Промоција на книгата „Радио“ од Љупчо Јолевски

17 јануари 2019 20:30 сала Фросина

Новинарот, водител и уредник Љупчо Јолевски на 17 јануари во салата Фросина во Младинскиот културен центар во Скопје ќе ја промовира својата прва книга „Радио“, колекција на текстови и прилози кои Јолевски ги пишувал и објавувал за Радио Слободна Европа.

„Радио“ ја чинат повеќе од 730 страници и речиси толку фотографии илустрации. Книгата претставува субјективен избор на авторот од прилозите, односно текстовите пишувани и објавени за Радио Слободна Европа, програма на македонски јазик. Поделена на неколку целини – музика, литература, ликовна уметност, филм, театар, уметничка фотографија… преку информациите, најавите, разговорите, интервјуата, рецензиите, освртите… се обидува да понуди негово видување на македонската култура во изминатава половина декада. Оттаму, на страниците се забележани мислите и ставовите на уметници и творци како Весна Ѓиновска Илкова, Благој Нацовски, Милена Арсовска, Никола Коџабашија, Александар Пејовски, Дарија Андовска… Оливер Белопета, Влатко Стефановски, Љубојна, Bernays Propaganda, Сеад Хаџиќ Сецко, Зоран Маџиров, Драган Даутовски, Sethstat… Никола Маџиров, Оливера Ќорвезировска, Игор Ангелков, Фросина Пармаковска, Јовица Ивановски, Јосип Коцев, Владимир Мартиновски… Игор Киров, Нела Витошевиќ, Огнен Дранговски, Игор Трпчевски, Иван Поповски… Сергеј Андреевски, Ване Костуранов, Роберт Дандаров, Синиша Кашавелски, Касиопеја Наумовска, Шќипе Мехмети, Тања Балаќ… Драги Неделчевски, Иван Блажев, Сашо Димоски, Мимоза Велиу… Мирко Илиќ, Зоран Предин, Оскар Салас, Феми Кути… и така со ред.

Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е скоро четири децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Бил соработник на белградските магазини Рок и Време, а потем долги години бил во Радио Телевизија Скопје и во Македонското радио – Втора програма. Паралелно четири години бил уредник на Музичкото радио Канал 103, а соработувал и со изданијата на Детска радост, ревијата Екран и весникот Нова Македонија. Од крајот на 1990-те извесно време бил новинар во Телевизија Скопје и во магазинот Старт, потем уредник во дневните весници Дневник, Време и Нова Македонија, соработник на интернет порталот Блесок, на Југословенската и Екс. Југословенската рок енциклопедија, на Светската и на Европската музичка енциклопедија и безмалку цела една декада автор и водител на музичката емисија Скопје – Париз – Тексас на Радио Равел. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

На промоцијата на „Радио“, во рамките на манифестацијата „Роденден на уметноста“ на МКЦ, покрај рецензентите Елизабета Баковска, Марко Коловски и Ана Франговска, соработниците Билјана Билбиловска (ликовно графичко решение) и Сашо Димоски (фотографија на насловната страница), публиката ќе има можност да ги проследи изведбите на актерот Игор Трпчевски, пијанистката Дуња Иванова, гитаристот Ибрахим Мехмети и перкусионистот Ратко Даутовски, Кристина Горовска и Васко Атанасоски, како и џез-панк-фанк-авангарда дружината Sethstat со диџејот, автор на текстови и пејач Мирко Попов.