Пулицер за Кендрик Ламар?

Секогаш кога зборуваме за голема награда каква што е Пулицеровата скоро и да не ги коментираме композиторите кои ја добиле оваа престижна награда. Се чини дека за само две години критериумот како и кај Нобеловата награда се помести. Дали е тоа во позитивна или негативна насока? Оваа црно-бела дилема отвори едно глобално препознавање на жанровските определби како една од компонентите за истакнвање на композициите кои биле наградувани како исклучителни или можеби иновативни. Боб Дилан и Кендрик Ламар влегоа во овие славни музичари, едниот како книжевник со оригинален стил кој ја негува спецификата на американската „национална“ и родово-татковинска оставштина „рециклирајќи“ ја и од неа правејќи модерни спевови кои филтрирани низ неговата софт-рок и блуз музика доловуваат оригинално чувство на артистична инклузивност.

 

 

Кендрик Ламар е хип-хоп артист. Но, тој за разлика од диверзивниот Еминем и плејадата на токсични хип-хоп уметници од формат на 50 Cent, заедно со The Game, Busta Rhymes и Snoop Dog, а донекаде и глазираниот Jay-Z стануваат коцептуални уметници наречени „освестени“ рапери. Неговата музика има многу пониско ниво на скатолошки тиради, но затоа е до крај видлив и сериозно аналитичен неговиот социјален и расен ангажман. Интересно е, кога ќе погледнеме дека со оваа голема американска награда за уметност Кендрик Ламар (од својата фела наречен крал на хип-хопот најмногу заради неговиот јасно формулиран расен ангажман) влегува во друштво на класичари и уметници од алтернативен џез како што се Џулија Волф, Хенри Тредгил или Џон Лутер Адамс, многу иритантно се прашуваме која е врската, или поточно кои се одредниците во критериумот за доделување на оваа награда на социјално и политички ангажиран хип-хоп артист? Преслушувајќи ги оркестрацијата на Џон Лутер Адамс „Станувајќи океан“ или ораториумот „Темносиви полиња“ на Џулија Волф, или пак операта во два чина „Тивка ноќ“ на Кевин Путс, доаѓаме до констатација дека атоналноста после Шенберг ги пробива границите на артистичноста и оваа музичка дисторзија својата експресија ја наоѓа во преносниот визуелен фидбек кој ние го конзумираме како рационален кондензат (заклучок). Атоналната симбиоза не само во овие наведени дела, туку и во повеќето други овенчани со Пулицер е мултиасоцијативна, па така „Проклето“ на Кендрик Ламар во овие рамки делува монолитно, но со променливи музички и поетски пасажи. Имено, „Скромно“, еден од насловните нумери на овој албум, музички субверзивен, со ригиден звук на електрична гитара, но и со остри импакти на пијано, но текстуално во свештенички тон делува многу оригинално токму затоа што за разлика од вертикалната мултиасцијативност на класичарите со постмодернистички тенденции овој склоп на Ламар е хоризонтален, но е длабоко инфлуентен. Концептуализмот на Ламар е многу едноставен и се движи од дистантно искоментираниот деверзивен став во хип-хопот низ нумерите „Крв“ и „ДНК“ до контемплативниот и клерикален однос кон елемнтарните вредности во „Љубов“, „Страв“ и „Бог“. Неговата систематичност е еден вид на откровение кога ќе ја вклучиме свесноста за густата експерименталност во класичната музика. Претпоставувам дека Кендрик Ламар во ова друштво се појавува најмногу заради откривање на долго време закопаните репери во музичката уметност иако неговата музика има дијаметрално различка жанровска определеност од сите други композиции овенчани со Пулицер.

Сличностите и разликите се дел од ситни проценки и детални истражувања кои, и тоа како, се плодоносни. Промешувањето на жанровите е омилена експеримантална навика на класичарите, но и на алтернативните џезисти. Хип-хипот во оваа, концептуалистичка варијанта се чини, дека влегува во една крајно компримирана авантура кога се во прашање ваквите лупинзи. „Проклето“ на Ламар има 14 нумери, сите заедно во помалку од еден час. Неговиот жанровски микс носи доследност на пролог и епилог во микро рамки. Но, жанровската промешаност во своите нумери тој ја проследува со ефекти кои многу потсетуваат на пример на „Граматиката на звукот“ на големиот Орнет Колман, или пак гласовните партитури на a capella „Партитурата за 8 гласови“ на Керолин Шо. Се чини дека елементите од музичките дела на големите композитори се инкорпорирани во добар дел од четиринаесеттите композиции на Ламар, но во еден сосема друг манир, во едно буквално иритантно музицирање кое (такво какво што е) треба да биде рационално доследно и да има силна порака.

