За американските раскази

Започнав со пишување на расказите нешто пред крајот на 2015, месец септември, во меѓувреме ми се јави Илина Каблова, новинарка од часописот Неа Лижка (некаков моден магазин), млада жена на свои триесетина години. Русокоса со долги нозе и сомнително познавање на литературата, сепак амбициозна и симпатична, со помалку наивен израз на лицето, претпоставувам дека на мене гледаше како на некаков искривоколчен никаквец, заскитан пештерски човек. Бев облечен како да одам да пазарам коњи, со еден од оние ефтини качкети на глава и црни тренерки, озгора на сé не се имав избричено веќе пет дена. Се договоривме да се најдеме во кафето Дамар, лоцирано во скопската стара чаршија. Таму обично немаше никој во текот на денот, не поднесувам гужви.

Го избрав тоа место бидејќи лично ја познавав управителката на кафето – Анѓелика Апсис, една софистицирана, на мигови строга дама и мецена на фините уметности. На состанокот дојдов половина час порано, се навалив до еден ѕид во внатрешноста од локалот и впивав впечатоци со умот; има подолго време како веќе не учествувам во ноќниот, јавниот, уште помалку во политичкиот живот; на мене се сеќаваа само неколкумина постари десперадоси, продавачот на семки Вито и вратарот на кафето Гвидо. Набргу се појави Илина Каблова, заискри со нејзините жолтеникаво џимиринкасти очи претставувајќи се, па нарача кафе, па веднаш започна да ми поставува секакви прашања.

– Гоподине Манчевски, дали ќе можам да ве прашам нешто лично, зошто вие пишувате? Во вашата биографија стои дека сте се занимавале со разни работи, менувате професии, од готвач до градежен работник, варосувач, кревач на креденци, организатор на транспорт, запослен во полицијата, преведувач за ОСЦЕ, логистичар за американската армија, повторно преведувач за некаква таинствена компанија, некаков атомски центар за вселенски истражувања? Пакер-пикер? Сценарист, актер, разнесувач на весници, возач на камиони, колумнист, музичар, водоинсталатер, подмачкувач на лагери, машински техничар… референт за горива во ОН, воен советник, координатор на разни проекти? Долга е листата…

– Хах, да. Па морав да работам што ќе стигнам за да преживеам, немав голем избор, не ме држи место, сепак имам една голема мана.

– Да? Која?

– Ниту една работа не ме исполнува, бргу се заситувам откако ќе ја совладам, па така без разлика на примањата и убавината на работата бргу ми здосадува и скоро секогаш ја напуштам. Највеќе ми се допадна кога работев како приватен детектив за компанијата Булдог. Таков сум, ништо не ме задржува, иако моето семејство на мигови тешко го поднесуваше тоа. Едноставно не можам да истрпам да бидам со ограничени луѓе. Луѓето имаат големо значење за мене, сакам луцидни карактери, софистицирани но и надарени, креативно луди, такви од кои што нешто можам да научам, начитани луѓе и сéстрани, но такви има многу малку на планетава, камоли тука. можеби во Пентагон или КГБ, оваа година се обидував да се пикнам во Фукушима- Јапонија, атомската централа што претрпе хаварија.

– Навистина, дури таму?

– Но за жал имаше права тепачка, сите сакаат да стокмат брзи пари, без и да размислат за штетните последици.

– А вие? Вие не сте загрижени, некако…

– Најзагрижен сум кога повторно се враќам тука, во земјава. Сé ми е туѓо, никогаш не успеав да се соживеам со средината, до мојата 13 година, не го знаев ниту македонскиот, читав на хрватскиот, мојот татко имаше обемна литература на хрватски јазик. Па ми се случуваше за време на мојата служба во армијата нашинците да ме препознаваат како хрват.

– Па како тогаш пишувате на македонски?

