Креираме рамки кои незибежно тежнеат кон самогетоизација

Интервју со Реља Бобиќ

За музиката и уметноста, независната сцена, успесите и падовите, гетоизацијата и медиумите, новата иницијатива +++ – за Критика зборува Реља Бобиќ, промотер, продуцент, радиски автор, диџеј, новинар, независен кустос и учесник на престојниот фестивал Здраво Млади.

 

Како Реља Бобиќ влезе во светот на музиката и уметноста?
Ретко рамислувам за тоа на овој начин, но она што секако имаше голема улога во мојот пристап кон музиката се неколкуте луѓе од моето секојдневие, пред сé семејството – мојот татко и братучетка ми Јања. Таа во тоа време беше дел од екипата на магазинот Ритам, ненадминато музичко списание на овие простори, го основаше Драган Амброзиќ, заедно со екипата околу B92 и Мома Рајин. Ако братучетка ми го отвори прозорот во гранџ, панк, независниот рок од 90-тите и доста постара музика, тогаш нејзиниот пријател Анте Чикара ме запозна со дабот и пост-рокот, кој штотуку се појави а подоцна и ме одведе во амбиенталната и електронска музика. На некој начин имав привилегија како клинец да поминувам време со некои од овие луѓе кои беа сериозно посветени на независната музичка сцена.
Рано почнав да посетувам концерти и имав желба на некој начин да ги артикулирам своите афинитети кон одредени бендови и албуми. Па така, започнав да пишувам за магазините „Vreme Zabave“ и „X-Zabava“ кога имав 15 години, а неколку години подоцна тргнаа и емисиите на B92. Тогаш, музичките хоризонти ми ги претстави Божидар Радојчиќ Бошке, кој ме повика еднаш неделно да пуштам roots dub во рамките на ноќната програма на радиото, кое тогаш беше сосема поинаква радио станица од денешнава, сосема посветена на возбудливата, независна музика. Тогаш го запознав Горан Симоновски, со кого, целото тоа патување доби нова димензија кое заедно нé одведе до формирањето на Belgradeyard Sound System колективот, а подоцна и до бендот, како и фестивалот Dis-patch. Сé ова заедно влијаеше на тоа да го прифатам отворениот пристап кон музиката, така да секогаш истражувам слични квалитети, баз жанровски бариери. Имав среќа да видам навистина голем број концерти годиниве, и тоа живо искуство на музиката во мојот случај има приоритет во однос на снимките и официјалните изданија. Но, сепак мислам дека луѓето тука се клучни, бидејќи музиката е пред сé најубавиот и најмоќниот вид на комуникација помеѓу луѓето, било да се работи за размената која ја имаш со некој изведувач додека слушаш концерт, пријателите со кои заборуваш за тоа или тие со кои разменуваш музички препораки.

RB

17 години си дел од независната сцена. Дали е денес воопшто можно и на кој начин да се биде независен, конечно – што за тебе денес претставува независноста?
Ова е доста комплексно прашање, па и филозофско – дали и како денес можеш да бидеш независен, во која мерка, каде е границата…? Долго време сум присутен со различни активности, но доколку имаш извесен поглед на свет кој едноставно го чувствуваш, без поголема потреба за рационализација, тогаш кон сé ќе пристапуваш на ист начин. Во таа смисла не можеш да избегаш од себеси, па така јас во секој проект влегувам со ист дух. Како проаѓа времето, имаш и нови искуства, многу искуства се повторуваат, доаѓа до заситување. Оттаму, со акумулираното искуство имам се поголема потреба да се оддалечам од „институционализацијата“ која можеби му се случи на Dis-patch фестивалот, кој го започнав со Горан, и да се обидам да го поставам во особено независен дух, каде што однапред ги укинуваш можностите за зависноста од спонзорите, институциите, хајповите или трендовите. Во таа смисла најрадикална е нашата нова иницијатива +++, која ја поставуваме без големи спонзори, без јавни пари и исклучиво со поддршка на заедницата и луѓето кои сакаат со нас да го споделат ова ново искуство. Најголемата вредност на независноста е таа дека не мораш да ја компромитираш својата идеа и тоа дека сé создаваш на „свој“ начин. Но, секако треба да се има во предвид дека ваквата пракса, особено кога ќе потрае, има и своја цена, во смисла на константниот ризик, стресот и егзистенционалната несигурност. Но, она што е на другата страна на кантарот е многу позначајно и повредно, искуството и чувството дека сепак можеш да работиш на тој начин.

