B Film Reader | Зборник на американскиот Б филм

B film reader

 

Ако постои нешто што може да ги спои сите овие различни автори и актери, кои работеа во различни жанрови, со различен степен на филмско образование и со различно познавање на вештината на правење филмови – а кои сите ги категоризиравме во зборникот под, за многумина нејасната категорија Б-филм – тоа, секако, ќе биде нивната огромна, можеби и животна потреба за правење филмови. И навистина, креацијата како вид на ултимативно исполнување на желбата е она што, според Тим Бартон, ги става на еднакво рамниште најдобриот и најлошиот: Орсон Велс и Ед Вуд. Поттикот да се создаде филм или да се оствари уверлива креација во него ја сочинува основата на филмското творештво уште од самите негови почетоци, но се чини дека таа желба никаде не беше повеќе изразена отколку кај авторите на Б-филмот.

Овој зборник, иако базиран врз прегледот на карактеристичните автори, актери, теми и жанрови во кои се пројавуваше Б-филмот, посебно ја акцентира невиноста на Б-филмаџиството која, во времето кога светот ја слави стогодишнината од појавата на подвижните слики и кога се согледуваат аспектите и значењето на најекспонираната уметност во овој век, пробудува зголемен интерес и кај авторите и кај критиката. Овој зборник, освен што ги разгледува причините за големиот ривајвал на Б- филмот, нуди и пресек на модалитетите во рамките на кои се развиваше критичката мисла и размислувањето во и за филмот, од времето на немиот филм, па се до денес.

 

Приредил: Љубиша Петрушевски
Издавач: Музеј на современата уметност – Скопје, 1997
Едиција: Playtime