Концертна промоција на Mammoth & Yashem во Ла Кања

Вечерва во кафе барот Ла Кања во старата скопска чаршија со почеток во 21 часот ќе се одржи концертна промоција на најновото остварување на скопскиот соло артист Mammoth & Yashem.

MY_LK

Mammoth & Yashem – Atom EP е единаесеттото издание на независната музичка етикета Шарла. Се работи за електронски алијас на Ненад Тонкин, некогашниот член на популарниот поп колектив Bei The Fish и неговиот втор издавачки соло зафат. По концептуалното издание ,,Музика за неснимен краткометражен филм’’ од 2013 година за Шарла, враќањето на Тонкин е во сосема различен манир што не е неочекувано од овој познат музички патник.

Атом ЕП е вистински mood changer во чудната скопска пролет, интелигентен електронски колаж кој ќе ве однесе кон почетоците на овој жанр во 70-те кога аналогните соништа така луцидно ја опишуваа иднината која никогаш не се случи. Сепак, ова е многу повеќе од ретро-футуристичка авантура, Mammoth & Yashem успешно го поместува расположението кон нежно џезиран сонлив пејсаж во My Birthday is и секако електро-краут бравурата The first step is која е tour de force на ова издание. Поискусните техно фанови сигурно ќе ја „сместат’’ Molecural во прочуените електронски компилации од раните 90-ти преку кои тогашните генерации се хранеа со овој музички став. Како гостинка на изданието во две од четирите нумери се појавува гласот на актерката Наташа Петровиќ во вид на семплирани реплики од новиот театарски проект на режисерката Билјана Радиноска.

Mammoth & Yashem – Atom EP ќе може бесплатно да се преземе во наредните седум дена од bandcamp страната на Шарла.