Крсте Роџевски

Батаниа

Мора да е прилично некомфорна состојбата да живееш во Њу Јорк а да си постојано со мислите таму некаде од каде што си дошол. Ако си типичен гастарбајтер, веројатно  со нетрпение ќе ја очекуваш својата порција ајвар пратена по брза пошта. Ако си доктор по медицина, заминат пред 17 години од Битола, а притоа и музички обдарен, веројатно тој копнеж да го овековечиш во песна. А Крсте Роџевски го направи токму тоа – создаде 10 песни за сеќавањата, за чувствата, за спомените, евокативни и реминисцентни, свесно спојувајќи ја самобитната македонска елегија со њујоршката музичка естетика, повеќето од нив напишани за помалку од еден час а снимени за само два дена. А на албумот Батанија Роџевски ги отплеткува мемориите за топлиот бран од Јени маале, Лазарките разиграни, мирисот на багремите, стравот од промаја, прегратките нескладни, волненото ќебе на баба му Севда, за Битола… интимно, искрено и отворено. Батанија ги обединува највозбудливите музичари на њујоршката џез и импро сцена: Мери Халвoрсон (електрична гитара), Кирк Кнафке (труба), Мајкл Бланко (контрабас) и Тома Фуџивара (тапани). Македонски блуз, боса-нова, џез и кантри на едно место сместени во благопријатно хармонско удобство, помалку предвидливо, но исткаено суптилно, како сон и предание во еден здив. Напред во минатото. Музика за од колено на колено.

 

Саша Павловиќ | Коза Ностра 7 | 5 ноември 2015