bvdub

A History Of Distance

Brock Van Wey издава по 4-5 па и повеќе изданија за една година под неговиот псевдоним bvdub. Неговата хиперпродукција е во распон од она што го нарекуваме даб техно (во неговата порана фаза), па се до амбиент со даб влијанија (во подоцнежните изданија) и сето тоа подведено под неговата препознатлива продукција, која кога ќе ја чуете не можете a да не ја препознаете. Не само по стилот и долгите аранжмани, туку и по сензибилитетот и емоцијата. Неговата музика е канал за неговата интимна емотивна состојба. Насловите на песните реферираат кон причините за таа неизмерна тага, со која едноставно можете само да се совпаднете доколку се наоѓате во слична состојба. Преку својата музика го оплакува изгубениот пријател, се сеќава, умира сам,  простува, или пак го крши срцето…

bvdub

Тој е суверен во непоправливата меланхолија. Талка сам по есенскиот дожд низ урбаните прерии на големите метрополи и ужива во болката. И на овој албум повторно е во егзистенцијален грч. Па честопати ќе ве поттикне да се запрашате дали неговите наслови се преиспитувања и внатрешен разговор или се однесуваат на некоја конкретна личност, што во случајов и не прави некоја голема разлика. Што се однесува до техничкото ниво, албумот е повторно во добро препознатливата комбинација на амбиент, даб влијанија, суптилни машки/женски вокали, овој пат и суптилен прекршен ритам кој дава костур на аморфните падови. Во целата хиперпродукција сепак како малку стилски да се повторува, со што може и да ви здодее, секако само доколку го следите во континуитет од неговите први изданија, кога навистина имаше што да понуди како звук кој изобилува со свежина. Но и покрај тоа, bvdub со последното издание е совршена прилика за една длабока емотивно/интроспективна прошетка и преиспитување низ влажните улици на вашиот град во доцен октомври.