Како тргна Dis-patch приказната и зошто тоа и покрај успехот денес не постои?
Тргна така што сакавме музиката која ја претставувавме секоја недела на радио да ја споделиме со луѓето во живо. Треба да се има во предвид дека тоа беше самиот почеток на минатата деценија, кога интернетот и достапноста на музиката беа далеку од денешната ситуација. Публиката во Београд не можеше да ги види музичарите, па дури ниту да ги слушне нивните албуми. Во јануари 2002 го направивме гостувањето на аудио-визуелниот проект Rechenzentrum и потоа сфативме дека сакаме да направиме многу повеќе. Имавме среќа првиот фестивал да го имаме веќе во октомври истата година, кој за таа година имаше навистина импресивен програм. Тука беа поставени темелите на тоа што го работевме следните 10 години. Намерата беше едноставна – да и понудиме на публиката поинакво видување на електронската сцена, која кај нас беше само во форма на техно и хаус журки, подоцна и драменбејс, жанровски поделени и сведени на диџеј настапи.
Во тие 10 години фестивалот растеше, се менуваше слободно во програмската концепција. Не бевме „само уште еден локален фестивал“ туку во соработката со фестивалите од целиот свет бевме навистина релевантни во тој контекст. Ко-продуциравме проекти како што се Clubtransmediale, Mutek, TodaysArt, Musikprokotoll, Communikey, NuMusic, Ultrahang… Имавме и неколку светски премиери, од кои неколку од нив и самите ги инициравме, се отворивме кон визуелната уметност и учествувавме во продукција на неколку проекти. Тие години потполно ме дефинираа професионално и приватно.
Кога сфативме дека енергијата и делот на ентузијазмот, кој беше потребен целата работа да се оддржи под притисок на финансиските загуби и постојаната неизвесност (секоја година, за жал, беше почеток „од нула“), не сакавме да одиме наназад и проценивме дека е можеби добар миг да се збогуваме со една голема и убава приказна и на тој начин да си отвориме простор да ги направиме работите за кои реално немавме време во тие 10 години. И да сочекаме нов налет. Така, од 2010, работев на 30-ина нови проекти од помал формат, многу гостувачки програми на други фестивали и изложби, притоа помагајќи им на пријателите слични проекти да стартуваат и во своите средини. И се чини дека сега за тоа дојде вистински момент, нов бран, сосема поинаков. А на тој бран плива и новата +++ идеа.

Со мислење сум дека вашиот радиски проект Belgradeyard Sound System беше еден од подобрите медиумски проекти на овие простори. На кој принцип е работена емисијата и кои беа критериумите кои беа битни за емисијата да ја има таа еклектика.
Емисијата се емитуваше еднаш неделно во полноќен термин. Во почетокот траеше 3 часа, подоцна 2. Секоја недела испраќавме newsletter на спрски и на англиски, каде што препорачувавме и рецензиравме нови изданија. Во почетокот на 2000-тите имавме ексклузивни интервјуа со Four Tet, Sole, Mad Professor, David Toop и многу други. Контактиравме издавачи и музичари и тие врски ни беа многу важни, особено во време кога Србија беше музични прилично изолирана. Така да, таа „едукативна“ страна беше многу важна, но и фактот дека паралелно работевме на развојот на публиката. Бевме отворени за експериментални форми, па така емисијата доби силен еклектичен карактер. Два часа радиско време е навистина голем простор, бевме во прилика од секоја емисија да направиме некое чудно патување низ најразлични музички правци. Имаме архива од преку 300 снимени емисии, од вкупно 500-те кои ги реализиравме во периодот од 2000 до 2009 година. Се надевам дека тој материјал еден ден ќе заврши онлајн, бидејќи се тоа часови и часови навистина добра музика.

