Сounting crows

Аugust and everything after

Растев во 1990-тите кога тинејџерите се идентификуваа по тоа дали носат „Бенетон“ блузончиња или мартинки со тесни панталони и по тоа дали џепарлакот го штедат за пејџер или го трошат на пиење бамбус пред Соборна. Меѓу работите што нѐ идентификуваа беа и бендовите чии постери ги лепевме и чии песни ги пеевме со по некоја грешка во текстовите.

Музиката не беше достапна како сега на интернет и да се собираат касети и дискови беше скап и тежок спорт бидејќи некои од албумите можеа да се купат најблиску во Солун, а патот до таму водеше само преку редиците во грчката амбасада спроти „7-ца“. Тоа беше времето кога меѓу младите сѐ уште тлееa „војните“ од типот G’NR против NKOTB или (близнаците) Bros контра „Depeche Mode“.

И бидејќи луксуз беше да наполниш рафт со касети или со цедеа, најчесто се одлучувавме за бенд или два, и тоа беше нашиот знак за препознавање во тинејџерската џунгла. Кире од „Корчагин“ слушаше „Nirvana“, а другар му Зоки од Карев беше луд по „Maiden“. Јас немав ниту „Бенетон“ блузонче, ниту, пак, мартинки, пејџерите ми беа глупави, a од бамбусот и денес ми се повраќа – ама затоа си одбрав бенд. Или потточно бендот ме одбра мене.

Counting-Crows

Се сеќавам дека Counting Crows првпат ги слушнав на Македонското радио на онаа здодевна Американска билборд листа со хитот „Mr. Jones“ и со првите заштедени 150 денари се нацртав во „Поп-топ“, легендарната музичка продавница во „Скопјанка“. И го купив „August and everthing after“!

Тогаш не можев ни да претпоставам дека „Mr Jones“ ќе ми го отвори светот на бендот, кој звучеше како „R.E.M“ и пишуваше стихови како „U2“, барем така зборуваше музичката критика.

Кога и да ги чујам „Perfect Blue Buildings“, „Anna Begins“, „Omah“ или „Ghost Train“ ми се потат дланките, лицето ми смрзнува и метална прашина ми горчи во устата. Се чувствувам слободен како херојот од „Ловецот во р’жта“ на Селинџер, качен на некој правлив вагон од возот, кој преку бесконечните американски прерии оди некаде, најмалку битно каде. За мене „August and everthing after“ е единственото можно продолжениe на „Nebraska“ на Шефот Springsteen, топлиот и сув антипод на ледениот „Itno The Wild“ на Eddie Vedder и една од најдобрите плочи на 1990-тите.

Музиката на Адам Дуриц и дружината ја има на интернет, може да се симне преку торент или едноставно песна по песна да се преслуша на Јутјуб, а сега и Солун не ми е толку далеку.

Ама ако за нешто ми е криво, ако за нешто ме пука носталгија со сила на птичји грип во коскено ткиво, тоа е затоа што ја изгубив касетата на која омилена песна ми беше „Round here“.

„Maria came from Nashville with a suitcase in her hand

she said she’d like to meet a boy who looks like Elvis

she walks along the edge of where the ocean meets the land

just like she’s walking on a wire in the circus“.

Пред 21 година мислев дека Дуриц со „Counting Crows“ ќе биде Боб Дилан на мојата генерација, ама по првиот албум тој никогаш не се врати на нивото од „August and everthing after“.
Бендот сѐ уште постои, твори со децении и годинава има нов албум, ама мене ми е страв да го преслушам. Страв ми е бидејќи по август 1993, веќе ништо не е исто!