Psychic TV за 25-от роденден на Канал 103

droppedImage_1

Канал 103 обзнанува: Во мај се навршуваат 25 години од постоењето на култната независна скопска радио-станица. Постара од суверена Македонија, Стотројка веќе четврт век претставува симбол на независната и слободна мисла и клучен промотор на прогресивната музика, авангардната уметност и култура воопшто.
Со цел одбележување на јубилејот, Канал 103 ќе организира целовечерен музички фестивал, на кој, покрај плејадата бендови од македонската независна музичка сцена, ќе настапат и американските легенди Psychic TV.

PTV3_by_Shervin_Lainez_2015

Psychic TV се оформени во 1982 година, на трагите од култниот индастриал бенд Throbbing Gristle, а како продолжение на музичката фантазмагорија на неповторливиот/неповторливата Genesis P-Orridge. Се работи за можеби најмаркантната фигура на андерграунд сцената во 20/21-от век, културен провокатор кој ги помести границите на современите музички сфаќања и пракси до точка во која музиката, експериментот, авангардниот арт и древните ритуали креираат крајно возбудлив паралелен уметнички универзум. Во период од 34 години, колку што постојат Psychic TV, издадоа приближно исто толку музички изданија во кои фасцинира постојаната трансформација и жанровската разновидност во иновативни преплети од рок-психоделија, поп-деконструкција, индастриал атмосфери, модерни денс битови и експериментални звучни пејсажи. Нивниот актуелен албум “Snakes”, издаден во 2014 година, се најде во потесниот избор за албум на годината на голем број релевантни музички медиуми, вклучувајќи го и оној на Канал 103.
Роденденскиот фестивал на Стотројка ќе се случи на 14-ти мај (сабота) во Младинскиот културен центар (МКЦ).