Голготата на пијаното Бехштејн М#9Л

Др. Артан  Кларк е карактер кој што пристигнува од иднината,  тој е вработен во центарот на истражувачкиот совет на Евроарабија. Еден од најмоќните континенти на планетата Земја. Неговото истражувачко поле се древните нации и цивилизации на некогашната античка земја Фиромеја. Сместена во центарот на балканскиот полуостров некаде на почетокот на 21-от век Фиромеја исчезнува на еден сосема мистериозен начин. Територијата набргу станува поделена во III-та Светска Војна, со времетраење од периодот меѓу 2017 до 2019 година АД.  Артефактите и записите на Фиромеја постојат единствено во виртуелна форма, и за неговиот труд беше потребно повеќе од 7 години напорно изучување и пребарување по единствената преостаната дата во главниот сметач во престолнината на Евроарабија градот Истанбул.  Бидејќи во војните за превласт меѓу нациите беше уништен сиот материјал на располагање, единствениот преостанат извор беше виртуелната библиотека наречена: Ишкендрија во Истанбул. Во прилог ви ги доставуваме сакрално окултните текстови на една помалку опскурна историска личност од крајот на 20-от и почетокот на 21-от век.  Луцидни истресоци го фасцинираа и згрозуваа во исто време.  Додатен напор за Др. Артан Кларк предизвикуваше дешифрирањето на текстот кој беше напишан на древниот фиромејски јазик, категоризиран во класата на словенските јазици и криличното писмо.  Како и да е, резултатите се вчудоневидувачки. Во прилогот ќе проследите избор од еден автор познат како Волтер Ал Хаким.

Внимание! Бласфемичната содржина не подлежи на цензура и секое читање на овој текст паѓа на одговорноста на читателот. Секое јавно дистрибуирање на овој материјал е строго казнив по член 666L.  Табла трета со превод од Др. Артан Кларк.

 

 

broken-piano

 

Голготата на пијаното Бехштејн М#9Л

 

Мадам Хенриета Емина Лерковиц беше жена на амбасадорот од една мала земја на латинска Америка. Таа се досадуваше на вториот кат од резиденцијата во која сиот простор беше задушен од непотребни предмети и мебел. Објектот беше сосема неприметлив и помалку ладен. На првиот кат веднаш до големите прозорци што водеа  кон градината беше сместено пиjаното кое беше од марката: Бехштејн, модел бр. 9 направено некаде околу 1889 година. Пијаното имаше долга историја на сопственици и беше направено сето од махагони со златни обележја на капакот. Жената на амбасадорот никогаш немаше ставено прст на него, уште помалку нејзиниот сопруг, aмбасадарот на Еквадор, неговата Екселенција Роберто Лебовиц. Се говореше дека истото било направено со посебно поставени клавиши рачно изработени за ќерката на несреќно починатиот претседател на олимпискиот комитет на Ботцвана – Алфредо Кимико. Првата аукциска цена на пијаното едвај достигна 5000 американски долари, иако истото било купено за цели 40.000, само неколку години порано од страна на амбасадорот Ричард Лерковиц. Пиjаното се селеше насекаде низ земјината топка каде што амбасадорот Ричард добиваше преместување. Сега ете конечно истото пристигна во Градот, (лоциран во северниот дел на географскиот поим Македонија).  Мадам Хенриета  се ужаснуваше од тоа пијано, уште повеќе од работниците што го креваа истото. Тука во Македонија, примети дека работниците немаа ниту униформиран персонал. Парталковци… Си рече во себе. Еден од кревачите имаше отприлика шеесет години. Како ли овие ќе го кренат пијаното?, и се обрати на претставничката на агенцијата. Сите изгледаа неухрането, пијано, а можеби и истиве беа издрогирани, заклучи со сомничавост, одговарајки му на едниот од носачите кој што и изгледаше сосема залутано меѓу нив. Неговиот англиски беше многу јасен и на мигови тој и звучеше како некаков аристоктат-интелектуалец кој е дојден да крева единствено поради забава.  А, и името му беше помалку нетипично, имаше едно од оние ниту муслимански, ниту христијански имиња – Саид Шенберг. Размислуваше дека овојпат конечно пијаното ќе падне и дека овие не ќе можат да го преместат. Токму кога се симна на приземјето слушна како некој удира три тона и разложено свири еден акорд на пијаното. Веднаш се качи кај пијаното и примети како Саид набрзина го затвора капакот. Саид со воодушевеност примети дека пијаното е совршено наштимано. Помалку изнервирана од дрскоста на слугата таа само потврди дека пијаното е во добра форма. Каде ли е само оној надгледник кој ги контролира кревачиве и што е со овој човек кој и ги прегледува личните работи. Беше очевидно дека носачов не беше обичен амал. Сепак таа ќе го среди, погледна кон терасата и ги примети неколкуте садови од керамика кои беа полни со земја, од нив се провираа штотуку изникнатите петунии. Го повика Саид и му ги покажа садовите. Саид вешто се наведна и кога се обиде да го крене едниот од нив- процени дека садот тежи најмалку деведесет килограми.

