El Columpio Asesino

Ballenas muertas en San Sebastian

На 6-ти декември 2012 година, еден кит беше исфрлен на Ла Конча плажата во Сан Себастијан, умирајќи пред очите на туристите – посетители на плажата. Петтиот албум на бендот од Памплона го доби името по овој настан; албум поради кој беа заклучени во куќа во мало гратче во северна Шпанија во импровизирано студио, без интернет. Три месеци подоцна, излегоа од куќата со албумот во рака.

“Ballenas muertas en San Sebastian”, со осум песни и прекрасно интро, кое злокобно и вознемирувачки јасно покажува што следува во остатокот од албумот. Земајќи го китот како симбол, се трудат да се дистанцираат од падот на вредностите и мизерното ниво на моралот во ова време на социјална и економска несигурност во Шпанија, но и како симбол на сонот за промени, кои, се чинат дека никако да дојдат.

Со нивниот очајнички крик, кој се протега по патот на електрониката отворен од “Diamantes” (Mushroom Pillow, 2011), но ги остава на страна нежните ритми и се впушта во поиндустриски звуци, инспирирани од Einstürzende Neubaten, повеќе краут, кој остава повеќе простор за звуци како од техно поп-от од осумдесетите па се до андерграунд звуците од Њујорк од 80-тите, и доцните шпански пост-панк формации, радикалниот баскијски рок и безвременските класични албуми кои секогаш ја следеле оваа група.

Употребата на синтисајзери, бас и ритам машини, создава опсесивни ритми, оставајќи ги гитарите на страна, дотогаш клучен инструмент во нивната работа, кој за целите на ова дело загуби на значење. Групата продолжи да го исцрпува својот речник без да заборави во надреалните текстови да се одрече од сегашните општествени и економски проблеми.

Alvaro Arizaleta (вокали и гитара) во “Babel” прави своевидна вавилонска бура во која владее конфузија, додека, пак, Cristina Martinez (гитара и вокали) ја презема контролата во вториот дел на песната, со поп мелодија која ни дава оддишка од агресивниот и мрачен почеток. Иако одбрана за сингл, оваа песна е далеку од нивно најдобро дело.

Ехото на “Suicide’s” се појавува во “Escalofrio”, како интензивен ритам не носи во приказната за бессони ноќи, самотија, и скршени срца, затворајќи со моќен крај во кој електронски и индустриски звуци се испреплетуваат.

Како калеидоскоп на западната мизерија, “Ballenas muertas en San Sebastian” содржи колаж од распаѓање и скапување прикажан преку кола која експлодирала во Москва, залутан брод без капетан, смрдливата Венеција и кит исфрлен на плажа. Ова чувство на немир се повторува преку гласот на Кристина во “A la espalda del mar” и во “Anzuelos”, оставајќи повеќе простор за светлина, но и мелодија за повторно нурнување во темнината во “Susúrrame”, песна која станува се подобра со секое наредно слушање за, на крајот, да стане најдобра на албумот. ¨La lombriz de tu cuello¨ – олицетворение на немирот, и ¨Entre cactus y azulejos¨ – базирана на суптилна електронска линија, го затвораат албумот кој носи бунт против целиот конзервативизам на денешната шпанска алтернативна сцена.