Ако си пример, биди до крај

Bernays propaganda 2020 турнеја извештај: 26 март @ Nová Cvernovka (Братислава, Словачка)

Денес мене ми е ред да возам. Искрено, едвај дочекав. Кога си на турнеја во мала кола некогаш возачкото место е најудобно. Сé е тоа убаво ама уште не искочивме од Будимпешта и ете нé за неполни 3 саати во Братислава, така да немав баш многу време за релаксација преку вожња. Како и секогаш, нашиот стил е да отидеме во градот во кој свириме што е можно порано за да имаме време да видиме каде сме. Не ни е првпат да сме во главниот град на Словачка ама екипата е расположена за шетање.

Паркираме во дворот на Nová Cvernovka, некогаш хемиско училиште, денес културен центар. Местото си работи, луѓе си пијат кафе, си се дружат, иде на разглас пријатно музиче… Сепак одлучивме да одиме пешки до центар, што според објаснувањето на барменот е едно 1 саат, ама он не знае дека ние сме од Скопје и дека сме научени на шпартање. Кога стигнавме за 40 минути се ќе дадев да беше барменот пред мене за да му ја видам фацата после нашиот мал шетачки успех. Неофицијално, нема друг бенд кој свирел тука и одел пешки до центар, така да оваа прошетка не круниса во неофицијални шампиони. Секогаш е убаво кога ќе донесеш мала победа за Македонија. Уште вечер да растуриме и дупла круна не ни гине. Се мотаме по центарот на Братислава и го вртиме истиот муабет кој сам по себе доаѓа секогаш кога сме тука. А тоа е чувството дека Братислава и Љубљана се многу слични градови. Тоа во старт е голем плус, ако некој не прашува нас. Словаците се фини луѓе, културни, воспитани, добро изгледаат… така да е убаво да се шета меѓу нив. Трет ден на турнеја, предходните два концерти 5+, така да време е да се почастиме еден бендски фалафел пред тонска и ако сме добри и кафе, ама под услов да е во некое поевтино место зошто алоооооооооооо, не сме Ролинг Стоунс или бенд фундиран од државата. Расположени се враќаме назад, овој пат малку поспоро, 45 минути. Местово е фино, добро е… досега имаме среќа со клубовиве, ама чекајте уште е рано… има време да се свири некоја дупка секогаш. Nová Cvernovka е убаво средена, разгласчето спие, техничката екипа лета… све 5. Штета што не можеле да најдат предгрупа ама промотерот вика дека очекува доста луѓе (околу 150) а ние му викаме да не секира и да не губи од лепота затоа што ние рокаме скоро исто и пред 5 и пред 500. Денес сé ни иде од рака, ова е еден од оние датуми кога ништо не може да не запре. И види, стварно местово пристојно се пуни со луѓе, претежно млади што е вистинска реткост деновиве. На повеќето концерти последниве години просекот на екипата е 40+ така да често сум се чувствувам како да свирам на 25 години матура. Вечерва луѓето не играа многу ама имавме чувство дека нé слушаат со внимание. Ајде, па и од нас некој нешто да научи. Цела вечер пиев Кофола, зошто ми беше срам пред малолетната публика да цепам боровичка. Ако си пример, биди до крај. Концертот го отсвиревме на тенане, без притисок и мислам дека вечерва звучевме најдобро од сите три настапи до сега. Тоа ти е кога ќе влезеш спремен и опуштен во играта, среќата одма ти слетува на рамо.