– Овие мора да ми ги донесете, многу ми значат.

– Ако вие така сакате, Мадам… Саид виде невоља во садовите бидејки тие не можеа никако да се фатат и мораа да се носат од најмногу двајца.

– Мора, мора… Многу ги сакам. Тие беа полни со земја на која што и беше штотуку полеана вода и така тежината беше уште поголема.

– Кога мора… со мала неволност примети Саид.

– Е па, тоа е, ги сакам. Сега Мадам Хенриета доби изглед на мал женски мефисто, очите ѝ светнаа како на мачка во исчекување на некаква кобна случка. „И тоа сакам еден од тие што ќе ги носат да бидете токму вие. Ми изгледате најинтелегентен од присутниве“. Саид почна да си говори во себе додека времето надвор стануваше пеколно врело. Знаеше дека секоја површина со облина е многу опасна и тешка за носење на вакво време, плус,  тој воопшто не беше сигурен во остатокот на екипата.  Постоеше опасност потта да го оневозможи сиот труд и сето тоа да се искрши. Викна еден од носачите и почна со селидбата на цвеќињата. Скала по скала едвај пристигна до рампата на транспортното возило. Рацете му беа во пот и почнуваа да се лизгаат по рапавата површина на садот . Фалеа уште два метри до камионетот кога неговиот партнер изусти дека повеќе не може да држи. Тогаш Саид повика да кренат врз платформата и со последен напор тие го  креваа садот. Нескладноста на силите и пуштањето на садот од страна на другиот носач, допринесе садот едноставно да се сруши врз прстите на Саид кој вознемирено и со болка опцу.

– Да ти го ебам законот редот и поредокот на нештата!

Откако повторно го  кренаа садот, Саид примети дека неговите прсти почнаа да се дујат. Набргу тие добија модра боја и прилично се зголемија.

– Пу! Да ти се плукнам, па сега нема свирење најмалку еден месец … и како ќе работам сега! Пу бе! Па што пушташ веднаш!

Другиот носач почна со извинување. Мадам Хенриета оддалеку ја следеше расправијата. Овие говореа на некаков словенско-италијански или неизе така и се виде сето тоа. Таа се симна итро по скалите и го виде Саид кој веќе позелени во лицето па дури и стана сив на крај.

– Што? Зачудено се насмевна гледајки во прсите на Саид.

– Ех, што… Ете тоа. Саид не можеше да ја сокрие вознемиреноста од повредата, дотолку повеќе што се работеше за неговата лева рака, раката со која што тој покрај пијано свиреше гитара.

– Ах, жалам. Студено одговори Хенриета. Но добро е, не е скршена садот, примети со монотон тон.

– Е не, не е… Во умот на Саид пристигнуваа еден милион псовки и клетви! Пичка една смрдлива! – си викаше во себе додека неговото незадоволство и каење што се прифатил за работата го покажуваше единствено трепкањето на неговата лева веѓа.