Со храброста во отвореноста кон другите музички жанрови, критериумот за Пулицер навлегува и во една многу податлива и продуктивна траекторија, а тоа се мотивите. Музичкиот сегмент, секако е најважен, но ангажманот на уметникот има голема рецептивност кај публиката, а и пораката која тој ја носи и ги отвора горливите прашања на човештвото е од големо значење. Само една година пред Ламар, со Пулицер се закити и Ду Јун, музичарка и инструменталист од кинеско потекло која со својата симболистичка опера „Коската на ангелот“ го отвора проблемот на робувањето и трговијата со луѓе, еден мотив кој досега немал третман во овој вид на уметност. Кендрик Ламар во оваа насока навлегува во една густа и комплексна гама, а тоа е социјалното и расно слепило кое се повеќе зема замав во современата Америка, т.е. во еден вид на зачеток на пост-колонијализам кој многу загрижува. Нашата претпоставка дека импактноста во насока на ангажираност станува примарен критериум, води кон една друга опасност која е еклатантна и може во формална смисла да создаде непријатна колизија, а таа се формулира со едноставното прашае: Што ќе ни се тогаш Греми? Овој вид на жанровско вкрстување тлее како предизвик и во последниве години изби како прилично треперливо поставен критерииум. Греми како музичка награда има категорија посветена на класичната музика, но Пулицер нема категоријна која би била посветена на хип-хоп, џез, или можеби на рок музиката. Примарно генерализирана, оваа награда во последното доделување на Кендрик Ламар навестува навлегување и во музички жанрови кон кои досега не е фрлен никаков поглед. Тука некаде, по тие шини се движи и Нобеловиот критериум со погоре споемнатата награда на Боб Дилан за книжевност која наиде на бројни реакции од кои добар дел беа цинични и до некаде понижувачки. „Проклето“ на Кендрик Ламар некако ја разниша таа непробојна тврдина која обрнуваше внимание на класичните дела со експеримантална и ангажирана содржина. Дали следните дела на музичарите кои ги чекаат своите Греми ќе бидат преслушани и од оние кои треба да ја доделат Пулицеровата награда, останува да видиме, но и да претпоставиме дека овој критериум сепак треба да има свој систем, да се систематизира во подкатегории затоа што и покрај сличностите во елементите на останатите наградени композитори, сепак тие многу умно наоѓаат место во своите композиции за делници од други жанрови, а „Проклето“ е една друга територија која, кога ќе земеме во обѕир дека се работи за исклучитално сериозен музичар како што е Кендрик Ламар, е доста комплексна и тешко освоива.

Со последната награда на извонредниот хип-хип албум на Кендрик Ламар „Проклето“, Пулицеровиот критериум се обидува да го измеша маслото со водата. Тоа не е возможно, но, кога таа вода ќе ја испиете, таа има поинаков вкус и заради чудниот мирис на тоа масло, ќе посакате пак да се напиете. Дилемата е, сепак, најмногу кај реципиентите. Оние кому музиката е, генерално наменета. Критериумот е рационална алатка и има асоцијативна моќ, но прашање е до кога? Колку овие изненадувања се резидентни на дефанзивност во време на интензивна имагинативна рециклажа каде најексплоатираната максима е дека „веќе се е измислено“ е проблем кој бара големо истражување, затоа што после секоја жанровска бура, секогаш имаме мирно море на straight piece of art, нешто што ќе ни ја олади главата и тие консеквенци се оние кои интимно најмногу ме плашат не заради поведеноста кон елементарното како сублимат од уметничко сладострастие и потребата да се исфрли се што ни прави рационален грч, туку заради непосакуваната летаргија која е причински одредена од инвазијата од информации од секаков вид.

„Проклето“ на Кендрик Ламар не е ремек дело. Тој албум е еден вид на посакуван вирус кој, доколку работите во насока на критериум одат како што треба, ќе го проголтаме најблагонаклоно и ќе го доживееме како вакцина и спокојно ќе следиме Греми без да се шокираме од тоа дека наградата за најдобар рок албум ќе ја добие музички артист од формат на Џулија Волф заради острите хард рок делници во некаква нејзина идна композиција организирана во шеснаесет нумери. Конечно, и Енио Мориконе пишувал ораториуми, а ние кога ќе ни се западне ја свикраме неговата мелодија од „За грст долари“. Единствено што би требало да бидеме свесни е тоа дека дваесет и првиот век е доба каде работите не смеат секогаш да бидат на свое место.