PMG Kolektiv

80Ти | EP

Назад во иднината

 

Најновата, авторска музичка објава на PMG Kolektiv е неоспорен доказ дека се работи за вистинскиот (пост) модерен бенд произлезен од скопскиот асфалт. Со повеќегодишно неуморно работење, редовно концентрирање, пратење на актуелните музички трендови, но и енциклопедиско познавање на минатите музички жанрови, ПИЕМЏИ Колектив, полека а сигурно, се наметнаа како креативна групација со посебен стил, кој по квалитет соодветсвува со светските музички текови. Едноставно, тие се бенд кој не смее да се изостави.

80Ти, насловната и воедно воведната нумера во ова ЕП издание, е дефинитивниот indie/dance хит на сезонава. Одлично испродуцирана, аранжмански стегната, беспрекорно отсвирена, песната е создадена за “непознатите” подиумски уживања, но и за интровертни промислувања и доживувања. Текстот, само навидум е помалку шеговит, саркастичен. Во суштина, текстуално 80Ти перфектно го доловува духот на времето, ја допира постојната и постојано присутна меланхолија, го претставува повеќе од потребниот ескапизам, неопходен за какво-такво преживување во овие специфични времиња. “Интерплеј”-от помеѓу машкиот и женскиот вокал драматуршки ја обојува песната. Конструктивно назад кон подобро утре!

Втората композиција поместена на ЕП-то е Атмосфера. Се работи за преработка на култниот сингл на Joy Division, еден од најпотресните и најубави синглови во современата музика. Овој бесценет музички дијамант , избрусен од страна на ПИЕМЏИ, звучи ново, свежо, со потполно разбирање на оригиналната вредност, но и со доволно храброст и умеење во вметнувањето на сопствениот печат. Преработка на ниво. Нови аранжмански решениа, точна, прецизна свирка, етеричен вокал, Атмосфера е пост панк за 21 век. “Познато” аудио уживање кое се слуша и чувствува повторно и повторно.

JFK, нешто постара песна на ПИЕМЏИ Колективот, со изведба во живо го заокружува изданиево. Снимката го прикажува колективот како жива материја, органски проект кој подеднакво квалитетно звучи како во студио, така и на сцена.

80-ти е издание кое треба да се поседува, да се преслушува, презентира. ПИЕМЏИ Колектив се формација која постојано еволуира, се надоградува, надоврзува, трага по нови идејни решенија. Јадро на креативна  енергија, пример за останатите, достоен за почит.