– Доволни ми се неколку преводи и една книга за да влезам во форма, на стари години открив дека сакам да пишувам и тоа на македонски, бидејќи тука сум заглавен, а навистина ме исполнува пишувањето, иако сум омразен поради непознавање на „литературниот“, лично и го презирам. Објавив едно дело под наслов „Космичка Ложа“ во 2009-та година, сето испишано на еден сосема неразумен начин, но со концептуална поврзаност и упатства за читање, книгата инаку започнува од средина (тука сум повторно прв) со два почетоци и два краја, сепак може да се чита и нормално од почеток до крај како збирка на поврзани раскази, како некое глаголење наназад, го пишував на „ново-ја`зк“, (некаков мој измислено превртен јазик), што помалку наликува на кумановскиот дијалект а сепак тоа не е. Отпрвин го напишав на латиничен македонски па повторно на криличен, и на крајот изгубив апетит да го искристализирам. Книгата ја пишував цели две години. На мислење сум дека секој може да пишува на каков јазик посакува, дијалект, наречје или сленг.
Итало Калвино еднаш рече дека кога една нација не ги негува дијалектите тој јазик е мртов, како латинскиот, старогрчкиот, старохебрејскиот итн. Мораме да ги „гаиме“ наречјата, дијалектите, сленговите, сé што е во пишан и говорен облик, зошто да не? Македонија е мала земја и не изобилува со читачка публика. Ете, сега слушнав дека книгите на Џамбазов биле најпродавани.
Немам ништо против, но каде се останатите? Каде се сите оние млади, но навистина надарени писатели, што творат? Зошто само еден мал круг на луѓе си ја дофрла топката и за сето време се слика по весниците? Од македонските писатели би издвоил неколкумина: В. Андоновски, А. Прокопиев, Ѓ. Абаџиев, А. Поповски, Јордан Даниловски, поетот С. Гигов Гиш (навистина е врвен волшебник на зборот), јас само се обидувам да докажам дека не може неколкумина да творат еден јазик, литература, и за сето време тоа да минува како некакво лесно плебејско четиво; јазикот се обликува со векови, се менува со времето, тој е алхемијска алатка. Сакам да видам новели полни со неверојатност – имагинација, а не само занатска структура и држење до дваесеттиот век, еден јазик треба непрестано да се збогатува: архаизми, странизми, за сé има место во јазикот, умот треба непрестано да работи. Колку зборови му се потребни за да преживее на еден човек во туѓа земја? 300-400? Некому му се доволни само десет збора нели… Имам почит кон Б. Конески, но сепак и тој би се налутил да биде спореден со еден Францис Бејк`н? Тоа е смешно, скромноста е доблест, уште помалку верувам дека Шекспир е вистинска личност.

– Да се вратиме на темата за која што ве повикав, ова се први раскази што ќе ги објавите со помош на Министерството за култура?

– Не, замислете имав една со А. Станковски во далечните девеесети, можеби? Се надевам.

– Министерството ви објавило дело, навистина?! Добро, зошто баш „Американски раскази“? Денеска американската култура и нема некое посебно влијание.

