Cloud Nothings

Attack On Memory

Певливи панк рефрени полни со челична волна и обвиткани во фолија. Ова можеби е една од најсликовитите дефиниции за музиката која се наоѓа на новиот албум на Cloud Nothings, бендот кој е последната рок-атракција која доаѓа од САД. Вака, според реномираниот музички сајт „Pitchfork“, звучи групата од Кливленд која ја предводи досега анонимниот Dylan Baldi.
„Attack on memory“ е всушност третото долгосвиречко издание што излегува под името Клауд Нотингс, но без двоумење може да се нарече дека тоа е првиот сериозен проект на Балди.

Ryan

Овој музичар од Охајо се пробиваше во музичката индустрија најмногу преку блоговите за време на неговите студии. Објавуваше музика снимена во неговото сопствено студио и речиси и да не работеше со вистински бенд. Работите драстично се сменија минатата година, а резултатот од промената се промовираше на почетокот од 2012.
Не само што Клауд Нотингс сега се вистински панк-рок бенд составен од четири члена, туку „Attack on memory“ го снимаше магот на продуцентскиот занает во рок музиката, лично и персонално Steve Albini. Иако Клауд Нотингс во едно интервју велат дека Албини и не влијаел многу врз звукот на бендот, истренираните уши вендаш ќе забележат дека тоа е лага. Допирот на продуцентот се чувствуа во секоја нота, а оние за оние кои не знаат кој е Албини доволно е да кажеме дека тој е човекот кој пред триесетина години го обликуваше звукот на бендовите како Nirvana и Pixies.
Но да се вратиме на Клауд Нотингс и на нивниот „Напад врз сеќавањата“.
Иако чести се забелешките декa „Attack on memory“ не звучи компактно и е пократок албум од вообичаеното, тоа не значи дека панк-звукот што е спакуван во овие 33 минути не звучи свежо и поинаку од сето она што досега сме го чуле.
Првата песна на албумот „No Future/No Past“ почнува со пијано и малку поспоро но таа во себе го содржи тој сиров панк звук кој остава вкус на метални струготино во устата. На останатите песни звукот останува ист но врз него се накалемени поп рефрени, додека продукцијата е доведена до совршенство. Посебно се издвојуваат песните „Wasted days“ која од разиграна панк песна преминува во мала рок импровизација долга речиси девет минути, а ако веќе треба да предивидиме која песна од албумов има хитовски димензии ќе мора да кажеме дека тоа дефинитивно е „Stay Usless“.
Вредна за спомување е и триминутната инструменталка „Separation“ на која најубаво може да се чујат влијанијата на Албини и на неговиот бенд Shellac, кој не е лошо да потсетиме дека свиреше во Скопје пред речиси четири години.
Повеќе од сигурно е дека албумот ќе влезе во најтесниот избор за остварување на годината кај повеќето влијателни музички магазини, а нашето чувство е дека токму Attack on memory е албумот што ќе го најави најдоброто остварување на Балди.
Исто како што албумот „Bleach“ на Нирвана при крајот на осумдесетите го навестуваше нивното ремек дело Nevermind.
На „Attack on memory“ Клауд Нотингс го покажуваат и музичкиот талент и инструменталната зрелост само недостасува магијата која од добри албуми прави незаборавни музички парчиња. Затоа вреди да се почека оти само прашање на е време кога Дилан Балди ќе го даде најдоброто од себе.

 

16 март 2012
Дневен “Фокус”