– Ќе помине…

– Оф, да како и животот Мадам. Во умот му се одмотуваа како од свиток разни сценарија за осветата која би ја сторил да не мораше да ги прехрани неговите деца во оваа помалку суморна зона на подножјето на Водно. Требаше да се иселат во некоја нова четврт: Бардовци. Тоа беше местото што тој многу добро го знаеше и всушност пред само неколку години и нему самиот му беше понудено и обистинето дека истото место ќе биде искористено за градење на луксузни објекти и резиденции. Тој се разбира одбиваше да инвестира во недвижнини и се згрозуваше од тривијалноста на капиталистичкиот ентерпрајз. Ете сега тој беше носачот и немаше никаква перспектива во Скопје. Овој град го претставуваше сиот цивилизациски ужас за него. Неговото неуредено и неорганизирано хаотично пулсирање полно со смрдеа и расфрлани отпадоци. Сите тие објекти што беа насадени еден до друг во центрично поставениот радиус. Самата географска положба на градот и оневозможеноста да се дојде до воздух, ефтините афтомобили кои секојдневно се впливуваа низ улиците дизајнирани да опслужат бројка од пет до десет илјади возила. Цел тој невкус на старо-ново збраните монументи и зданија. Некакви култури што требаше да мешаат и да дадат некаков пост-модерен куршлус од сентименти а всушност сето тоа се преплавуваше од луѓе полни со табиети и планински фрустрации во себе. Планинците спуштени во долината на смртта, ете тоа е насловот за овоа гн’сно место. Верски фанатици и бучно манифестирање на обредите, свадбите, умирачките, веселбите како и каприците на дојденците сосема му ја избелеа косата. Додека дојденците пристигнуваа во неговиот град, тој едноставно занемагаше и стануваше сé понезадоволен. Сите му беа исти, дали да се работеше за амбасадори или ковачи – сите тие беа во овој град да направат уште поголем неред, и тој подеднакво ги мразеше. Камионетот беше полн и требаше да кренат во правецот  на новата локација. Тој  седна на местото за совозачот и ги крена прстите во вис како да се работи за читање на заклетва. Прстите станаа дебели како некакви модри патлиџани со нокти кои пливаат врз месото како некакви џамчиња од мозаик. Ех… се издиша погледнувајки кон еден помлад возач што требаше да ги одвезе до местото. Овој почна да му говори како му оди работата. Почна да му раскажува цел еден историјат за бизнисот со транспорт,  како тој всушност би станал богат ако работите се одвивале некако. Саид примети и веднаш заклучи:  Ниеден бизнис не оди добро тука во ФИРОМ! Но и многу лоши работи се случуваат. Никој не е поштеден. Единствено оние неколку мрши и крвопијци, кои што го наследија сочијалистичкиот капитал и неколкуте касапи кои што успешно оперираа и под наводници- лечеа луѓе во новоотворените клиники долж градот. Свињи! извика на глас- Саид. Сите овие се гјоми! Па како им дозволивме да се намножат во толкав број?! Како ќе се живее? Шоферот  симна со рамењата, како да одговорот и решението зависеше само од него.

– Кредити и задолжувања, ете како. И кога ќе умреш  ќе им го оставиш долгот на децата…

-Па немам деца?

Тој се сети на еден малоумник кој пред неколку години го загуби својот стан на коцка и отиде да скита долж европските метрополи како клошар.  Му го рече следново: Зашто човек не може да избере каде ќе умре?! Зошто да умрам тука во ФИРОМ?! И за сето време мелеше како расипана грамофонска плоча: Зошто-зошто-зошто… Сега се наврати на него, и конечно свати дека неговиот пријател бил во право. Ако смртта е дестинација која што е загарантирана за секого и картата е однапред резервирана тогаш скитников сигурно направил арно.

 

* * *

 

