Лудите дијаманти со атомско срце

Со години ми тлее во глава прашањето: „Дали „Пинк Флојд“ се музички футуристи? И колку филозофската детерминираност на минатото ги инспирирало да ги создадат тие петнаесет албуми од кои иднината сама се поттрунува напред и секогаш станува недостижна за нас кои слушајќи ги го напуштаме оној афинитет музиката да ни ги разбуди чувствата или барем да уживаме во нејзината „хармоничност“ како што тоа на пример би го правеле со класиката. Уште со самата нивна појава со тој фамозен „Свирач на вратата од зората“, митско суштество од романот на Кенет Греам „Ветерот во врбите“ тие најавуваат една екстраординарно-хипнотичка шема со која сосема го менуваат нашиот ментален склоп.

И тоа не се случува само на крајот од шеесетите години кога се појавуваат тие, во време кога светот полудува по хитовите на „Битлси“ и кога сите оние кои само што се одделиле од дваесеттите години возраст се треселе и паѓале во транс на сексипилниот рокенрол на Елвис Присли, туку овие „психоделични“ музички манијаци успеваат да убедат еден огромен конгломерат на музички фанови кои не се чисти конзумери, но наоѓаат некаков индиректен ангажман во она што го слушаат да уживаат во немузикалната и полна со ефекти и повремено атонална композиција. Вотерс и Сид Барет во својите млади години како и Шенберг во класичната музика побараа една друга сонда – темните страни да душевните превирања. Малку излитена синтагма, но многу кажува. Темните страни им ја донесоа „Темната страна на месечината“ која стана антологиски албум и заедно со „Клубот на осамените срца на Наредникот Пепер“ на „Битлси“ го одбележаа музичкиот дваесетти век со двата антиподи – проклетство на психичка напнатост и адреналински рок со незапирлива динамика и најпосле, и двата албуми ги најдоа своите врски – во психоделиката на „Еден ден во животот“ и повремените ефекти кај „Битлси“ од едната страна, а и во рок делниците на „Време“ и „Пари“ кај „Пинк Флојд“. Диспаратноста на Флојдовите вечно опресивни пасажи е најглавниот мотив во сите нивни албуми – дури и на последниот албум „Бескрајна река“ кој е создаден од нереализираните нумери отфрлени во креирањето на нивните последни албуми. Генерално, психоделиката како последица од супстанци кои предизвикуваат промена на душевната состојба за одредено време во оваа почетна, креативна гама има маглив облик кој еден од основачите на групата, Сид Барет ја хомогенизира низ конзистетно одбрани ефекти. Во тој прв период на Флојдовците овој композитор, за жал, таа психоделична алтерација ја примил и во своите дамари и завршил во душевна установа. Оваа непосакувана консеквентност го подигнала фидбекот кај реципиентите кои размислувале сосема поинаку од поклониците на априорниот рок и оваа група многу рано стана икона во територијата на рокот. „Астрономска доминација“ и „Меѓуѕвездена истоштеност“ со нивната зачудувачки голема минутажа за разлика од двеминутните рокенрол песнички станаа навистина мисловна доминација во надојдувачкиот период на „флауерс пауерс“. Крајот на шеесетите години и почетокот на седумдесеттите беше период на многу дрога, исклучителна опуштеност во скоро сите сфери на духовно живеење како и на страстното конзумирање на цигари како начин на опуштање на човечкиот духовен хабитус од стегите на угалдениот и костумосан период на педесеттите години. Оваа почетна сензација го одбележа тој прв период во кој стиховите од нивните нумери се движеа во подрачјето на флуидната психоделика кореспондирајќи со тој разбудувачки струеж каде „пороците“ стануваа составен дел од секојдневието. Флојдовци овие инцијации прилично храбро ги поврзуваа со планетарните вијанија каде од круцијално значење е „Намести ја контролата врз срцето на сонцето“, нумера која има еден зачудувачки слаткаст ритам со лесна ориентална поместеност и со стихови кои се обидуваат да ја дефинираат таа горенаведена флуидност со веќе опипливи асоцијации како што се природните поместувања и планетерните опструирања на човековата свест. Во тие неколку први албуми на Флојдовци има една многу интересна појава, а тоа е честото инсистирање на рима. Ритамот кој го бара музичката хармонија на нивните нумери полни со консеквентни ефекти не ја бара римата како реторичка и литерарна одредница.Едноставно, групата во своите текстуални пасажи сакала римата да го одреди тој контрапункт со потенцирање на литерарната среденост како порака до хаосот на потсвесните превирања чија музичка тематизираност е дефинитивното јадро на програмската определеност на групата. „Свирачот на вратата од зората“, „Амагама“ (или Умагума како Британски, поточно Кембриџски сленг за секс), „Чинивче со тајни“, „Повеќе“, „Мајката со атомско срце“, „Реликвии“, „Помешувања“, „Затемнето од облаците“ се седумте албуми кои со својата густа присутност ja одбележуваат квинтесенцијата на групата која покрај прогресивниот рок успева „досадната“ психоделика полна со ефекти и достапна само за одреден сегмент од публиката да постане општо прифатлива. Покрај текстуалната сеприсутност која делува напати исцелително, а напати фатално, таа има и една артистична импактност. Имено, во точно одредени и мајсторски водени пасажи „Пинк Флојд“ внесува питки рок навеви потхранети со таа прифатлива рима, всушност еден enjoyable пакет со кој успева да ги сервира ефектите дисторзии без текст или со речитативи од кои најтипични се „Меѓуѕвездената забрзаност“ и масивната „Сизиф“ од „Амагама“.  

