Сè се сведува на чиста енергија

Agnostic Front во живо во МКЦ 28 јуни 2017

Да бидам јасен од почеток, Agnostic Front никогаш не биле мој топ бенд, но она што го доживеав завчера на нивниот концерт во МКЦ ме натера да напишам неколку реда кои ќе ги искажат моите импресии за настанот.

AF1фотографии: Стефан Рајхл

 

Во далечните 80-ти, во првата половина, кога започнав да слушам хардкор, моите идоли беа првата генерација американски панк/хардкор бендови (Black Flag, Dead Kennedys, D.O.A…), односно од европскиот хардкор вниманието ми го привлекуваа скандинавскиот (Kansan Uutiset, Bastards, Bannlyst…) и италијанскиот (Declino, Wretched, Raw Power, Negazione…) звук. Литература која ја конзумирав, која патем ми беше библија – Maximum rocknroll, едноставно ја игнорираше таа нова NYHC сцена, поради причини кои подоцна ги сфатив но не и одобрив. На време ги слушнав United & Blood и Victims In Pain, но освен возбуда никогаш не ме навлекоа на Agnostic Front, особено ме одби нивната фаза од втората половина на 80-те кога започнаа да имплементираат метал влијанија во своите песни, звук/комбинација која никогаш не сум можел да ја „сварам”. Некаде во новиот милениум, поизразитата употреба на street punk/oi звукот, пак ме натера да им се навратам но повторно немаше некоја голема љубов. Но почит секогаш постоела, огромна почит кон тоа што го создаваат и кон печатот на punk/hc сцената кој го оставија.

AF2

Среда, околу 14:00, во АП(о)ТЕКА ми влезе Roger Miret. Во МКЦ пристигнаа рано наутро, но половина ден го поминаа во својот автобус, дури попладне почнаа да се шетаат низ домот. Поради погоре искажаното немав некои очекувања ниту пак желба за разговор по било која тема, едноставно чекав да го видам концертот кој следи и да го впишам како еден од оние што се случиле во МКЦ. Но, работите тргнаа во друга насока, Roger започна да се интересира за винили, за оригинални punk/hc изданија, навлезе на мој терен. Започна дискусија од која сватив дека со човекот имаме многу слични, па и исти музички влијанија. Скоро во исто време, тој во Америка, јас во Македонија, сме се воодушевувале од исти бендови, пред сè скандинавски хардкор, особено омилениот ни американски бенд на двајцата – Misfits. Разговорите се проширија, за Maximum rocknroll, за Biafra, за Agnostic… започнав да му пуштам и објаснувам за ех YU хардкор сцената, како и за македонската панк сцена. Внимателно ме слушаше и мене и музиката. Ми купи неколку плочи (ех YU HC и Brigade OD, XaXaXa….) но и разменивме контакти за да во иднина размениме и други плочи. Roger e винил манијак со колекција од неколку илјади плочи. Човекот просто ме воодушеви, со големата страст и енергија кон музиката, сè уште на свои 53 години. По два часа муабети и слушање музика, едвај чекав да дојде време за концертот. Одеднаш ја почуствував позитивната енергија која започна да струи пред МКЦ. Сè повеќе народ, сè повеќе пријатели доаѓаа од секаде… се пребројувавме дали некој недостасува. Еден поразителен факт кој што провејува во последните неколку години на концертите е немањето публика на возраст од 20 до 30 години, едноставно тие генерации ги снема, поради x причини. Но колку сме, толку сме… излезе доволно сме. Бројката од околу 500 љубители на хардкор музиката и на Agnostic Front, ветуваше добра забава.

NepokorLH

Некаде околу 20:30 започнуваат тетовските Непокор, првпат ги гледам и пријатно ме изненадија. Моќно и бескомпромисно, иако сè уште пред мал број на луѓе. По половина час следуваат бугарите Last Hope. И со нив се видов пред концерт, Алекс нè заборавил (па му објаснуваше и на Roger) дека првиот концерт на Last Hope надвор од Бугарија го имале пред точно 20 години, токму во МКЦ, токму на фестивал организиран од мене – Forever Punk, Forever Young. Last Hope се денес големо европско метал/кор име па и тој епитет го оправда со овој настап, сè уште пред мал број публика.

AF5

Некаде околу 22:25 од Денсинг салата започна да се слуша звук кој ме изненади, The Good The Bad & The Ugly, ремек делото на Morricone кое стана уште попознато како музика во панк круговите од моментот кога Ramones започнуваат да го користат како свое интро. Но ова се Agnostic Front а не Ramones? What the fuck is this? Веднаш побарав заедничка нитка… NY, CBGB… но толку. Звукот, како и мене, сите ги натера да се движат кон салата, наеднаш и холот и кафичот се испразнија, сите нагрнаа во салата. Започна испорака на енргија во најголеми можни количини. Првиот впечаток е дека AF се мајстори на занаетот, многу импровизации и недоследности во звукот ама чудно, никому тоа не му пречи. Сите скокаат и пеат, цела сала. Не ми пречи ни мене, бргу сфаќам дека бендот е свесен за своите години и недостатоци и совршено знае да манипулира со масите пред нив. Стигнуваат повици за circle pit, започнува и stage diving, фановите нон-стоп скокаат и пеат, гитаристот и лидерот на бендот Stigma како вистински шоумен повеќе комуницира со фановите со мимики и покажување на своето лого на гитарата отколку што свири, Roger како вистински фронтмен не престанува да мрмори во микрофон, да скока но и да пее заедно со публиката. Сè се сведува на чиста енергија. И создавање на позитивна атмосфера, без многу непотребно филозофирање. (За жал, ќе има и неколку инциденти, но нив ќе посакам да ги заборавам и не би им дал внимание тука). И додека се свестиш или додека посакав да слезам и запалам, а тоа многу често ми се случило во последните 15-20 години, концертот заврши. По 50 минути свирка. Неверојатно, додека трепнеш, без паузи помеѓу песни. Но, следуваше очекуван бис и големото „гранде финале“ изненадување (а можеби и не кога убаво ќе размислам) – Blitzkrieg Bop! Со најава и искажување на огромна почит кон оние што повеќе ги нема, кон учителите. Омаж од кој ти доаѓаат солзи на очи и омаж каков треба да им биде пример и на домашните бендови. Каква почит, од легенди кон легенди.

AF3

Импресиите во детали сè уште ги средувам. AF не биле мој топ бенд ама ова ќе биде еден од моите топ концерти кои сум ги гледал. А уште да бев едно 20 години помлад па да влетав во „шутка”, посакував. По свирката не се видов со Roger ама ги гледав среќните лица на моите пријатели и ги слушав реакциите. Не слушнав дека имало незадоволни, дури ни традиционалните „мрчатори” замолчеа. Ова беше концертиште! Денес разменивме неколку пораки со Roger, се разбира за плочи, но ми кажа дека и тие се презадоволни од настапот и приемот на публиката и ветува дека прва следна прилика би дошол пак во Скопје. Па до следнo видување Agnostic Front. И среќен ти роденден Roger Miret!

AF7