Sweet Rapscallions со деби албум

Осмо издание на незвисниот музички издавач Шарла во вид на деби албум на битолското дуо Sweet Rapscallions – Stereo Memory (Live at Kanal 103). Се работи за 6 песни изведени и снимени во живо во рамките на емисијата Ако никој не свири на Канал 103.

Sweet Rapscallions foto

Sweet Rapscallions се музичко крило на битолскиот арт-колектив „300 работи“ кој негува уникатен музички стил инспириран од авангардните движења во популарната музика од доцните 70-ти и раните 80-ти години на минатиот век. Се работи за мрачен роматичарски израз сместен во вешто исткаен амбиент од битови, теми и семплови во кои пулсира атмосферата на дваеасеттиот век од неснимените соништа на Кафка, преку noar-филмовите до индастриал и авант-поп естетиката. Сугестивниот вокал на Phill Refill е ноќниот шофер низ овој 38-минутен музички трип, а тапанот-мембранофон на Skate Mate одлично се вклопува во електронскиот колорит давајќи и ритуален карактер на оваа современа дистописка визура на светот во кој живееме денес.
Sweet Rapscallions се препознатливи и по нивните живи настапи каде настапуваат како фиктивни ликови, т.н. вселенски обредничари со карактер и аутфит инспириран од паганските традиции од пелагонискиот крај. Користат бор-машина, чекан и шајки, тапан и лаптоп.
Албумот може слободно да се превземе во период од 30 дена од Шарла профилот на музичката платформа Bandcamp веќе од утре во 12 часот.