Гоце Стевковски Септет

7 Stories

Се чини дека бројот седум е универзално прифатен во многу култури, и на западот и на истокот, како среќен или свет број. И се чини дека бројот седум може да се најде на многу други места, вклучувајќи ги седумте светски чуда, седумте мориња, седумте доблести и седумте бои во спектрумот. Додајте го на оваа листа дебитанскиот албум на тапанарот Гоце Стевковски, „7 приказни“.

Ако се следи неговата кариера, може да се увиди една траекторија која го прави сличен со неговиот колега Manu Katche. Иако овие двајца немаат заеднички стилски обележја, и обајцата ја изградија својата репутација работејќи со признаени артисти во различни жанрови пред да ги отпочнат своите успешни соло кариери во џез музиката.

Способноста на Стевковски како бенд лидер не е толку докажана како неговото учество во високо етаблирани групи како Бодан Арсовски Езгија Бенд, Архангел, Леб и сол, Проект Жлуст, ДНО или бројните џез проекти. Сепак, на овој албум, тапанарот успева да направи импресивен потфат каде ангажира неколку млади пиштолџии во истурените првите редови – трубачот Трајче Велков и саксофонистите Кире Кузманов и Иван Иванов – поставувајќи ги рамо до рамо со неколку постари музичари како тромбонистот Сашо Николовски, клавијатуристот Дамир Имери и басистот Александар Икономов. Кога ќе се собере сето тоа на едно место се добива слика дек 7 приказни е уште еден пример на моќен коктел кој го комбинира младешкиот елан и талент со прекалени ветерани создавајќи интегрирана и импресивна целина.

GSS

Во кинеската култура бројот седум исто така симболизира и зедништво, а меѓу членовите на бендот на Стевковски се чувствува другарство и меѓусебна почит. Како резултат на тоа ова издание ја има мобилноста на еден помал бенд кој ја има снагата и разновидноста на еден биг бенд.

Како автор на сите композиции се јавува Стевковски, но аранжманите не откриваат доминантна персона. Една од неговите главни карактеристики и предности се ритмичкото разбирање за секоја дадена околност или ситуација, секогаш применувајќи ги своите вештини со соодветна мера. Затоа и во минатото успешно се снаоѓач во бендови со различни стилски изрази и сензибилитети. Меѓутоа, како музичар тој никогаш немал афинитети и склоности за екстремните страни на џез екпериментирањата (фри џез или фри импров) и повеќе е насочен кон градење на воздржани патерни и одржување на ладна глава.

7 приказни е ретко остварување на овие простори: тоа е post-hard bop албум со силни и певливи мелодии, со прекрасни моменти кои одржуваат совршен баланс меѓу флешот и суптилноста без изнасилени обиди да импресионира со инструментална виртуозност. Низ седумте траки, кај кои може да се почувствува динамиката и интеракцијата во стилот на вториот квинтет на Мајлс Дејвис, сето тоа е зачинето со суптилен фанк и разиграни хармонии. Буквално кај сите овие нумери бендот ја „готви„ својата приказна. Мелодиите се на прв поглед измамнички едноставни, но ако се заслушате сфаќате дека е вложен силен напор за тие да звучат толку едноставно и дека се работи за впечаток кој набргу се шири.

Композициите се аранжирани така што ги апсорбираат текстурите и посветеноста на детали на биг бендовите, а згора на тоа Стевковски игра на силата на поединечните членови на бендот, овозможувајќи им доволно простор за секој од нив да го презентира својат стил и карактер. Насловната нумера со која се отвора албумот е јаготката на шлагот и во неа целиот бенд го дава најдоброто од себе. Стевковски ја отвора нумерата со тивка игра на чинелите и заедно со Икономов нежно ја поттикнуваат музиката напред. Ова не е свинг во традиционалната смисла на зборот, но сепак е, како и се останато, многу мелодично и добар вовед во индивидуалните гласови на бендот.

Кај сетов во основа нема вишок моменти, но како што бендот почнува со прегресивниот post-bop на „7 Rivers„ станува јасно колкава е динамиката на интеракцијата кај овој ансамбл и колку добро се уиграни меѓусебно. 7 Rivers оди горе-долу, каде басот на Икономов демонстрира вештина, виталност и соврешен тон, додека дувачката секција уште еднаш го покажува својот талент – не само како добри солисти, туку и како и како одлични ансамблски свирачи, кои ги водат своите линии со авторитет и полетност.

7 Days ја покажува авантуристичката страна на Стевковски. Отпочнува со трубачкиот воен повик на Велков и продолжува во порелаксирано темпо со тврдите сола на Велков и Николовски растејќи со неизбежен интензитет и грандиозност за конечно да доживее климакс во сигурен свинг и динамични размени во нивните сола. Веселата 7 Dwarfs е најсекси нумера на албумот. Се развива од бавна и лежерна фанки бас линија во која страствените линии на дувачката секција и клавијатурите на Имери додаваат одмерени мелодии кои лебдат над walking bass делниците на Икономов – тука има типично перчење на еден џез бенд во полн лет кој е носен од еден прекрасен грув.Завршната 7 Mountains е прекрасна и нежна балада која во себе носи ноктурнално чувство подзасилено со олд скул свирењето на Велков.

Суеверноста на страна, септетот завршил одлична работа. Резултат на тоа е сет кој е полн со безброј поджанрови и динамики, но се обединети со силна авторска визија. Стевковски се покажува во одлично светло и како автор и како бендлидер. Сите овие композиции ја покажуваат неговата умешност како автор кој точно ги препознава способностите и снагата на членовите на својот бенд. Најчест проблем кај групите со оваа големина е одржливост на долги стази, но би било навистина убаво ако визијата на Стевковски опстои и се развие понатаму бидејќи оваа група музичари имаат да кажат уште многу.

 

Листа на песни: 7 Stories; 7 Rivers; 7 Days; 7 Dwarfs; 7 Sins; 7 Wonders; 7 Mountains.
Гоце Стевковски: тапани; Трајче Велков: труба; Кире Кузманов: алт саксофон; Иван Иванов: тенор саксофон; Александар Икономов: контрабас; Дамир Имери: клавијатури; Сашко Николовски: тромбон; Оскар Салас: перкусии.
Издавач: Password Production

 

Ненад Георгиевски
All about jazz 20 август 2013