам #TaniTregoj #AkanaVakerava #SadaKažem #СадаКажем #ŞimdiSöylüyorum #ToraSpun “
*Благодарност до Фикрија Таир за преводот на хаштагот на ромски јазик, Теано Кардула за преводот на влашки јазик и до Александра Богдановска за преводот на турски јазик.