Оваа тектонска доминација со неизбежните рок варијабли групата ја заменува со една друга музичка фасцинцаија која на почетокот на седумдесеттите години зема огромен замав – симфо рокот. Овие музички (и текстуални) состојки во тоа време најмногу ги користи фамозната „Џетро Тал“, група која има едно високо ерудитивно ниво и промовирајќи го наголемо тој сегментирано дистортен симфо рок делува инспиративно дури и на групи како што е „Пинк Флојд“. Трите антологиски албуми од тоа време се „Темната страна на месечината“, „Би сакале да си овде“ и „Животни“. Овде флојдовци понираат во една крајно егзистенцијалистичка филозофија и се занимаваат со нејзиниот нихилистички контекст. Конечно, и покрај високиот процент на музички дисторзии и ефекти, овие три албуми се оние по кој се препознава оваа група. Во текстуалната маса тука повеќе е присутен белиот стих и една сосема поинаква ориентираност. Имено, за флојдовци, во овие нумери пеколната машина во човековиот елементарен животен стил почнува да чука на секоја минута од неговото секојдневие. Така темите за времето како реална категорија, за парите и еден цел албум посветен на духовната беда на животните причинета од човековата опресија ги отвораат социјалните и општествени грижи на групата која симфо рокот го употребува само како амалгам преку кој нихилизмот е начин на бунт сосема поинаков од оној во шшесеттите години. Да не заборавиме дека овие албуми се појавуваат во време на најапсурдните пиеси на Бекет и Јонеско,  на раната Марина Абрамовиќ и депресивната Јоко Оно, како и на дисторзираниот филмски гениј Микеланџело Антониони со кои „Пинк Флојд“ и соработуваат на неговата „Црвена пустина.“

„Ѕид“ е врвот од кој флојдовци веќе полека ја „спуштаат“ топката кога е во прашање ангажманот на оваа бележита група. Овој најкомплексен албум најавува еден нивни сосема поинаков оптимум кој малку изненадува со својата „приземност“ но, од друга страна е импозантен со својата сјајна музичка детерминираност. „Пинк Флојд“ со овој албум и исфрлањето на безвременскиот хит „Уште една тула во ѕидот“ продираат во порозноста на секоја општествена реалност. Овој албум го најавува и нивниот политички ангажман кој Вотерс и го продолжува со своите солистички албуми (Радио Х.А.О.С.), а најмногу го има во следните нивни тематски возбуди кои се нарекуваат „Моментално губење на разумот“, „Конечен рез“, „Ѕвоно за поделба“ и последниот „Бескрајна река“ кој зачудувачки се појави дваесет години по нивниот распад. Се чини дека нивната иснпирираност од политиката има некаков логички след со оглед на тоа што овие албуми се појавуваат во време кога се случуваат најголемите политички и воени превирања во светот – поделбите и прекројувањата на териториите, големата поларизација на Западот и Истокот, како и нуклеарниот предизвик. „Пинк Флојд“ својот ангажман и како поетика и како музичка предодреденост не го протежира само филозофски. Нивниот ангажман има силен општесрвен импакт. Политичката бунтовност е само иницијција. Флојдовци во нивната музичка хибридност каде рокот има извесна доминација успеаја да се наметнат како начин на духовна определеност. Нивната контраверзна максима „нам не ни треба образование …“ не е максима. Таа е скарадна форма на изразување која се покажа многу жива во овој проклет дваесет и први век кој ерудитивноста (исто така контраверзно) ја смета за маана, а не за доблест и во таа насока флојдовци имаат пророчка улога. „Бескрајна река“ е нивни артистичен исцедок и тие за последен пат се собраа за веројатно да видат колку нивната тивка вода која успешно ја проектираа кај сите реципиенти во шеесетите години се уште функционира. Овој албум е еден вид на рамен сублимат од се што направиле во последните педесет години. Тие рецепти, претпоставувам дека тешко функционираат во глобално милје каде информацијата веќе не е недостапна и каде општествениот и политички ангажман тешко проаѓа затоа што има недостаток на варијанти. Тоа и во текстуална и во музичка смисла го потврдува и нивниот легендарен фронтмен Роџер Вотерс во својот последен самостоен албум кој неодамна излезе и чиј наслов е „Ова ли е светот во кој сакаме да живееме“. „Пинк Флојд“ беа музички футуристи, но тоа не е одговор на моето прашање. Прашањето кое секојпат кога ги преслушувам наново си го поставувам. Тие својата егзистенцијалистичка филозофија ни ја даруваа во целофан на епска фантастика и тоа денес се нарекува “дистопија“, а нивната музика „психоделичен рок“. За сите оние кои мислеа дека со последниот албум во 2014 година „Пинк Флојд“ имаа уште многу штом да кажат, се излажале. Тие како артизам кој ќе се памети го проширија своето знаење и влијание најдлабоко што можеа. И крајот сепак не е начин на умирање. После секоја реченица ставаме точка. И тоа не е ништо погубно. Затоа што имаме нови реченици и нови пасуси, а „Пинк Флојд“ свои следбеници. И така натаму…