Atom™ & Marc Behrens

Bauteile

Секој нов проект на Uwe Schmidt, најчесто претставен под името Атом™, е сабајлешно неделно чукање на црковната камбана. Секоја негова соработка со друг артист доловува специфичен перформанс, во овој случај радио перформанс премиерно претставен на фестивалот CMT Берлин 2013, а реализирано на албум 2014. Во живо лани на првата вечер на фестивалот, овој необичен проект (специјално продуциран за Deutschlandradio Kultur) претходеше на концертот на Matmos. Необичното беше во тоа што тие двајцата под рефлектори седејќи во фотелји (со графичка позадина на АМ и ФМ модулација) ги гледаа сите присутни во салата, исто како што сите ние ги гледавме нив на сцената без било какви активности од двете страна. Само слушање. Bauteile е незапирлива, а во моменти се чини дури и спонтана, авантура на различни фреквенции која може да се имитира ако се впуштете во ретро лов на ФМ бранови со помош на некое радио, без разлика колку тоа ќе изгледа заплетено и звучи наивно. Концепт или неконцепт, овој е еден од тие посебно дизајнирани аудио проекти кои можеби се слуша еднаш на подолго време, можеби еднаш засекогаш. Баш заради тоа уникатно чувство, овие 70 минути доловуваат моменти кои ги демистифицираат историските и стилските важности на жанровите и на крај краишта си игра со веќе бајатиот дефиниран постмодернизам како со хулахоп. Play it again Sam.