За импотентноста во современата академска музика

Повторувањето на едни исти композициони техники од шеесеттите години на минатиот век па наваму несомнено ја втурна современата (академска) музика во маѓепсан круг – триумф на безидејноста. Ако не го препознаеме Пендерецки, тогаш Лигети, ако не Лигети, тогаш е Булез или Лахенман. Денес, споредбено со барокот, класицизмот или романтизмот, не сме повеќе ограничени на еден-единствен музички стил. Токму ограничувањето на еден ист амбиент ја прави во суштина анахрона денешнава современа (академска) музика. Се чини дека под поимот „современа музика“ се подразбира исклучиво дисонантниот и комплексен музички третман, небаре сè друго останато е анахронизам, музеј, лекција по историја од некој учебник и треба да се закопа во минатото. Дисонантниот третман и комплексноста се карактеристики на модернизмот кој сосема логично се појавил  помеѓу двете најкрвави војни во историјата, во време на индустријализација и низа општествени случувања кои на светот му дадоа поинаков правец.

Целта, да се достигне врвот на комплексноста е веќе одамна постигната. Причината пак, да се бара суштината во комплексноста и „новото” е верувањето во т.н. прогрес во уметноста, што е пак, дискутабилно прашање. Впрочем, како минува времето се менуваат средствата, брзината на информацијата и бројот на информации кои доаѓаат до нас (во најголема мерка без наша согласност). Овие нешта создаваат илузија, само илузија дека се работи за некаков прогрес. Зарем Моцарт го надминал Бах, зарем Шенберг ги надминал Малер и Вагнер… Или едноставно, сите се посебен сончев зрак кој независно од времето што минува, вечно продираат во бесконечноста.

Модернизмот кој започнува на почетокот од минатиот век а завршува во шеесеттите, исто така од минатиот век, ги потроши сите идеи втемелени на научното наспроти поетското – заумното: негирање, деконструкција, пробив во ново, откривање „нови техники”, агресија, себемистификација… Бекството по секоја цена од претходните стилови во историјата каде мелодијата и хармонијата биле основа на музичкиот јазик, создаде од модернизмот клише и еден невиден конзервативизам во кој: кантилената, дијатониката и воопшто тоналноста, модалноста, станаа анатема и кич. Овој парадокс – Конзервативна Клишеизирана Модерна, неверојатно, но сè уште е присутен на светската современа (исклучиво) академска сцена, дури и покрај делумното и неофицијално завршување на постмодерната.

Зарем постои поголемо клише од обидот за самото бекство од клише?

 

MM1

 

Хармонскиот јазик е огледало на музикалноста и вкусот на композиторот.

 

Неверојатно голем дел од светските современи автори го затскриваат својот недостаток од талент, вкус, музикалност, чувство за ритам, мелодија и хармонија (слог), зад т.н. „нови техники” во кои, сè е предвидливо, научено и можно, и каде сиве овие passé карактеристики речиси и да не се потребни. Потребни се: амбиција, талент за математика, научени модели (финти), трудољубивост, послушност, си-ви, саморекламирање, додворување на авторитети за потпис на препорака што сам(а) си ја напишал(а) и пресметлива откаченост со офуцани гести или усилена тишина – откаченост на академски начин.

Како сосем логичен след, на светската музичка сцена кон крајот на шеесетите се појавуваат Новата Едноставност и Минимализмот (американски и источно-европски – Жртвен). Оваа музичка струја е тесно поврзана со постмодерната во неколку точки: критика на модерната, ослободување од комплексноста и академскиот звук, враќање наназад во историјата на музиката со реевалуација на старите стилови кои стануваат мени на авторот, враќање на легитимитетот на дијатониката – пандијатониката, воведување на цитатноста, пастишот, омажот, колажот и афирмирање и стимулирање на фриволноста во изразот. Набргу и оваа музичка струја се инкорпорираше во музичкиот академизам и со тоа се претвори во схоластичка догма, слична на онаа модернистичката.

Академизмот мора да има прашања и одговори за сè, па така, барајќи ги истите и во Новата Едноставност и Минимализмот, нив и ги оддалечи од вистинската суштина и причина за нивната појава сместувајќи ги повторно во кафкијанскиот маѓeпсан круг на безидејноста, заедно со авангардата, џезот, рокенролот…

Совладувањето на техниките, занаетот и анализата се потребни во формирањето на уметникот, но, прекумерното фокусирање на истите, во исто време и го оддалечува од она што го носи во себе – личниот печат и харизмата.

MM2

„Премногу анализа води во импотенција И. Б. Сингер

 

Сведувањето на едно музичко дело првенствено на научен и аналитички дискурс, како и затвореноста и некомуникативноста на тоа дело, е чист бирократски херметизам. Секако дека ова не подразбира поддршка на кокетирање со широките маси кои никогаш немале претстава за тоа, што им се допаѓа а што не, туку значи, проширување на светогледот на композиторот, гледање од повеќе перспективи (различни од академските) и секако, земање предвид  на целокупната историја на музика наспроти бесконечното тапкање во  дериватите на истрошениот модернизам, каде делата се слични едно на друго како „јајце на јајце”.

За безидејноста и ќорсокакот во која се наоѓаат младите композитори ширум светот говори и Пендерецки во своето интервју за Утрински Весник каде вели: „Тогаш ја истуркавме музиката толку напред, што ја затворивме вратата назад. Затоа младата генерација не може да пишува ново”.

Во еден разговор со композиторот Панде Шахов  тој направи интересна парадигма: „Не би се почудил доколку Пјер Булез ужива во музиката на Филип Глас во својот автомобил на патот кон работа. Но, дали, истиот тој Булез би си дозволил да признае пред своите студенти дека му се допаѓа музиката на Филип Глас?

Зарем не е малку сомнително, скоро целиот светски академски музички свет да има речиси еден – ист вкус? Како е можно цели генерации на млади композитори да не пројават никаков интерес за музика, видно различна од онаа на Булез или на Лахенман или на Лигети, Ксенакис… и тоа во време кога има неверојатно широк спектар на музички размислувања и кога целокупната историја на музика е всушност наше мени. Дали се надминати импресионизмот, барокот, ренесансата… Дали воопшто постои стил кој може да биде надминат?

Историјата на музиката не се движи линеарно, па оттаму, појавата на нов стил не значи поништување или заборавање на кој и да било претходен!

Дали сево ова можеби укажува на една академска музичка глобализација, која се генерира од светската, исто така академска, музичка олигархија или каста, која најчесто преку образовниот систем и неговите деривати (конкурси, стипендии, фондови и фестивали) наметнува (во идеолошка смисла помодни) критериуми со цел да создаде музички клонови? Оттаму, на тие фестивали на Современа Музика слушаме една те иста композиција и нејзини, едни те исти варијации, каде импресијата дури и на рафинираниот рецепиент се сведува на недефинирано климање со глава и реторички или софистички коментар. Неприфаќањето на критериумите на т.н. каста подразбира Eрес или во најмала рака Наива, а пак, од друга страна, да се добие препорака од Булез значи – загарантирана „успешна кариера”.

Искреност е да пишуваш музика каква што сакаш да слушаш. Можеби тоа е патот кон излез од кафкијанскиот маѓепсан круг на безидејноста и пат кој би не однел до некоја следна авангарда.

Роман Полански, еден од најголемите режисери на сите времиња на новинарско прашање, какви филмови сака да снима, одговорил „Снимам филмови какви што сакам да гледам.