Новата резиденција беше распространета на неколку нивоа и носењето овдека му изгледаше дури и потешко на Саид, кој незадоволно плукна, откако го изанализира трудот што треба да биде вложен. Неговите прсти беа речиси неупотребливи и вистинската болка штотуку требаше да пристигне. Мора некако да се освети за ова, помисли. Ќе ѝ искрши некоја типка од пијаното, ќе отштрафи некоја жица, некое скапоцено парче или ќе оштети некоја слика од колекцијата на госпоѓата. Сето тоа му одеше низ глава потпомогнато со налетите на бол кој го потсетуваа на доживеаната несреќа. Ах-ах, за сето време негодуваше тој со таков подмолен тон што Мадам Хенриета се потсмеваше во себе од задоволство. Таа беше на возраст од шеесетина години и сигурно добро ќе и дојдеше некоје балканско софистицирано говедо како Саид кое што со тежина на морж би ја импрегнирал нејзината црна внатрина. Уште повеќе ја вознемирија приказните на Саид за евреите и за нацистите.  За наводното прогонство, овојпат на нацистите кои што не биле ништо друго туку евреи. Неговите  налудничави тези за конспирација заедно со митолошките фантазмагории за симболите и моќта, те вистините за наводните окултни сојузништва на Германците. Поврзаноста на Вермахтот се некакви сили од други планети… Сите тие глупости ја засегаа и неа, но, овој носачов навистина претера. Како за некакво чудо додека Саид ги прелистуваше нејзините книги откри дека поголемиот дел од нив и самиот ги беше прочитал. Ова уште повеќе ја вжешти госпоѓата Хенриета која веќе почна да гледа на сета оваа случка како на грозен испад. Но, јас и не сум Германка? – помалку натажено примети Хенриета. Саид отвори еден долг ковчег во кој што еден од работниците го беше истурил комплетот на Хесе и повика: Ах: Ди Глокеншпил!  Хенриета бучно приговори: Не тоа е: Das Glasperlenspiel! И прекинете ве молам! Работете, вие Балканци, поточно како се нарекувате Македонци?! Сите вие се замислувате себеси како генијалци! А нема кој да крева тука! Во просторијата настана тишина. Саид ја наведна главата и продолжи со вадењето на содржината. Хенриета како да доби наплив на енергија сега таа самата почна да извртува тези. Хитлер не умрел па избегал на Антартик, те бил замрзнат – те жив! „Германците повторно владеат а вие сте чистачи на тоалети!„ Овоа последново му беше познато на Саид, истово го говореше и оној Ацо Станковски – сликарот. „Балканциве биле чистачи на тоалети во Германија?   Но сепак госпоѓо…“. Тој замолче за миг.

– Вас ви се допаѓа месо? – налуднаво ја запраша тој.

– Молам!?

– Велам дали ги сакате истите работи кои во зима им недостасуваат на многуте светли домаќинки – колбаси на пример… па се почеша на тоа место на кое што Хенриета претпостави дека се наоѓа неговиот фалус. Примети дека дотичниов сепак има атрибути кои нудат исполнителни својства. Вулгарноста кај другите луѓе отсекогаш ја оставаше стаписана и помалку смалакса од невидливиот натпревар со овој странец.  Сите носачи сега се собраа во близината на Саид, набргу пристигна и менаџерот на компанијата кој ги вработи. Носењето на пијаното и овојпат му припадна на Саид. Тој помалку вресна кога еден од носачите му ја потфати повредената рака. Набргу пијаното се најде во новиот објект. Саид повторно го отвори капакот и овој пат разложено одсвире цела една скала со повредената рака заклучувајки ја сета интервенција во F Maj – sharp. Звукот почна да одѕвонува по ѕидините на резиденцијата, пијаното немаше променето ништо од звукот.

– Ви велам совршено е… погледна кон Хенриета.

– Ах, да да, веќе приметивте… Хенриета сакаше да му ги нагмечи уште повеќе, тие сега веќе сосема црни прсти, долги и цели набабрени. И тоа проклето пијано кое што таа не можеше да го поднесе а сепак го селеше низ сиот свет. Камо да се најдеше некој да го уништи, но сепак таа да ги наплати парите од осигурувањето. Во еден миг од салонот се слушна силен тресок, сите веднаш потрчаа во правецот на салонот, во просторијата едвај се наѕираше од накалапениот прав што беше размрдан од една дупка на таванот со пречник нешто поголем од едно метро. Светлината навлезе во просторниот салон како во некаква светлосна инсталација, а врз пијаното стоеше една од оние машини за вежбање со товар. Теговите беа растркалани низ сиот салон,  во средината на пијаното зјаеше голем процеп. Низ дупката неколкуте носачи препотени се трудеа да разберат што навистина се случи. Неколку месеци подоцна Саид во еден отпад го виде истото пијано, беше тоа величенствениот: Бехштејн М#9Л, кој што Саид успеа да го купи како рѓосано железо за цели 1921.00 денари. Фунционираше само една октава – толку и му беше потребно на Саид… Штимот беше непроменет – заклучен во чисто совршенство.

Германци… задоволно примети Саид Шенберг.

broken-piano1