Еееех, тежок живот уметнички

Bernays propaganda 2020 турнеја извештај: 29 март @ Kabinet MÚZ (Брно, Чешка)

После вчерашната незаборавна забава во Прага стандардите за добро поминато време ни се покачија за добри 30%. Полни со позитива го возиме за нас добро познатиот пат до Брно. Добро, Дени вози пак и тешко го препушта воланот али ќе го начекам уморен некој ден, па и ја да ја управувам малку таа моќна машина. Ги слушаме во кола True Fir и Prach, бендовите со кои треба да настапиме вечер и уште одма се гледа дека ќе биде убава вечер. Kabinet MÚZ нè освои од прва.

Прекрасно место кое содржи клуб, веге ресторан, театар, продавница за плочи, галерија… на кратко, рај за екипа како нас. Можеби за некој е тешко да избере што прво од оваа прекрасна понуда но јас секогаш сум бил човек кој одма знае што сака така да правец во продавницата за плочи и погодете што? Рај!!! Си викам, да бевме поголем бенд ќе му букиравме карта на Тошо само за да можеме заедно да копаме по овие прекрасни плочи. Краток сум со пари за да купам нешто но за среќа гледањето и пипањето се дозволени. Краток не краток, пред мене се појавува плочата која никогаш не ја купив Tuxedomoon – Half Mute, па повторно ме фати винилното џанаштво така да позајмив пари од бендските и ја купив. Еве ја, во моите раце. Стрпи се душо, ќе дојдеме ние назад во Скопје па ќе те слушам!!! Одма барам клуч од кола за да ја оставам на сигурно за никој да не ми ја пипа. Се враќам, кога екипава моја нигде ја нема. Нормално, го прашувам барменот и одма добивам одговор кој ме смири. Екипата е во концертната сала. Влегувам и што ќе видам… ЛЕПОТА!!! Значи и вечер растураме затоа што местово е да ти е мерак да свириш. Реално, големко малце ко за нас ама ваљда ќе искочи све добро вечер. После тонските, вечера а тоа е супер прилика да се подружиме со колегите со кои што вечер настапуваме. Одлична екипа. Се утепавме од убави муабети а реално и заедно убаво го растуривме местото со нашите настапи вечерта. Еееех, тежок живот уметнички. Пред да кажам фала Брно, то ест фала од сè срце морам да кажам дека во продавницата за плочи нè замолија да избереме по една плоча што ја сакаме за да нè сликаат затоа што тоа е традиција таму, бендовите што свират да го прават тоа. Пошто Tuxedomoon нанкаше во кола јас зграбив некоја компилација од Ennio Morricone, Тина првиот од Dead Can Dance, Раде го зема Scum од Napalm Death, Дени Johnny Marr вториот… се наместивме ко за сликање, кажавме сирењееееееееее. Наздравје. Се гледаме на следната турнеја Брно.