– Добро прашање, токму затоа. Американски, затоа што изобилуваат со лесен популистички наратив, но сепак „американски“ подразбира исто така и Борхес, Кортесар, Е. Сабато, Селинџер, Пинчон, Набоков, Ловкрафт, Лондон, Бероуз, Е. А. По. Американски, поради целиот тој мит и деконструкцијата на истиот, ова се американски раскази на македонски начин, ако ме прашате уште нешто, ќе ви одговорам попрецизно; американски бидејќи ги поврзувам со гонорејата – распаѓањето – сифилисот, цел тој ужас што во шеснаесеттиот век во Европа го увезуваат морнарите на Колумбо, токму од таа Америка, за да веднаш после тоа го наречат кралска болест или болеста на Купидон. Искривоколченост-немир-проституција-демонизам, динамика, сето тоа е во наративот на американската историја и книжевност.
Па оттаму сакав да си играм надвор од пистите, или да направам нешто што на некој начин ќе биде меѓу книжевноста и палпот, воедно. Сакам расказите да можат да згрозат секој селанец, но во истовреме да бидат прочитани и од врвен ерудита. Сепак напишаното е далеку од писанијата на писателите од типот на Буковски, можеби се поблиску до италијанската модерна книжевност, чиј голем вљубеник сум и самиот. Карло Емилио Гада, И. Калвино, И. Ѕвево, Д. Буцати, Манцони; обожувам италијанска книжевност. Го пронаоѓам нивниот темперамент најблиску до мојот, на еден локален начин, се разбира.
Не можам да пишувам за Италија, сепак моите раскази се полни со секојдневието од Македонија или крстете ја како сакате – Скопје? Има нешто што е својствено само за ова тло, но може да се однесува и глобално; ултрамодерно, на места со помалку класичен наратив, сакам кратки раскази, не сум љубител на иљаду страни текст од кои не крајот читателот не се сеќава на ниту еден лик или случка. Ете пред некој ден разговорав со мојот соработник и долгогодишен пријател, Д. Велјановски и тој со неверојатна прецизност ги памети ликовите од моите писанија, што ме прави посебно среќен и ми дава некаква надеж, дека донекаде сум успеал во намерата. С. Гигов Гиш е човек на кој му се воодушевувам, сакам луѓе кои се надарени, никој не може да му се доближи, кога се однесува до пишувањето на поеми, само што тој сé уште не седнал да напише нешто ново, понекогаш чувствувам вина поради мојата хиперактивност во пишувањето. Гиш знае да искомлицира ако сака, има моќи во него, треба внимателно со тој шаман, ние едноставно се подржуваме. Не можеме сите да пишуваме за Сестрите на Фројд или за Бајачките на Наполеон?! Некој мора да пишува и ѓубре. Јас пишувам „ѓубрешка книжевност“. Сакам да бидам писател на ромите, собирачите на пластични шишиња и останатите затвореници (работниците по фабриките), сите оние што деноноќно измеќарат за да може вашиот свет да постои. Иако не сакам народна култура, сепак сочувствувам со болката на народот. Наместо да пишувам за Стрината на Јунг, се оддлучив да го славам мракот.

– Хаха, асоцирате на некого?

– Не-не, чисто констатирам, реков мразам секакви занатски облици на креација, сето она ситнозанатско ме излудува, калкулантско, површно и со намера, јас секогаш морам да го одживеам тоа што го пишувам, како медиум сум, навлегувам во материјата, па дури кога се работи за смртта. Тоа не е баш едноставно, знаете? Дури еден А. Станковски ми е поважен како писател отколку целата редица на „заслужни писатели“. А. Станковски е правиот гениус локус, и секој што се сомнева во тоа гадно се лаже. Како мал открив дека никогаш не ќе можам да сликам, не ми одеше математика од раце, хемијата не ме возбудуваше а физиката ми беше потопла во својство на научна фантастика. Мојот татко беше навистина брилијантен фотограф, па од него ги добив основите за фотографијата, но таа не ме фасцинираше како сликарството. Знаете јас сум човек што не сака дружење од интерес, токму затоа сакав да бидам сликар затворен во еден свој свет. Откривајќи дека ќе бидам само уште еден просечен сликар ја напуштив таа идеја (мразам преосечност); сакам да дружам само посебни луѓе; мислев дека дека чим никогаш не ќе можам да станам сликар самиот подобро да заборавам на сите останати уметности, гледав со презир на нив (посебно на музичките изведувачи), сето тоа ми беше поврзано со социјализација, не сакам друштвени компромиси, јас сум авто-ерудита, никогаш не сум примил знаење од формалното образование, цел мој свет беа книгите, ги читав доста како мал, додека остатокот од светот играше џамлии и тинкаше по улиците, јас сонував. Па така моите наставници беа најголемите луѓе на планетата. Повторно ќе се навратам на една размисла од чудесниот И. Калвино, па тој вели: „Но што е јазичната празнотија, ако не трагата од некој табу, забраната да се говори за нешто, да се изглаголат одредени имиња, некои сегашни или древни забрани?„
Денеска веќе митот за образованието е конечно срушен, благодарејќи и на мрежата, тоа значи дека сум бил сосема во право.