Зошто вашиот албум “Lost” толку години подоцна?
Без особена причина. Едно утро сфатив дека го имаме целиот тој материјал на хард-диск, заедно со снимките од повеќето наши концерти. Албумот веќе беше комплетиран, барем едната негова верзија, со оглед на тоа што во процесот имавме различни фази и верзии, на момент се чинеше дека тоа ќе биде приказна без крај. Бендот престана со работа уште во почетокот на 2008. Поминувајќи ги фолдерите, сфатив дека имаме цел албум, како и голем број живи снимки, како и сингл со ремикси на Caribou и Xploding Plastix. Тие снимки допрва ќе ги слушнете на www.lostbelgradeyard.com, каде што се достапни за бесплатно превземање. Албумот наиде на одличен прием, а имавме и добра промоција во клубот Drugstore, во февруари 2014. Иако сега, од оваа дистанца, гледам дека многу од работите можевме да ги направиме поинаку, сепак горди сме на звукот кој го креиравме и песните кои ги аранжиравме, пред сé Горан, како композитор и продуцент на целата приказна. За луѓе што сакаат интензивана џез атмосфера и извесен панк дух, музиката на нашиот бенд беше ретко добро комбо.

Дали е сé уште актуелно вашето мото „Не им давај на луѓето она што го сакаат, туку она што им е потребно“?
Мислам дека работите се променија, но од друга страна, ваквиот пристап е можеби побитен од било кога. Луѓето денес наизглед многу подобро знаат што сакаат, растат во поинаква ситуација кога се во прашање достапноста и количеството на музиката. Можеби и не сакаат премногу сугестија во таа смисла, пронаоѓаат нови канали до нова музика, филмови, серии… Но, ако денес зборуваме за навистина голем „океан од звуци“ кој неминовно се акумулира, добриот филтер на оваа содржина е навистина важен, како и фактот дека „под радарот“ има многу феноменална музика, но до неа најпрвин треба да стигнеш и да ја препознаеш, наспроти шумата на содржини со скратена рамка на внимание кое денес го имаме. Така да, и понатаму на луѓето треба понекогаш да им се наметне „она што им треба“. Во таа смисла, сакам да го истакнам Schwabe, во моментов еден од најдобрите наши диџеи, кој веќе со години посветено копа неверојатна музика и кој успеа да го наметне своето темпо на публиката, сосема споро, околу 100 bpm, што пред неколку години на овие простори беше незамисливо за играње.

Што можеш да ми кажеш за твоето лично чувство за светската музичка сцена и рецентните уметнички форми, некогаш и сега.
Од личен агол можам да кажам дека кога бевме помлади, сé делуваше многу многу важно, секоја плоча која ќе се појави, секој концерт. Денес го имам силниот впечаток на „потрошеноста“ на музиката и помала потреба да бидам во тек со сите музиќки жанрови. Ми се случува потрабата да и се посветам на музиката која навистина ја сакам, па и да е објавена пред 10, 20 или 50 години, го загубив императивот за ново. Тешко е на тоа да се гледа од еден агол и никогаш не би рекол „порано беше подобро“, мислам дека секоја момент има свои специфичности, важно е само тоа ние како поединци во сетоа тоа да пронајдеме квалитетни и возбудливи моменто кои ни се важни.

Доаѓаш во Скопје во деликатен момент. Што ќе ни понудиш за добро расположение?
Вестите кои ги добивавме од Македонија последниве недели беа навистина загрижувачки и жал ми е што нашите пријатели поминуваат низ предизвикувачки моменти. Тоа секако не е нешто што ни е непознато, некако ќе помислиш дека на сето тоа му дошол крајот и тогаш случувањата ќе те разубедат. Со Македонија секоја година имам навистина посебна врска, со оглед на тоа што Dis-patch секоја година имал навистина многу публика од Македонија и сите наши настапи во Скопје секогаш поминувале во убава, пријателска и блиска атмосфера.
Нема друг избор, освен за себе да креираме рамки кои незибежно тежнеат кон самогетоизација. Искучуваш одредени канали, на пример престануваш да слушаш вести и се посветуваш на музиката и она што го работиш. Во прашање е некаков облик на ескапизам, но за жал, сé помалку работи можеме да промениме како поединци. Така да, се надевам дека на Здраво Млади ќе пружиме добра музика и забава која ќе им значи на луѓето. Кир и јас ќе го претставиме +++, нашата нова иницијатива која за првпат ќе се оддржи од 3-5 јули, на една планина кај Чачак, во централна Србија. Со неговиот концерт и мојот диџеј настап ќе се потрудиме да пренесеме дел од атмосферата која многу луѓе ја очекуваат таму, а која има навистина нераскинлива врска со сé тоа што во ова интервју зборевме.

 

фото: www.lukaknezevicstrika.com