Grandmaster Flash утревечер во Скопје

26 февруари 2019 Станица 26 21:00

Името Joseph Saddler веројатно не ви значи многу, но ако кажеме Grandmaster Flash, сигурно ќе Ви стане многу појасно. Hip-hop пионерот, скопската публика ќе има можност за првпат да го слуша во живо, и тоа на 26ти февруари во клубот Станица 26. Оваа рап легенда е родена во 1958 година на Барбадос, а љубовта кон грамофоните му се родила уште во тинејџерските години, откако со своето семејство се преселиле во Bronx. Кариерата ја започнува во раните 70-ти, како DJ на приватни забави заедно со Kurtis Blow и Lovebug Starski. Кон средината на 70-те ја оформува својата прва група, во која членуваат Cowboy, Melle Mel, и The Kidd Creole. Групата првично се нарекувала Grandmaster Flash and the 3 MCs, а ќе остане запаметена по тоа што нејзиниот член Cowboy го измислил терминот “hip hop”, a Melle Mel е првиот кој се нарекол себеси MC (Master of Ceremony). Со приклучувањето на Rahiem и Scorpio, бендот се приемнува во Grandmaster Flash and the Furious Five, и понатаму сè е историја. Дел од нивниот “highlights” се издавањето на два култни албуми – The Message во 1982 и On the Strength во 1988, синглот “The Message” кој сè уште се смета за еден од најдобрите на сите времиња, како и фактот дека се првата хип хоп група која станала член на Rock & Roll Hall of Fame. Додека ги проучувал стиловите на своите идоли, Grandmaster Flash ги креирал некои од техниките кои и до ден денес се стандарден дел од DJ науката – backspin technique, punch phrasing и scratching.

Во последнава декада тој издаде еден мемоар, започна свое радио шоу, ја доби BET I am Hip-Hop Icon наградата, се појави на видео игра, а неговиот лик е дел од Netflix серијалот The Get Down. Човекот кого го сметаат за главен „виновник“ што денес грамофонот е музички инструмент, во моментов работи на својот 12-ти студиски албум.

Локална поддршка на настанот ќе бидат DJ Shorty P и DJ Irie Scratch.

Влезниците можете да ги набавите преку продажната мрежа на Купи карти за сè и Карти. Првите 100 влезници се 600 денари, регуларните влезници чинат 800 денари, додека на врата истите ќе бидат 1000 денари.

Организаторите на настапот на Grandmaster Flash се Sure Shotz Entertainment и 3 Гонга.