– За вас говорат дека сте мрачен, на мигови ексцентричен, исполиран те експлицитен, некои ве посочуваат како чуден заводник, девијант, налуднав, понекогаш многу остар на јазик, некој пак велат дека сте човек на кому не треба да му се верува? Каде лежи вистината?

– Не знам дали постои таков на кого може да му се верува? Лично мислам дека еден просечен криминалец е прав ангел во споредба со многу политички протуви во земјава. Сведок сум на еден долг период на транзициски криминал, непотизам и протекционизам во земјава. Моето семејство загуби огромен имот и углед веднаш после втората светска војна, сé во името на пролетеријатот, ова што ни се случува се канџите на пролетерскиот монструм, плебејската-народна култура, којашто одразува уличарење и едноставности, недокваканости, патетика и селско иронизирање, погледнете ја само вашата новинарска фела… Погледнете го МАНУ… Секоја институција во земјава, ние немаме ниту документ за тоа што го твориме, сé е сведено на утринското кафе.

Во земјава има кланови што веќе седумдесет години имаат статус сличен на оној на англиската кралица; површна трикерија и арогантност, копитарска неизбрусеност. Владејачката елита го троши богатството на торлачење, сликари од рангот на Станковски-Тошевски-Куновска-Пепси не можат да продадат дело ниту за 100 евра?!, за што говориме ние тука, така ли се создава нација? Не е ниту чудно што еден Никола Гелевски е Магиструм за полно кои од нив, сепак тоа е прилично тажно, треба сите цветови да цветаат.
Македонија е амалгам составен од етнички диверзитети, сепак тло на кое што има неверојатно надарени луѓе. Тешка е конкуренцијата, сите се генијални; секое трето дете е гениј, секое второ магистер; оттаму произлегува дека сите останати ентитети во земјава се натпреваруваат со тој ген – македонскиот. Тежок ген-американски… Ете сега гледате зошто говорам за американски раскази… Ние сме извртен, пагански ген, што се занимава со вражбини и ситни пакости, исто како и јужноамериканските народи, само на еден вулгарен, кабаст начин – клетварски, исполнет со завист и со отровно зло. Такви сме, кога сум надвор од земјава нема поголем Македонец од мене, но во првиот миг кога ќе заседнам сфаќам дека тука злото е единственото средство за комуникација, па и јас самиот понекогаш запаѓам во мелеволентна апатија.

– Каква?

– Мелеволентна или посакувам и самиот да бидам зол, ако ви се допаѓа. Она: да му умре кравата на комшијата.

– Очекувате ли продажба од изданието?

– Никогаш не очекувам ништо, но се надевам дека откако ќе изминат години, некој ќе се занимава со моите глаголења и погледи, исто како да се работи за разулавениот Бодлер, или за некакви стари апокрифни изданија, и тоа ме забавува, сведоци сме дека историјата е многу непрецизна и спекулативна наука. Верувам дека експертите во иднина ќе се занимаваат со најлудите писанија, бидејќи светот ќе биде уште полуд отколку денес. Тогаш можеби моите писанија ќе попримат популарно-романтичен контекс, или ќе бидат потребни лингвисти да се декодираат, денеска е успех некого да натераш да чита, затоа и воопшто нема значење да трошам пари за самоиздати па сите изданија ги ставам на мрежата, можеби ќе отштампам уште десет „Космички Ложи“, бидејќи читателите не ќе можат да го доживеат делото директно од мрежата (таа мора да биде отпечатена и споена), сé во сé, ете пишував, можеби дури ќе пишувам и понатаму, се надевам дека одговорив исцрпно на вашите прашања.