Концерт на Fire! и Светлост во МКЦ

15 декември 2018 МКЦ 21:00

Нордиската експериментална супергрупа Fire! ќе настапи во Младинскиот културен центар во Скопје на 15 декември во рамките на официјалното затворање на овогодинешниот МОТ фестивал. Вечерта ќе ја отвори скопското трио Светлост.

Fire! е шведско експериментално џез трио, формирано 2009 година од Матс Густафсон на саксофон, Јохан Бертлинг на бас и Андреас Верлин на удиралки. Музиката на групата е стилски вкоренета во слободниот џез, психоделичен рок и noise. Зад себе имаат 5 самостојни LP изданија и две колаборативни (со Џим О’Рурк и Орен Амбарчи). Во 2013 година го стартуваат проектот Fire!Orchestra, каде низ три албумски изданија продефилираат педесеттина различни музичари, главно од скандинавската џез сцена. Овие искусни музичари во своето резиме вклучуваат состави како The Thing, Nu-Ensemble, Angles 9, Tape, Arashi, Wildbirds & Peacedrums; како и бројни соработки со разноврсни артисти како Zu, Sonic Youth, The Ex, Петер Бротзман, Кен Вандермарк, Дерек Бејли, Еван Паркер.

 

Светлост е скопско трио кое дебитира на концертната сцена пред една година. Составен е од Нинослав Спировски (кларинет/саксофон), Кристијан Новковски (удиралки) и Дени Омерагиќ (контрабас/бас гитара/електроника). Музиката на овој состав најчесто е информирана од стилски правци како слободен џез, пост-рок, електро-акустична музика, минимализам и амбиентална музика. Во моментов паралелно работат на неколку групи на композиции, кои ќе дебитираат дискографски во 2019 година.

Влезот на концертот на Fire! и Светлост е слободен и е закажан за 21 часот.